Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да знам за спортувањето?

Што треба да знам за спортувањето?

 Спортувањето може или да ти користи или да ти штети. Сѐ зависи од тоа што спортуваш, со каков став спортуваш и колку време посветуваш на спорт.

 Кои се користите?

 Спортувањето може да ти го подобри здравјето. Библијата вели дека „телесното вежбање... користи“ (1. Тимотеј 4:8). „Спортувањето е одличен начин да бидеш активен“, вели еден млад човек по име Рајан. „Тоа е многу подобро отколку да седиш дома и да играш видеоигри.“

 Спортувањето те учи да бидеш тимски играч и да бидеш самодисциплиниран. За да пренесе една важна поука, Библијата употребува една споредба поврзана со спортување. Таа гласи: „Во една трка сите тркачи трчаат, но само еден добива награда“. Потоа продолжува: „Секој натпреварувач се воздржува во сѐ“ (1. Коринќаните 9:24, 25). Што може да научиме од оваа споредба? За некој да игра според правилата на еден спорт, потребно е да покажува самоконтрола и дух на соработка. И една тинејџерка по име Абигејл го мисли истото. Таа вели: „Тоа што се занимавав со спорт ми помогна да научам да соработувам и да комуницирам со другите“.

 Спортувањето ти помага да градиш пријателства. Играта ги зближува луѓето. „Речиси во секој спорт има одреден степен на натпревар“, вели еден млад човек по име Џордан, „но ако целта ти е да се забавуваш, спортувањето е супер можност да се дружиш со твоите пријатели“.

 Кои се замките?

 Што спортуваш. Во Библијата пишува: „Јехова го испитува и праведниот и злиот, а душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5).

 За некои спортови е сосема јасно дека се насилни. На пример, една девојка по име Лорен вели: „Целата поента на боксот е да го претепаш другиот. Како христијани, ние не учествуваме во тепачки. Тогаш, зошто да се забавуваме гледајќи го тоа на телевизија?“

 Размисли: Дали гледаш или се занимаваш со некој насилен спорт мислејќи дека нема да ти влијае на однесувањето? Ако е така, сети се дека според Псалм 11:5, Јехова не го одобрува оној што е насилен, но не го одобрува ниту „оној што го сака насилството“.

 Со каков став спортуваш. Во Библијата пишува: „Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе“ (Филипјаните 2:3, Радосна Вест).

 Секако, во секоја игра во која се вклучени два спротивставени тима, мора да има одредена мера натпревар. Но, ако се игра за да се победи по секоја цена, тогаш таквата игра не е само забава. „Натпреварувачкиот дух може брзо да те совлада“, вели еден тинејџер по име Брајан. „Колку повеќе те бива за еден спорт толку повеќе ти е потребна понизност.“

 Размисли: Еден млад човек по име Крис вели: „Секоја седмица играме фудбал, а се случуваат и повреди“. Прашај се: „Што може да придонесе почесто да доаѓа до повреди? Што можам да направам за да се намали ризикот од повреди?“

 Колку време посветуваш на спорт. Во Библијата пишува: „Да можете да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10).

 Мора да си поставиш приоритети. На прво место треба да ти бидат духовните активности. Повеќето спортски игри можат да ти одземат неколку часа, сеедно дали учествуваш во нив или само ги гледаш. „Со мајка ми често се расправавме околу тоа колку време трошам на гледање спортски натпревари. Тоа време можев да го употребам за нешто попаметно“, вели една девојка по име Дарја.

Ако го ставаш спортот пред сѐ друго, тоа е исто како да ставаш премногу сол во јадењето

 Размисли: Кога твоите родители ќе те советуваат околу тоа што треба да ти биде приоритет, дали го слушаш нивниот совет? Една девојка по име Трина вели: „Кога јас и моите браќа ќе гледавме некој натпревар и немаше да ги завршиме важните задачи, мама ќе нѐ потсетеше дека играчите ќе добијат пари без разлика дали ние ќе ги гледаме или не. Потоа ќе нѐ прашаше: ,А дали вие ќе добиете пари за тоа?‘ Сега сфаќам што сакала да ни каже. На играчите што ги гледавме спортот им беше работа. Но, ако ние не пишувавме домашна и ако не ги завршувавме другите обврски, тогаш немаше да можеме да се издржуваме во иднина. Мама, всушност, сакаше да ни каже дека спортувањето или гледањето спорт не треба да ни биде најважното нешто во животот“.