Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали сум опседната со мојот изглед?

Дали сум опседната со мојот изглед?

  Дали сум опседната со изгледот? a

  1.   Која од овие изјави најдобро опишува како се чувствуваш?

    •  Никогаш не сум задоволна со мојот изглед.

    •  Понекогаш сум задоволна со мојот изглед.

    •  Секогаш сум задоволна со мојот изглед.

  2.   Што најмногу би сакала да смениш кај себе?

    •  Висината

    •  Тежината

    •  Градбата

    •  Косата

    •  Тенот

    •  Нешто друго

  3.   Доврши ја следнава реченица.

     Најлошо се чувствувам кога...

    •  ќе застанам на вага.

    •  ќе се погледнам во огледало.

    •  ќе се споредам со некој друг (пријателки, манекенки, филмски ѕвезди).

  4.   Доврши ја следнава реченица.

     Се мерам...

    •  секој ден.

    •  секоја седмица.

    •  ретко.

  5.   Што мислиш за твојот изглед?

    •  Не ми се допаѓа. (Пример: „Секојпат кога ќе се погледнам во огледало си мислам колку сум грда и дебела. Порано дури и се изгладнував за да ослабам“, вели Селена.)

    •  Имам реална слика за мојот изглед. (Пример: „Секогаш ќе има нешто што не ни се допаѓа во изгледот, но некои работи едноставно мораме да ги прифатиме. Бесмислено е да се оптоваруваме со нешто што не можеме да го смениме“, вели Наталија.)

 Библијата нѐ советува да не мислиме за себе „повеќе отколку што треба“ да мислиме (Римјаните 12:3). Овие зборови покажуваат дека е на место, па дури и дека е неопходно, до одредена мера да водиме сметка за себе. Од таа причина си ги миеме забите и обрнуваме внимание на личната хигиена.

 Но, што можеш да направиш ако постојано си незадоволна, па дури и опседната со твојот изглед? Размисли за следново прашање:

 Зошто не ми се допаѓа моето тело?

 Може да има неколку причини за тоа. Еве некои:

  •  Влијанието на медиумите. „Како млади, од сите страни сме бомбардирани со слики на слаби и згодни модели, па затоа мислиме дека и ние треба во секое време да изгледаме како нив. Поради тоа, се чувствуваме бедно ако не изгледаме совршено“ (Кели).

  •  Влијанието на родителите. „Сум забележала дека кога мајката е опседната со својот физички изглед, и ќерката станува како неа. Истото може да се каже и за татковците и синовите“ (Рита).

  •  Ниска самопочит. „Оние што се опседнати со својот изглед сакаат постојано да добиваат комплименти. Напорно е да се биде во нивно друштво“ (Џин).

 Без разлика на тоа зошто не ти се допаѓа твоето тело, можеби се прашуваш...

 Треба ли да сменам нешто во изгледот?

 Прочитај што велат некои други млади.

 „Затоа што не можеме да промениме сѐ што не ни се допаѓа кај нас, треба да си ги прифатиме своите недостатоци. Ако ние си ги прифатиме, на другите нема толку да им паѓаат во очи“ (Рори).

 „Чувај си го здравјето. Најдобро изгледаш кога си здрав. Ако некому му е поважен твојот изглед отколку твоите особини, тој не ти е вистински пријател“ (Оливија).

 Заклучок: Можеш да смениш некои работи во твојот изглед. Но, немој да се оптоваруваш со она што не можеш да го смениш. Ако си опседната со надворешниот изглед, може да направиш нешто за кое подоцна ќе зажалиш. (Прочитај ја рамката „ Што вели Џулија“.)

 Од друга страна, ако сме свесни дека надворешниот изглед не е најважното нешто во животот, ќе имаме реална слика за себе. Ерин вели: „Се разбира дека сум свесна за своите недостатоци, ама се чувствувам лошо само кога премногу размислувам за нив. Се трудам да вежбам редовно и да се хранам здраво. Така се чувствувам подобро и изгледам подобро“.

 Тајната на вистинската убавина!

 Кога имаш урамнотежено гледиште за себе, се чувствуваш подобро, па дури и изгледаш подобро. Библијата може да ти помогне во тоа. Во неа се запишани следниве мудри совети:

  •  Биди задоволен со она што го имаш. „Подобро е да бидеме задоволни со тоа што го имаме, отколку да посакуваме нешто што немаме, зашто тоа е исто како да се обидуваме да го фатиме ветрот“ (Проповедник 6:9, Contemporary English Version).

  •  Вежбај умерено. „Телесното вежбање малку користи“ (1. Тимотеј 4:8).

  •  Обрни внимание на внатрешната убавина. „Човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Самоилова 16:7).

 „Нашето лице открива што мислиме за себе. Кога некој е задоволен со себе, другите го забележуваат тоа и сакаат да бидат во негово друштво“ (Сара).

 „Ако си убава, другите лесно ќе те забележат. Но, најмногу ќе те паметат по твоите убави особини“ (Филисија).

 Прочитај Изреки 11:22, Колошаните 3:10, 12 и 1. Петрово 3:3, 4.

a И покрај тоа што во оваа статија користиме женски род, истите совети важат и за машките.