Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да внимавам колку трошам?

Како да внимавам колку трошам?

 „Пред некој ден влегов во една продавница само да разгледам, ама излегов со нешто скапо. А воопшто не планирав да го купам!“ (Колин).

 Колин признава дека не му е лесно да внимава колку троши. Дали тоа ти е проблем и тебе? Ако да, оваа статија може да ти помогне.

 Зошто да внимаваш колку трошиш?

 Заблуда: Ако премногу пазиш на парите, ја губиш слободата.

 Факт: Ако пазиш колку трошиш, ќе имаш повеќе слобода, а не помалку. „Колку повеќе знаеш како со парите толку повеќе ќе ти останат за работи што ги сакаш — и сега и во иднина“, пишува во книгата I’m Broke! The Money Handbook.

 Размисли: Ако внимаваш колку трошиш...

  •   Ќе имаш повеќе пари кога навистина ќе ти затребаат. Една тинејџерка по име Инез вели: „Би сакала еден ден да појдам во Јужна Америка. Кога тргам пари настрана, се трудам да мислам на таа цел“.

  •   Ќе имаш малку долгови, или воопшто ќе ги немаш. Библијата вели: „Кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“ (Изреки 22:7). Една девојка по име Ана се согласува со тоа. Таа вели: „Долговите можат да ти го загорчат животот. Ако не си во минус, ќе можеш да се посветиш на твоите цели“.

  •   Ќе покажеш дека си зрела личност. Младите што внимаваат колку трошат полесно ќе се снајдат како возрасни. Џина, која има 20 години, вели: „Тоа ми е пракса за во иднина, кога повеќе нема да живеам со моите. Се трудам одговорно да ги трошам парите уште сега, за да имам таква навика и во иднина“.

 Заклучок: „Ако сам знаеш рационално да ги трошиш парите, на добар пат си да станеш независен“, пишува во книгата The Complete Guide to Personal Finance: For Teenagers and College Students. „Тоа е вештина која ќе ти користи цел живот.“

 Како да внимаваш

 Биди свесен за своите слабости. Ако стално остануваш без пари, размисли на што ги трошиш. На некои им е замка купувањето преку Интернет. Други остануваат без скршен денар на крај на месецот бидејќи трошат мали суми, но често.

 „Трошоците си се собираат. Сум видела некое поклонче, сум седнала на кафе, сум купила нешто на попуст — и на крај на месецот се чудам кај ми отишле сто долари!“ (Хејли).

 Направи си план на трошоците. Библијата вели: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота). Ако си направиш план во склад со твоите примања, нема да трошиш повеќе отколку што имаш.

 „Ако трошиш повеќе отколку што заработуваш, размисли на што ти одат парите и повеќе не троши за сѐ и сешто. Намалувај ги трошоците додека не стигнеш до сума што е помала од твоите приходи“ (Даниела).

 Држи се за планот. Има разни начини да внимаваш каде ти одат парите и да не трошиш за непотребни работи. Еве што им помогнало на некои млади:

  •  „Обично веднаш ги ставам парите на сметка бидејќи тогаш сум на помало искушение да ги потрошам“ (Дејвид).

  •  „Кога одам во продавница, не носам премногу пари. Така не можам да потрошам повеќе од планираното“ (Елена).

  •  „Колку повеќе чекам за да купам нешто толку полесно ми е да видам дали стварно ми треба или не“ (Џеси).

  •  „Не морам да излезам секогаш кога ќе се договори нешто. Не е грев да кажеш ’не‘ ако не си при пари“ (Џенифер).

 Заклучок: Парите се сериозна одговорност. Тоа го сфатил и Колин, кого го цитиравме на почетокот. Тој вели: „Утре ќе се оженам — ако сега со расфрлам со парите, како ќе биде кога ќе имам семејство?“

Предлог: „Кажи некому како ти се испланирани парите и замоли го одвреме-навреме да те прашува како ти оди. Од помош е да имаш чувство дека си одговорен пред некого“ (Ванеса).