Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

На што треба да пазам кога објавувам слики на Интернет?

На што треба да пазам кога објавувам слики на Интернет?

 Замисли дека си на одмор и сакаш и твоите пријатели да знаат колку убаво си поминуваш! Како ќе им го пренесеш тоа? Дали...

  •    ќе им испратиш разгледница?

  •    ќе им испратиш имејл?

  •    ќе објавиш слики на некоја социјална мрежа?

 Кога баба ти и дедо ти биле на твоја возраст, веројатно немало друг избор освен опцијата „А“.

 А кога мајка ти и татко ти биле на твои години, можеби и опцијата „Б“ влегувала во игра.

 Во денешно време, многу млади кои користат некоја социјална мрежа, без многу размислување би ја избрале опцијата „В“. Дали и ти спаѓаш во таа група? Ако да, оваа статија ќе ти помогне да избегнеш некои замки.

 Кои се добрите страни

 Брзо е. „Ако сум на одмор на некое убаво место или супер си поминувам со друштвото, можам да ги споделам тие слики додека сѐ уште ми трае возбудата“ (Мелани).

 Практично е. „Многу ми е полесно да бидам во тек со животот на моите пријатели преку социјалните мрежи отколку преку имејл, бидејќи можам да ги гледам нивните најнови слики“ (Џордан).

 Ти помага да одржуваш контакти. „Имам роднини и пријатели што живеат далеку. Кога почесто објавуваат слики, имам чувство како да ги гледам секој ден“ (Карен).

 Кои се опасностите

 Би можел да си ја загрозиш безбедноста. Ако твојот уред има опција за геолоцирање, сликите што ги објавуваш може да откријат повеќе информации отколку што би сакал. „Ако објавуваш слики или други работи на кои е наведена локацијата на која се наоѓаш, му овозможуваш на некој што има добра програма за следење, но лоши намери, да ја најде твојата точна локација“, наведува една интернет-страница (Digital Trends).

 Се разбира, некои криминалци повеќе ги интересира каде не си отколку каде си. Интернет-страницата цитирана погоре известува за еден случај во кој тројца крадци влегле во 18 домови додека станарите биле излезени. Од каде знаеле дека никој не е дома? Тие на Интернет следеле каде се движат станарите и успеале да украдат работи вредни повеќе од 100.000 американски долари.

 Би можел да наидеш на штетни содржини. Некои луѓе немаат ни трошка срам и објавуваат сѐ и сешто. Една тинејџерка по име Сара вели: „Проблемот е кога ги разгледуваш профилите на непознати луѓе. Тоа е како да пешачиш во непознат град без мапа. Најверојатно ќе залуташ на место каде што воопшто не си сакал да се најдеш“.

 Би можел да изгубиш контрола над времето. „Кога ги гледаш најновите објави и ги читаш сите коментари, лесно можеш да заглавиш“, вели една девојка по име Јоланда. „Би можел да почнеш нон-стоп да го проверуваш мобилниот само за да видиш што има ново.“

Ако користиш некоја социјална мрежа, мора да имаш самоконтрола

 Една тинејџерка по име Саманта вели: „Секогаш морам да си одредам колку време ќе поминам на социјалните мрежи. Ако користиш некоја социјална мрежа, мора да имаш самоконтрола“.

 Што можеш да направиш

  •   Биди решен да не гледаш непристојни работи. Библијата вели: „Пред своите очи нема да ставам ништо зло“ (Псалм 101:3).

     „Редовно проверувам што објавуваат пријателите што ги следам. Ако видам дека објавуваат непристојни работи, веднаш престанувам да ги следам“ (Стивен).

  •   Не контактирај со луѓе со кои немаш исти вредности; тие би можеле да те наведат да ги спуштиш своите мерила. Библијата вели: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33).

     „Немој да гледаш одредени слики само затоа што се популарни. Така лесно би можел да наидеш на вулгарности, голотија и други несоодветни содржини“ (Џесика).

  •   Одреди си колку време ќе седиш на социјалните мрежи и колку често ќе објавуваш слики. Библијата вели: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Добро користете го времето“ (Ефешаните 5:15, 16, фуснота).

     „Престанав да следам некои што објавуваа по милион слики. На пример, некој отишол на плажа и објавил 20 слики од една иста школка. Абе ајде! Кој има време да ги гледа сите тие слики?!“ (Ребека).

  •   Потруди се сликите што ги објавуваш да не остават впечаток дека се гледаш себеси како центар на светот. Библискиот писател Павле напишал: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3). Немој веднаш да си помислиш дека твоите пријатели ќе ти се восхитуваат поради сликите од тебе или од работите што ги правиш.

     „Некои објавуваат еден куп ’селфија‘. Ако сме пријатели, веројатно знам како изгледаш, не мора нон-стоп да ме потсетуваш!“ (Алисон).