Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што ако не го поднесувам училиштето?

Што ако не го поднесувам училиштето?

 Строги наставници. Притисок од врсниците. Стресни тестови и еден куп домашни задачи. Разбирливо е ако кажеш дека не го сакаш училиштето. Една тинејџерка по име Рејчел a вели:

 „Би сакала да бидам каде било, само не на училиште. Повеќе би сакала да бидам на плажа или со моите пријатели, па дури и да им помагам на моите родители со готвењето или чистењето!“

 Ако и ти се чувствуваш како Рејчел, годините што ги поминуваш на училиште можеби ти изгледаат како затворска казна која мора да ја издржиш додека не бидеш ослободен кога ќе матурираш. Но, дали има подобар начин како можеш да гледаш на времето поминато на училиште?

 Дали си знаел? Ако стекнеш подобро гледиште за училиштето, ти преземаш контрола врз ситуацијата и повеќе нема да гледаш на твоето школување како на испит за твојата истрајност. На некој начин, школото станува алатка со која ги остриш вештините што ќе ти бидат потребни кога ќе станеш возрасна личност.

 За да имаш подобар став кон училиштето, обиди се да се фокусираш на следново:

 Твоето образование. Колку повеќе учиш толку подобро ќе можеш да ги решаваш проблемите што во иднина ќе ги имаш на работа и на други подрачја од твојот живот наместо секогаш да се потпираш на другите. Прашај се: „Дури и ако има работи во врска со училиштето што не ми се допаѓаат, како ми користи образованието што го стекнувам?“

 Библиско начело: „Зачувај ја мудроста и способноста за расудување“ (Изреки 3:21).

 За повеќе информации, види ја статијата „Како да ги поправам оценките?

 Твоите навики. Добрите навики што ги стекнуваш на училиште можат да те научат добро да го организираш времето, да станеш самодисциплиниран и да бидеш добар работник — особини кои ќе ти бидат потребни како возрасен. Прашај се: „На кои начини училиштето ми помага да станам самодисциплиниран и добар работник? Како можам да се подобрам на овие подрачја?“

 Библиско начело: „Од секој труд има корист“ (Изреки 14:23).

 За повеќе информации, види ја статијата „Како да си го организирам времето?

 Твојот однос со другите. Комуникацијата со соучениците може да ти помогне да развиеш сочувство и почит кон другите. „Да учиш како да комуницираш со луѓето е исто толку важно како да учиш историја и природни науки“, вели еден млад човек по име Џошуа. „Тоа е вештина што ќе ти користи во текот на целиот живот.“ Прашај се: „Што сум научил на училиште во врска со тоа како да се сложувам со другите — дури и со оние кои имаат различно потекло или верувања од моите?“

 Библиско начело: „Тежнејте кон мир со сите“ (Евреите 12:14).

 За повеќе информации, види ја статијата „Како да ги подобрам моите комуникациски вештини?

 Твојата иднина. Училиштето може да ти помогне да ги препознаеш твоите способности и да си поставиш соодветни цели. Една девојка по име Брук вели: „Дури можеш да добиеш обука во некоја одредена област, како што добив и јас, па така кога ќе матурираш, веќе си квалификуван за работа“. Прашај се: „Како ќе се издржувам откако ќе завршам со училиштето? Како можам да го насочам моето образование кон тој вид на работа?“

 Библиско начело: „Знај во кој правец одиш“ (Изреки 4:26, Contemporary English Version).

a Некои имиња се сменети.