Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали хомосексуалноста е нешто погрешно?

Дали хомосексуалноста е нешто погрешно?

 „Една од најтешките работи со кои се соочив додека растев беше тоа што ме привлекуваа лица од истиот пол. Мислев дека тоа е само минлива фаза, но сѐ уште се борам со таквите чувства“ (Дејвид, 23).

 Дејвид е христијанин кој сака да живее според Божјите мерила. Можно ли е да успее во тоа ако во исто време чувствува привлечност кон лица од истиот пол? Како гледа Бог на хомосексуалноста?

 Што вели Библијата?

 На различни места луѓето различно гледаат на хомосексуалноста, а ставовите околу ова прашање се менувале и низ годините. Но, христијаните не се водени од популарните гледишта ниту, пак, дозволуваат „да ги носи ваму-таму секој ветар на учењето“ (Ефешаните 4:14). Наместо тоа, своето гледиште за хомосексуалноста, како и за сѐ друго, го темелат на мерилата запишани во Библијата.

 Библијата јасно истакнува како треба да гледаме на хомосексуалните постапки. Таа вели:

  •  „Не легнувај со машко како што легнуваш со жена“ (3. Мојсеева 18:22).

  •  „Бог, според желбите на нивните срца... ги препушти на срамни сексуални страсти: нивните жени ги заменија природните односи со противприродни“ (Римјаните 1:24, 26).

  •  „Не мамете се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците, ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците, нема да го наследат Божјото царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10, Стандарден Превод).

 Божјите мерила важат за сите луѓе, сеедно дали чувствуваат привлечност кон лица од спротивниот или од истиот пол. Секој мора да покажува самоконтрола за да не прави работи што Бог не ги одобрува (Колошаните 3:5).

 Дали тоа значи...

 Дали тоа значи дека Библијата поттикнува на омраза кон хомосексуалците?

 Не. Всушност, Библијата не поттикнува на омраза кон никого, сеедно дали е геј или стрејт. Наместо тоа, нѐ советува да се трудиме да бидеме во мир со сите луѓе, без оглед на нивниот начин на живот (Евреите 12:14). Според тоа, не е во ред да учествуваме во малтретирање или во напади на хомосексуалци ниту, пак, во какво и да било друго насилничко однесување кон нив.

 Дали тоа значи дека христијаните треба да бидат против законите за истополови бракови?

 Библијата јасно покажува дека Бог го смета бракот за заедница меѓу еден маж и една жена (Матеј 19:4-6). Меѓутоа, дебатите во врска со човечките закони за истополови бракови се од политичка природа, а не од морална. Од друга страна, Библијата вели дека христијаните треба да бидат политички неутрални (Јован 18:36). Затоа, тие ниту ги застапуваат ниту им се противат на владините закони за истополови бракови или за правата на хомосексуалците.

 Но, што ако...

 Но, што ако некој е хомосексуалец? Може ли да се промени?

 Да. На пример, тоа се случило со некои што живееле во првиот век. Откако наведува дека оние што се впуштаат во хомосексуални односи нема да го наследат Божјето Царство, Библијата вели: „Такви беа некои од вас“ (1. Коринќаните 6:11).

 Дали тоа значи дека на оние што престанале со хомосексуалните односи никогаш повеќе не им се јавила желба да живеат како порано? Не. Библијата вели: „Облечете ја новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја“ (Колошаните 3:10). За да се сменат навиките и начинот на живот, потребно е време.

 Но, што ако некој кој сака да живее според Божјите мерила сѐ уште има силни хомосексуални желби?

 Сите ние имаме различни желби и склоности, но тоа не значи дека мора да ги потхрануваме и да постапуваме според нив. Што ќе ни помогне во тоа? Библијата вели: „Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото“ (Галатите 5:16).

 Овој стих не вели дека не смееме да имаме телесни желби. Наместо тоа, ако имаме добри духовни навики, на пример, ако редовно ја проучуваме Библијата и се молиме, ќе имаме сила да им се спротивставиме на тие желби.

 Дејвид, кого го спомнавме во почетокот, се уверил дека тоа е точно, особено откако им се доверил на своите родители за борбата што ја води. Тој вели: „Како да ми падна камен од срце! Мислам дека многу поубаво ќе ги поминев тинејџерските години ако порано зборував со моите“.

 Навистина сме многу посреќни кога се држиме за мерилата што ги поставил Јехова. Сосема сме уверени дека тие „се исправни, го веселат срцето“ и дека „тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Псалм 19:8, 11).