Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Треба ли да раскинеме? (Дел 1)

Треба ли да раскинеме? (Дел 1)

 Понекогаш, раскинувањето носи само добро. Размисли за она што ѝ се случило на Џил. Таа вели: „Отпрвин ми годеше тоа што дечкото постојано се интересираше каде сум, што правам, со кого сум. Но, работите стигнаа дотаму што веќе не смеев да бидам со никој друг освен со него. Беше љубоморен дури и кога бев со семејството — особено со татко ми. Кога му раскинав, почувствував како голем камен да ми паднал од срце!“

 Сара доживеала нешто слично. Почнала да забележува дека на Џон, дечкото со кого одела, секогаш нешто не му е погодено, дека е нељубезен и саркастичен. Сара раскажува: „Еднаш доцнеше три часа! Кога дојде по мене, мајка ми му отвори, а тој не ја ни погледна, туку само ми рече: ‚Ајде, доцниме‘. Не рече ‚доцнам‘, туку ‚доцниме‘. Требаше да се извини или барем да даде некое објаснување. А што е најважно, требаше да покаже малку почит кон мајка ми!“

 Се разбира, една таква грешка или една лоша карактерна црта не мора да значи пропаст за врската (Псалм 130:3). Но, кога Сара сфатила дека Џон со сите се однесува како со мајка ѝ, решила да му раскине.

 Што ако и ти, како Џил и Сара, сфатиш дека дечкото со кого си во врска нема да ти одговара како брачен другар? Тогаш, немој да ги игнорираш своите чувства! Иако е тешко да си признаеш самата на себе, сепак можеби е најдобро да се стави крај на таа врска. Во Изреки 22:3 пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“.

 Точно, можеби нема да ти биде лесно да раскинеш. Но, бракот, од друга страна, е трајна врска. Подобро е сега малку да страдаш, отколку подоцна цел живот да се каеш!