Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да правам по крштавањето? — Втор дел: Остани му верен на Јехова

Што треба да правам по крштавањето? — Втор дел: Остани му верен на Јехова

 Библијата вели дека „Јехова нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Псалм 84:11). Што значи некој да живее непорочно? Тоа значи дека со својот начин на живот покажува дека живее во склад со заветот што му го дал на Јехова (Проповедник 5:4, 5). Како можеш да живееш непорочно по твоето крштавање?

Во оваа статија

 Не се откажувај кога ќе се соочиш со проблеми

 Клучен стих: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“ (Дела 14:22).

 Што значи ова: Реално е да се очекува дека сите христијани ќе имаат проблеми во животот. Дел од нив ќе бидат резултат на тоа што му служиш на Јехова. На пример, некои можеби ќе те исмеваат или ќе ти се противат. А други проблеми, како што се финансиските проблеми и болестите, ги погодуваат сите луѓе.

 Што можеш да очекуваш: Одвреме-навреме, твоите околности во животот ќе се менуваат, и понекогаш тоа нема да ти се допаѓа. Во Библијата пишува дека лоши работи можат да му се случат секому, без разлика дали му служи на Јехова или не (Проповедник 9:11).

 Што можеш да направиш: Бидејќи знаеш дека ќе имаш предизвици, можеш да се подготвиш за нив. Гледај на нив како на можност да си ја зајакнеш верата и повеќе да се потпираш на Јехова (Јаков 1:2, 3). Со текот на времето, и ти, како апостол Павле, ќе можеш да кажеш: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13).

 ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА. „Кратко откако се крстив, моите постари браќа престанаа да му служат на Јехова, моите родители се разболеа, а потоа и јас се разболев. Беше многу лесно да се откажам и да заборавам дека, кога му го заветував животот на Бог, му ветив дека најважно во животот ќе ми биде да му служам. Сепак, токму мојот завет ми помогна да се справам со тие проблеми“ (Карен).

 Предлог: Дознај повеќе за Јосиф. За неговиот живот можеш да читаш во 1. Мојсеева поглавја 37 и 39 до 41. Размисли: Какви неочекувани проблеми го снашле и како се справил со нив? Како му помогнал Јехова?

 Дополнителна помош

 Спротивставувај им се на искушенијата

 Клучен стих: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами“ (Јаков 1:14).

 Што значи ова: Понекогаш, сите нас нѐ искушуваат желби кои, ако не ги контролираме, можат да нѐ наведат да направиме нешто погрешно.

 Што можеш да очекуваш: По крштавањето, сѐ уште ќе треба се бориш со „желбите на телото“ (2. Петрово 2:18). Можеби дури ќе бидеш на искушение да имаш сексуални односи пред да стапиш во брак.

 Што можеш да направиш: Уште пред да се најдеш во искушение, донеси одлука да не им дозволиш на желбите да те наведат да направиш нешто погрешно. Не заборавај дека Исус рекол: „Никој не може да им робува на двајца господари“ (Матеј 6:24). Ти можеш да избереш кој ќе биде твој господар. Нека биде тоа Јехова. Без разлика колку е силна една погрешна желба, ти можеш да избереш да не постапиш според неа (Галатите 5:16).

 Предлог: Откриј кои се твоите јаки и слаби страни. Избирај пријатели кои ќе ти помогнат на површина да излезат твоите добри особини. Избегнувај луѓе, места и околности што ти отежнуваат да го правиш она што е исправно (Псалм 26:4, 5).

 Дополнителна помош

 Разгорувај си ја ревноста

 Клучен стих: „Секој од вас да покажува таква трудољубивост... сѐ до крајот... за да не станете мрзливи“ (Евреите 6:11, 12).

 Што значи ова: Ако некој не се концентрира на она што го работи, лесно може да се случи да почне да работи со побавно темпо и да стане мрзлив.

 Што можеш да очекуваш: По крштавањето веројатно си бил воодушевен и многу ревносен. Со цело срце си го сакал Јехова. Но по некое време, можеби ти станало тешко да му бидеш послушен на Јехова во сѐ. Поради тоа, можеби си обесхрабрен и твојата ревност се намалила (Галатите 5:7).

 Што можеш да направиш: Продолжи да го правиш она што е исправно, дури и ако некое време немаш доволно мотивација да го правиш тоа (1. Коринќаните 9:27). Во меѓувреме, труди се да стануваш сѐ поблизок со твојот небесен Татко така што сѐ подобро ќе го запознаваш и често ќе му се молиш. Исто така, продолжи да градиш блиски пријателства со оние што со задоволство му служат на Јехова.

 Предлог: Не заборавај дека Јехова многу те сака и дека е спремен да ти помага. Немој да заклучиш дека тој не е задоволен од тебе ако привремено ти се намалила ревноста. Во Библијата пишува: „Тој му ја враќа силата на уморниот, му дава моќна сила на нејакиот“ (Исаија 40:29). Ако се трудиш да си ја вратиш ревноста, ќе видиш дека, со текот на времето, Јехова ќе ти помогне да ја оствариш таа цел.

 Дополнителна помош

 Заклучок: Ако живееш во склад со заветот што си му го дал на Јехова, ќе го радуваш неговото срце! (Изреки 27:11). Тој ќе биде среќен затоа што си избрал да бидеш на негова страна, и ќе ти го дава сето она што ти е потребно за да се спротивставиш на нападите од Сатана.