Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да знам за пушењето и користењето електронски цигари?

Што треба да знам за пушењето и користењето електронски цигари?

 „Во местото во кое живеам е реткост да се сретне некој под 25 години кој никогаш не пушел или не користел електронски цигари“ (Џулија).

Во оваа статија

 Што треба да знаеш?

  •   Пушењето убива. Никотинот, кој е главна состојка на тутунот, е отровна супстанција која создава голема зависност. Според Американскиот центар за контрола и превенција на болести „употребата на тутун е најголемиот ризик фактор кој може да се избегне, а води до прерана смрт и до други здравствени проблеми низ целиот свет“.

     „Како медицинско лице, работам со ултразвучна машина. Сум видела ултразвучни слики од кои се гледа какво влијание има пушењето врз пациентите. Бев запрепастена кога видов колку многу наслаги се наталожиле во артериите на луѓето кои порано пушеле. Толку многу си го ценам телото што не сакам ниту да помислам да пушам“ (Тереза).

     Дали си знаел? Цигарите содржат околу 7.000 хемикалии. Многу од нив се отровни. Секоја година, милиони луѓе умираат од болести кои се последица на употреба на тутун.

  •   Луѓето кои користат електронски цигари внесуваат отровни хемикалии во своето тело. Користењето електронски цигари се поврзува со оштетување на белите дробови и смрт. Освен тоа, исто како цигарите, многу е-цигари и други слични уреди содржат никотин. Бидејќи создава голема зависност, никотинот може да „води до тоа младите луѓе да станат зависни и од други супстанции“, стои во информациите што се наведени на електронските цигари.

     „Електронските цигари со вкусови како што се шеќерна волна и цреша се особено привлечни за децата и тинејџерите. Поради вкусот, тие се лажат дека се безопасни“ (Миранда).

     Дали си знаел? Пареата од електронските цигари не е само вода. Таа содржи честички штетни супстанции, честопати вклучувајќи и тешки метали кои стигнуваат до твоите бели дробови.

 Ризици поврзани со пушење и користење електронски цигари

  1.  1) Нарушени когнитивни функции, како и недостиг на внимание и проблеми со расположението, особено во периодот кога мозокот сѐ уште се развива

  2.  2) Воспаление на непцата, како и расипување на забите

  3.  3) Хронични белодробни воспаленија и срцеви заболувања

     Влошување на симптомите на астма

     Вознемирен стомак и гадење

 Што можеш да правиш

  •   Информирај се. Не верувај во сѐ што ќе чуеш, на пример дека електронските цигари се безопасни или дека се добар начин да се ослободиш од стресот. Сам истражи и донеси информирана одлука.

     Библиско начело: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

     „Кога ќе размислиш за штетното влијание од пушењето и од користењето електронски цигари, сфаќаш дека не е само безопасна забава како што славните личности или твоите врсници го прикажуваат“ (Евин).

     Размисли: Дали младите кои пушат или користат е-цигари навистина се посреќни? Дали се подобро подготвени да се справат со стресните ситуации кои ги имаат сега и кои ќе ги имаат во иднина? Или пак, само создаваат плодна почва за повеќе проблеми?

  •    Најди корисни начини за да се справиш со грижите. Загриженоста можеш да ја намалиш така што ќе учествуваш во активности кои се добри за тебе, како што се вежбање, читање или поминување време со пријатели кои ќе те охрабрат. Бидејќи на тој начин ќе имаш многу корисни работи на кои ќе се концентрираш, нема да чувствуваш потреба да пушиш.

     Библиско начело: „Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува“ (Изреки 12:25).

     „Луѓето мислат дека со пушењето и со користењето електронски цигари ќе си го намалат стресот. Но најмногу што можеш да очекуваш е дека само привремено ќе се чувствуваш подобро, а последиците со кои ќе се соочиш се трајни. Постојат подобри начини да се справиш со стресот“ (Анџела).

     Размисли: Кои се некои начини на кои ти би можел успешно да се носиш со стресот? Ако ти е потребна помош, види ја статијата „Како да се справам со чувствата на загриженост?“ која се наоѓа во рубриката „Младите прашуваат“.

Да користиш супстанции кои создаваат зависност за да се справиш со вознемиреноста е исто како да скокнеш во океан за да се засолниш од дожд. Така само ќе имаш уште повеќе проблеми!

  •    Биди подготвен да се спротивставиш на притисокот од другите. Притисокот може да дојде преку твоите соученици, па дури и преку забавата. Филмовите, ТВ-емисиите и социјалните мрежи честопати ги прикажуваат пушењето и користењето е-цигари како нешто кул и забавно.

     Библиско начело: На зрелите, моќта „на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14).

     „На училиште многу од моите врсници ме почитуваа бидејќи не пушев и не користев електронски цигари. Откако јасно им го кажав мојот став, тие дури и ме бранеа. Значи колку и да изгледа чудно, тоа што ќе си го кажеш ставот може да биде заштита“ (Ана).

     Размисли: Како се справуваш со притисокот од врсниците? Можеш ли да се сетиш на некоја прилика кога си го направил тоа? Ако ти е потребна помош во врска со ова, види ја табелата „Како против притисокот од врсниците“ која се наоѓа во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, поглавје 15.

  •   Внимателно бирај ги пријателите. Нема да бидеш на толку големо искушение да пушиш или да користиш електронски цигари ако твоите пријатели го имаат истиот став за овие навики како тебе.

     Библиско начело: „Кој со умни другарува - умен станува; а кој се дружи со безумници - ќе се упропасти“ (Изреки 13:20, Радосна Вест).

     „Од голема помош е да се имаат пријатели кои покажуваат самоконтрола и не потпаѓаат лесно под туѓо влијание. Кога ги гледаш добрите резултати во нивниот живот, и ти си поттикнат да бидеш како нив“ (Келвин).

     Размисли: Дали твоите најблиски пријатели ја поддржуваат твојата одлука да водиш чист и здрав начин на живот или ти отежнуваат да го правиш тоа?

 А што е со марихуаната?

 Многумина велат дека марихуаната е безопасна. Но тоа не е вистина!

  •   Младите кои користат марихуана ризикуваат да станат зависни од неа. Истражувањата покажуваат дека марихуаната може трајно да го оштети мозокот, што може да води и до намалување на коефициентот на интелигенција (IQ).

  •   Според Американскиот завод за ментално здравје и превенција од злоупотреба на супстанции, „истражувањата покажуваат дека поголема е веројатноста луѓето кои користат марихуана да имаат проблеми во односите со семејството и пријателите, лоши оценки на училиште, да бидат помалку успешни на работа и да бидат понезадоволни од животот“.

     „Бев на искушение да пушам марихуана најмногу затоа што сакав да се ослободам од чувствата на вознемиреност. Но кога размислував за зависноста што може да ја создаде, за парите што ќе ги потрошам и за последиците врз моето здравје, сфатив дека пушењето марихуана само уште повеќе ќе ми ја зголеми вознемиреноста“ (Џуда).