Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да си ги контролирам чувствата?

Како да си ги контролирам чувствата?

„Еден ден сум екстра, а следниот за никаде. Нешто што вчера ми изгледало како ситница, денес ми е премногу“ (Кариса).

Дали често ти се менува расположението? a Ако да, тогаш оваа статија може да ти помогне.

 Зошто такви промени

 За време на пубертетот честопати доаѓа до нагли промени во расположението. Но, дури и ако си во доцните тинејџерски години, твоите чувства сепак можат да бидат многу променливи и непредвидливи.

 Ако тоа те збунува, запомни дека повеќето вакви чувства се јавуваат поради хормоналните промени и поради чувствата на несигурност, кои се нормален дел од растењето. Но, ти можеш да ги разбереш своите чувства и да научиш да ги контролираш!

 Животна вистина: Добро е да научиш да си ги контролираш чувствата уште како млад, бидејќи тоа е нешто што ќе ти биде потребно во многу ситуации како возрасен.

Негативните чувства се како дупки на патот. Ако си добар возач, ќе успееш да ги избегнеш поголемите дупки и возењето ќе ти биде попријатно

 Што можеш да направиш

 Зборувај. Библијата вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

 „Како семејство, имаме една пријателка која ми е како тетка. Секогаш ме слуша кога зборувам, и со неа сум слободна да си ги искажам чувствата. Кога гледам исправно на работите, многу се гордее со мене, а кога за нешто не сум во право, ме исправа на најдобар можен начин“ (Јоланда).

 Предлог: Наместо да зборуваш само со пријателите на твоја возраст — кои можеби и самите се соочуваат со слични промени во расположението како тебе — зборувај со родителите или со некој друг возрасен во кого имаш доверба.

 Пишувај. Во Библијата читаме за еден човек по име Јов кој, додека бил во очај, рекол: „Отворено ќе ја изразам грижата што ја чувствувам поради својата состојба. Ќе зборувам од горчина во душата“ (Јов 10:1). Освен што ќе зборуваш со некого, друг начин на кој можеш да ја изразиш грижата е така што ќе запишуваш како се чувствуваш.

 „Никаде не одам без тефтерче. Ако нешто ме вознемири, веднаш запишувам што се случило. Кога пишувам за моите чувства, тоа ми е како терапија“ (Илијана).

 Предлог: Води си дневник во кој ќе запишуваш какви чувства ти се јавиле, поради која причина и како би можел да се справиш со нив. Работниот лист кој е поврзан со оваа статија може да ти помогне во тоа.

 Моли се. Библијата вели: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22).

 „Често му се молам на Јехова кога ми е тешко. Секогаш ми е полесно кога ќе му го излеам срцето“ (Џасмин).

 Предлог: И покрај грижите што те мачат, помисли на три работи во животот за кои си благодарен. Кога му се молиш на Јехова, барај помош од него — но изразувај му ја и својата благодарност за убавите работи што ги имаш.

a Во оваа статија се зборува за наглите промени во расположението кои се карактеристични за голем дел од младите. Ако имаш биполарно нарушување или некој друг облик на депресија, види ја статијата „Што да правам ако имам депресија?“