Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 1)

Што да правам ако имам сериозна болест? (Дел 1)

 Дали познаваш некој млад човек кој има сериозен здравствен проблем? Дали ти имаш некоја сериозна болест или хендикеп што те спречува да го правиш она што го прават другите на твоја возраст?

 Ако да, сосема нормално е понекогаш да се чувствуваш тажно. Но, немој да паѓаш во очај. Во Библијата се запишани две мисли што можат многу да те утешат.

  •   Оној што те создал, Јехова Бог, многу добро знае во каква ситуација се наоѓаш. Што е уште поважно, тој се грижи за тебе (1. Петрово 5:7).

  •   Јехова Бог има намера да им стави крај на сите болести! За ова можеш да прочиташ во Библијата во Исаија 33:24 и Откровение 21:1-4.

 Многу млади луѓе кои имаат сериозни здравствени проблеми научиле да црпат сила од верата во Бог и неговите ветувања. Да слушнеме што имаат да ни кажат некои од нив.

 ЈЕИМИ

 Во инвалидска количка сум уште од 11 години. Не можам да правам ни едноставни работи, на пример, не можам да подигнам ниту лесни предмети.

 Кога имав пет години, лекарите открија дека имам мускулна дистрофија, болест која постојано сѐ влошува и многу ми го отежнува животот. Понекогаш, многу ми е тешко затоа што не можам да го правам она што го прават моите врсници. Но, татко ми и мајка ми, а и другите во собранието ми даваат духовна, емоционална и физичка поддршка. Голем дел од времето посветувам за да им ја пренесувам на луѓето пораката од Библијата. Честопати, моите соверници доаѓаат со мене кога одам да ги поучувам заинтересираните лица.

 Исус рекол дека секој ден си носи свои грижи (Матеј 6:34). Затоа се трудам да размислувам за денешниот ден, а не за тоа што ќе биде утре. Гледам да си поставувам цели кои можам да ги остварам. Копнеам по „вистинскиот живот“ во Божјиот нов свет кога повеќе нема да бидам болна (1. Тимотеј 6:19).

Размисли: На Јеими ѝ помага тоа што си поставува реалистични цели. Како може и тебе да ти помогне тоа? (1. Коринќаните 9:26).

 МАТЕО

 Кога имав шест години, добив болки во грбот. На почетокот, лекарите велеа дека болките се поврзани со растењето. Една година подоцна, открија дека имам тумор на ’рбетот.

 Имав операција, но хирургот ми отстрани само 40 отсто од туморот. По само два месеци, туморот беше голем исто како пред операцијата. Оттогаш, бев на многу испитувања, примав многу терапии, но сѐ беше залудно.

 Одвреме-навреме, имам многу силни болки по целото тело, а особено во грбот и во градите. Чувствувам како некој да ме прободува со нож. Но, се трудам да не мислам само на мојата болест. Се потсетувам дека и другите доживуваат ужасни работи, а сепак остануваат позитивни. Тоа што имам доверба дека Јехова Бог ќе го исполни своето ветување и ќе им стави крај на сите страдања ми помага да задржам позитивен став (Откровение 21:4).

Размисли: Како ќе ти помогне тоа што, исто како Матео, ќе размислуваш за ветувањето на Бог дека ќе им стави крај на страдањата? (Исаија 65:17).

 БРУНА

 Бидејќи на прв поглед не изгледа дека сум болна, некои луѓе мислат дека сум мрзлива. Но, јас не сум мрзлива, туку многу брзо се уморувам. Понекогаш ми е тешко да завршам некои работи низ дома, да учам, па дури и да станам од кревет.

 Кога имав 16 години, открија дека имам мултиплекс склероза, прогресивна болест која ме спречува да работам и да учествувам во христијанските активности онолку колку што би сакала. Често ги читам зборовите од 1. Петрово 5:7: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“. Ми влева сила мислата дека Јехова се грижи за секој поединец. Ова ми помага до ден-денес.

Размисли: Како ќе ти помогне тоа што ќе ги фрлиш сите свои грижи на Јехова, исто како што направила Бруна? (Псалм 55:22).

 АНДРЕ

 Некои луѓе се однесуваат со мене како со 10 годишно дете. Но, тие не се криви за тоа, навистина изгледам како десетгодишник.

 Кога имав две години, ми беше откриен редок вид на рак кој почна да се развива во ’рбетниот мозок и се прошири до мозокот. Лекарите успеаја да го стават под контрола, но терапиите што ги примав влијаеја на мојот раст. Висок сум само 1,37 метри. Многумина мислат дека ги лажам кога ќе им кажам дека имам 18 години!

 Во христијанското собрание, луѓето се однесуваат со почит кон мене. За разлика од децата со кои одев во школо, тие не прават шеги за мојата висина. Иако понекогаш не ми е лесно, се трудам да останам позитивен. Најдоброто нешто што може да му се случи некому ми се случи мене — го запознав Јехова! Што и да ме снајде во животот, знам дека Јехова секогаш ќе биде до мене. Тоа што размислувам за новиот свет што го ветил Јехова Бог ми помага да гледам позитивно на иднината (Исаија 33:24).

Размисли: Зошто може да се каже дека најдоброто нешто што може да ти се случи е да го запознаеш Јехова? (Јован 17:3).