Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да зборувам за правилата со родителите?

Како да зборувам за правилата со родителите?

 „Правилата што ми ги поставуваа родителите ми изгледаа логични кога имав 15 години, ама сега имам 19 и мислам дека треба да ми дадат поголема слобода“ (Силвија).

 Дали и ти се чувствуваш како Силвија? Ако да, од оваа статија можеш да дознаеш како да зборуваш со родителите за тоа.

 Што треба да знаеш

 Пред да зборуваш со родителите за правилата што ти ги поставуваат, размисли за следново:

  •  Без правила, животот би бил хаос. Замисли си еден прометен автопат. Што ќе биде ако нема знаци, сигнализација или ограничување на брзината? Домашните правила — исто како сообраќајните правила — помагаат да има ред.

  •  Правилата покажуваат дека родителите те сакаат. Ако не ти поставуваат никакви правила, тоа би можело да значи дека воопшто не им е грижа за тебе. Какви родители би биле тогаш?

 ДАЛИ СИ ЗНАЕЛ? И за родителите има правила! Некои од нив се запишани во 1. Мојсеева 2:24; 5. Мојсеева 6:6, 7; Ефешаните 6:4 и 1. Тимотеј 5:8.

 Но, што ако сепак сметаш дека твоите родители претеруваат со правилата?

 Што можеш да направиш

 Размисли пред да зборуваш. Дали имаш навика да ги почитуваш правилата што ти ги поставуваат родителите? Ако често ги прекршуваш, веројатно сега не е најдобар момент да бараш поголема слобода. Би било добро да ја разгледаш статијата „Како да ја стекнам довербата на родителите?“

 Но, ако ги почитуваш правилата, размисли однапред што би сакал да им кажеш на родителите. Тоа ќе ти помогне да видиш дали твоето барање е разумно. Потоа договори со родителите време и место каде што ќе можете да зборувате во опуштена атмосфера. А кога ќе седнете да разговарате, имај ги на ум следниве работи:

 Покажи почит. Библијата вели: „Остриот збор предизвикува лутина“ (Изреки 15:1). Затоа, не заборавај: ако почнеш да се расправаш со родителите или да ги обвинуваш дека не се фер, разговорот нема да заврши добро.

 „Колку повеќе ги почитувам родителите толку повеќе ме почитуваат и тие мене. Кога меѓусебно си покажуваме почит, многу полесно можеме да се разбереме“ (Бјанка, 19).

 Слушај. Библијата нѐ поттикнува да бидеме брзи на слушање, а бавни на зборување (Јаков 1:19). Не заборавај дека водиш разговор со твоите родители, а не им држиш предавање.

 „Кога си млад, можеби си мислиш дека знаеш повеќе од родителите, ама само се лажеш. Добро е да ги слушаме нивните совети и предлози“ (Деван, 20).

 Стави се на нивно место. Пробај да гледаш на работите од нивна гледна точка. Послушај го следниот библиски совет: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4). Во овој случај, „другите“ се твоите родители.

Што мислиш, кој пристап ќе даде подобри резултати?

 „Порано си мислев дека родителите се против мене. Но, сега сфаќам дека тие, всушност, учеле да бидат добри родители, исто како што јас учев да бидам одговорна личност. Сѐ што правеа беше од љубов кон мене“ (Џошуа, 21).

 Дај им некои предлози. Да речеме дека родителите не ти дозволуваат да возиш цел саат до некоја забава на која сакаш да одиш. Дознај што навистина ги загрижува — тоа што ќе треба долго да возиш или самата забава?

  •   Ако ги загрижува возењето, можеби ќе ти дозволат да одиш ако со тебе дојде пријател кој е возач веќе подолго време.

  •   Ако ги загрижува самата забава, дали би можел да им кажеш кои ќе бидат таму и кој ќе биде задолжен да ја надгледува?

 Зборувај со почит и внимателно слушај што ќе ти кажат родителите. Покажи дека ги почитуваш и со своите зборови и со своето однесување (Ефешаните 6:2, 3). Дали ќе направат отстапка? Можеби. А можеби и не. Но, што и да се случи...

 Смирено прифати ја одлуката на родителите. Ова е многу важен чекор, но честопати младите не му обрнуваат внимание. Ако почнеш да се расправаш со родителите затоа што не си го добил она што го сакаш, ќе има уште помали шанси да те послушаат следниот пат кога ќе побараш нешто од нив. Од друга страна, ако без приговор ја прифатиш нивната одлука, можеби ќе бидат поспремни да направат отстапки во некоја наредна прилика.