Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто треба да се извинам?

Зошто треба да се извинам?

 Што би направил во следниве ситуации?

  1.   Наставникот те опоменува бидејќи лошо се однесуваш на час.

     Дали треба да му се извиниш дури и ако сметаш дека претерал?

  2.   Една твоја другарка дознава дека си ја оговарала.

     Дали треба да ѝ се извиниш дури и ако сметаш дека она што си го кажала е вистина?

  3.   Татко ти те вади од такт, и грубо му враќаш.

     Дали треба да му се извиниш дури и ако сметаш дека тој те испровоцирал?

 Одговорот на овие три прашања е „да“. Но, зошто да се извиниш дури и ако сметаш дека не си само ти виновен?

 Зошто да се извиниш?

  •   Извинувањето е знак на зрелост. Кога ја преземаш одговорноста за нешто што си кажал или си направил, покажуваш дека развиваш важни особини кои ќе ти бидат потребни подоцна во животот.

     „Понизноста и стрпливоста можат да ни помогнат да се извиниме и потоа внимателно да слушаме што сака другиот да ни каже“ (Рејчел).

  •   Извинувањето ти помага да бидеш во добри односи со другите. Кога некој е спремен да се извини, покажува дека поважно му е да биде во мир со другите отколку да докаже дека е во право.

     „Дури и ако сметаш дека ти ништо не си згрешил, најважно треба да ти биде да зачуваш добри односи со другите. Не губиш ништо ако кажеш ’извини‘, но ќе си го зачуваш пријателството со некого“ (Миријам).

  •   Извинувањето ти помага да се чувствуваш подобро. Кога ќе повредиш некого со своите зборови или постапки, може да те измачуваат чувства на вина. Но ако се извиниш, ќе го тргнеш тој товар од плеќите и ќе ти биде полесно. a

     „Понекогаш знаев да бидам груба со мајка ми и со татко ми. После тоа се чувствував лошо, но ми беше тешко да им се извинам. Сепак, кога ќе се извинев, се чувствував подобро бидејќи тоа придонесуваше да се зачува мирот во семејството“ (Ниа).

    Кога ќе повредиш некого, може да те измачуваат чувства на вина. Но ако се извиниш, ќе го тргнеш тој товар од плеќите

 Дали е лесно да се извиниш? Не баш. Дина, една девојка која повеќе пати морала да се извини затоа што била дрска со мајка ѝ, признава: „Не ми е лесно да се извинам. Чувствувам како да имам кнедла во грлото и не можам да кажам ништо“.

 Како да се извиниш?

  •   Ако е можно, извини се лице в лице. Така другиот ќе може да види дека искрено се каеш. Од друга страна, ако се извиниш преку порака, другиот можеби нема да ти верува. Дури и ако ставиш тажен емотикон, твоето извинување сепак може да изгледа неискрено.

     Предлог: Ако не си во можност да се извиниш лице в лице, можеш да го сториш тоа преку телефон или картичка. Но што и да избереш, внимателно размисли што ќе кажеш.

     Библиско начело: „Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28).

  •   Извини се што е можно побрзо. Ако долго време чекаш за да се извиниш, проблемот меѓу тебе и другото лице може сѐ повеќе да расте, и вашиот однос да станува сѐ понапнат.

     Предлог: Постави си за цел, на пример, да се извиниш уште истиот ден. Откако ќе решиш кога да се извиниш, држи се за таа одлука.

     Библиско начело: „Брзо реши го спорот“ (Матеј 5:25).

  •   Искрено извини се. Всушност, не е извинување да кажеш: „Жал ми е што така се чувствуваш“. Една девојка по име Џанел вели: „Оној што си го повредил обично ќе те почитува повеќе ако види дека прифаќаш целосна одговорност за она што си го направил“.

     Предлог: Извини се без да поставуваш услови. Не кажувај нешто во стилот: „Јас ќе се извинам за мојата грешка ако и ти се извиниш за твојата“.

     Библиско начело: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир“ (Римјаните 14:19).

a Ако си изгубил или си оштетил нешто што му припаѓа на некој друг, освен што ќе се извиниш, добро би било да ја надоместиш штетата.