Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДВАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Јас верувам“

„Јас верувам“

1. Како се чувствувала Марта, и зошто?

МАРТА не можела да ја тргне од мислите случката која го завила во тага нејзиното семејство. Сликата како нејзиниот брат лежи во темната гробница ѝ се врежала во сеќавањето, а болката која ѝ го притискала срцето била тешка како огромниот студен камен што стоел на влезот од гробот. Помислата дека нејзиниот сакан брат, Лазар, веќе го нема, била речиси неподнослива. Тие четири дена по неговата смрт се претвориле во долга низа од мачни моменти проткаени со тага, која пријателите настојувале да ја ублажат со утешни зборови.

2, 3. а) Како се почувствувала Марта кога го здогледала Исус? б) Што учиме за Марта од она што го рекла?

2 Веста дека во нивниот град доаѓа Исус, човекот што Лазар многу го сакал, ја тргнала Марта од тажните мисли. Знаела дека тој можел да му помогне на нејзиниот брат, дека можел да го ослободи од прангите на смртта. Кога го здогледала, срцето ѝ се распарало од болка, а очите ѝ се наполниле со солзи. Но, во неговиот поглед видела топлина и сочувство. Тие неколку мигови со Исус ѝ го вратиле спокојството. Тој секогаш ја охрабрувал и ѝ влевал нова сила. Така било и овојпат. Ги нашол вистинските зборови кои ѝ ја зајакнале верата во воскресение. Исус ја поттикнал да ги каже зборовите кои ќе останат трајно запаметени: „Јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји, оној што треба да дојде во светов“ (Јован 11:27).

3 Од она што го рекла, се гледа дека Марта имала извонредна вера. Иако во Библијата Марта се спомнува само неколкупати, од неа можеме многу да научиме и така да си ја зајакнеме верата. Најпрво, да се запознаеме со нејзиното семејство и да видиме како изгледала една претходна средба на Марта со Исус уште додека Лазар бил жив.

„Се грижиш и се вознемируваш“

4. Кој го сочинувал семејството на Марта, и колку биле блиски со Исус?

4 Марта, брат ѝ Лазар и сестра ѝ Марија живееле заедно. Некои изучувачи претпоставуваат дека Марта била најстарата бидејќи, по сѐ изгледа, таа ги пречекувала гостите, а и Библијата на неколку места ја спомнува прва (Јован 11:5). Не се знае дали некој од нив тројцата некогаш бил во брак, но знаеме дека му биле блиски пријатели на Исус. Додека проповедал во Јудеја, каде што луѓето општо земено биле непријателски расположени кон него, па дури и отворено му се противеле, Исус често навраќал во нивниот дом во Витанија. Сигурно многу му значело тоа што таму пронашол мирно катче во кое заедно со своите блиски пријатели можел да се одмори и да собере сили.

5, 6. а) Зошто Марта имала полни раце работа кога Исус требало да дојде кај нив? б) Што направила Марија кога Исус дошол во нивниот дом?

5 Семејството на Марта било познато по гостољубивоста, а несомнено таа имала голема заслуга за тоа. Оваа вредна жена честопати имала полни раце работа. Така било и кога чула дека на гости им доаѓа Исус, можеби заедно со некои од своите ученици. Веднаш почнала да подготвува богата трпеза со најразновидни јадења за својот најдраг гостин. Во тоа време гостопримството многу се ценело. Гостинот секогаш бил пречекуван со бакнеж, а домаќинот ќе му ги собуел сандалите, ќе му ги измиел нозете и ќе му ја намачкал главата со освежувачко мирисливо масло. (Прочитај Лука 7:44-47.) Било вообичаено на гостинот да му се принесе најдобрата храна и да му се понуди удобно сместување.

6 Марта и Марија очигледно имале многу работа. Марија отпрвин сигурно ѝ помагала на својата сестра да спремат сѐ што треба за да го пречекаат Исус. Но, кога дошол тој, работите се смениле. Исус сакал да ја искористи таа прилика за да им пренесе на своите пријатели некои скапоцени вистини. За разлика од верските водачи во тоа време, Исус ги почитувал жените и без колебање ги поучувал за Божјето Царство, главната тема на пораката што ја проповедал. Пресреќна што може да го слуша Исус, Марија седнала крај неговите нозе и жедно го впивала секој негов збор.

7, 8. Што ја вознемирило Марта, и како ја покажала својата лутина?

7 Можеме само да си замислиме како се чувствувала Марта кога го видела тоа. Имала толку работа што не знаела што попрво да направи, а сестра ѝ ја оставила сама. Сигурно не можела да си поверува на очите, а срцето почнало забрзано да ѝ чука од лутина кога видела дека Марија седнала со гостите. Додека минувала покрај неа носејќи чинии во рацете, можеби гласно воздивнувала или прекорно ја погледнувала за некако да ѝ покаже дека не ѝ е сеедно што целата работа останала на неа додека Марија седела со скрстени раце.

8 На крајот, Марта веќе не можела да молчи. Го прекинала Исус и непромислено рекла: „Господару, зарем не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да послужувам? Речи ѝ да ми помогне!“ (Лука 10:40). Од нејзините зборови можело јасно да се види колку е вознемирена. Марта побарала од Исус да ја прекори Марија и да ѝ рече да се фати за работа.

9, 10. а) Што ѝ рекол Исус на Марта? б) Дали Исус го потценил трудот на Марта?

9 Одговорот што ѝ го дал Исус можеби ја изненадил Марта, како што до ден-денес изненадува мнозина. Тој љубезно ѝ рекол: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно. Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:41, 42). Што сакал да каже Исус со тоа? Дали ја прекорил Марта дека премногу ѝ биле важни материјалните работи? Дали можеби сакал да го потцени трудот што го вложила за да го подготви вкусниот оброк?

Иако ‚се грижела и се вознемирувала за многу работи‘, Марта понизно го прифатила советот

10 Не. Исус знаел дека Марта го правела тоа со добри намери. Не сакал да каже дека нејзината желба да им угоди на гостите и да ги пречека најдобро што може е погрешна. Некое време пред овој настан, тој со задоволство отишол на една „голема гозба“ што ја приредил Матеј (Лука 5:29). Проблемот не бил во јадењето за кое Марта дала сѐ од себе да го подготви, туку во она што го сметала за вредно за внимание. Толку се преокупирала со готвењето што изгубила од вид што било поважно од храната.

Исус го ценел гостопримството на Марта и знаел дека таа има чисти и искрени мотиви

11, 12. Како Исус љубезно ја прекорил Марта?

11 Во нејзиниот дом бил Исус, единородниот Син на Јехова Бог, и сакал неа и нејзиното семејство да ги поучи за вистината. Ништо на овој свет — па дури ни највкусното јадење на Марта, не било поважно од тоа. На Исус сигурно му било многу жал што Марта пропушта една неповторлива прилика да си ја зајакне верата, но не сакал да ѝ ја наметнува својата волја, туку ја оставил самата да реши на што ќе се посвети. * Тој се вмешал дури кога од него побарала да ѝ рече на нејзината сестра да ѝ помогне, затоа што сметал дека не е на место да ѝ ја скрати можноста на Марија да учи од него.

12 Исус љубезно ја прекорил Марта поради она што го рекла. Двапати со благ глас ѝ се обратил по име за да ја успокои и да ѝ помогне да сфати дека не треба ‚да се грижи и да се вознемирува за многу работи‘. Доволно било да подготви нешто едноставно за јадење, особено затоа што ги чекало изобилство духовни поуки. Исус во никој случај не сакал да ѝ го одземе на Марија „подобриот дел“ кој го избрала, односно приликата да ги слуша поуките што сакал да им ги пренесе.

13. Што учиме од зборовите што Исус ѝ ги кажал на Марта?

13 Во извештајот за она што се случувало во домот на Марта можеме да пронајдеме многу поуки. Не смееме да дозволиме секојдневните обврски да ни го одвлечат вниманието и да ни го одземат скапоценото време што треба да им го посветиме на своите „духовни потреби“ (Мат. 5:3). Се разбира, добро е да бидеме великодушни и вредни како Марта, но никогаш не би требало да дозволиме нашата гостољубивост да се сведе само на јадење и пиење. Со соверниците не се дружиме само за да уживаме во убава храна, туку првенствено затоа што сакаме да си дадеме „духовен дар“ и да се охрабриме. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.) А тоа можеме да го правиме и кога има само скромен оброк.

Смртта и воскресението на Лазар

14. Дали Марта го прифатила љубезниот совет на Исус?

14 Поминале неколку месеци откако Исус бил на ручек кај Марта и кај нејзиното семејство. Дали Марта извлекла поука од она што ѝ го кажал Исус во таа прилика? Можеме да бидеме сигурни дека е така. Во почетокот на својот трогателен извештај за воскресението на братот на Марта, апостол Јован напишал: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар“ (Јован 11:5). Таа очигледно не се налутила ниту, пак, му замерила на Исус. Напротив, со цело срце го прифатила неговиот совет. Со тоа ни дала прекрасен пример и покажала колку ѝ било важно да му угоди на Бог. Добро е да имаме на ум како реагирала Марта на зборовите на Исус затоа што на сите нас одвреме-навреме ни е потребен совет.

15, 16. а) Што правела Марта кога брат ѝ се разболел? б) На што се надевале Марта и Марија?

15 По некое време, Лазар тешко се разболел. Марта потполно се посветила на грижата за неговото здравје бидејќи сакала што поскоро да закрепне од мачната болест. Затоа правела сѐ што можела за да му ја ублажи болката. Но, на Лазар секој ден му било сѐ полошо. Неговите сестри постојано биле крај него. Марта несомнено често го погледнувала лицето на својот брат, потполно испиено и изнемоштено од тешката болест, сеќавајќи се на годините што ги поминале заедно и на убавите и тажните моменти што ги поврзувале.

16 Кога изгледало дека ја губат битката со болеста на Лазар, Марта и Марија пратиле човек да му каже на Исус. Во тоа време, Исус проповедал во едно место што од нивниот дом било оддалечено два дена одење. Кратко го известиле: „Господару, ете, твојот сакан пријател е болен“ (Јован 11:1, 3). Знаеле дека Исус го сака нивниот брат и биле уверени дека ќе направи сѐ што може за да му помогне на својот пријател. Единствената работа што во тие тешки моменти им влевала сила била надежта дека Исус ќе дојде пред да биде предоцна. Но, тоа не се случило. Лазар умрел.

17. Што се прашувала Марта, и што направила кога чула дека Исус доаѓа во Витанија?

17 Иако болката за саканиот брат им го раскинувала срцето, Марта и Марија морале да ги направат сите потребни подготовки за погребот и да ги пречекаат многуте гости од Витанија и од околните места кои доаѓале да им изразат сочувство. Времето минувало, а од Исус немало ни трага ни глас. Марта сигурно се прашувала зошто го нема. Најпосле, четири дена по смртта на Лазар, стигнала вест дека Исус доаѓа и дека е во близината на Витанија. Дури и во тој тажен момент таа веднаш станала и брзо тргнала да го пресретне, без да ѝ каже на Марија каде оди. (Прочитај Јован 11:18-20.)

18, 19. Во што била уверена Марта, и зошто нејзината вера била извонредна?

18 Кога Марта го здогледала својот Учител, си ја отворила душата и му го кажала она што неа и сестра ѝ ги мачело веќе со денови: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“. Сепак, болката што ја чувствувала поради смртта на нејзиниот брат не ѝ ги срушила верата и надежта. Таа рекла: „Но и сега знам дека Бог ќе ти даде сѐ што ќе побараш од него“. За да ѝ ја зајакне верата, Исус ѝ одговорил: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:21-23).

19 Марта си помислила дека Исус зборува за воскресението на мртвите што требало да се случи во иднина, па затоа му рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:24). Нејзината вера во тоа учење навистина била силна. Садукеите тврделе дека нема воскресение, иако списите кои биле пишувани под Божје водство јасно и недвосмислено зборувале во прилог на тоа учење (Дан. 12:13; Мар. 12:18). Марта знаела дека Исус проповедал за воскресението и дека веќе вратил во живот некои луѓе. Сепак, ниту еден од нив не бил мртов толку долго колку Лазар. Марта не ни претпоставувала што ќе се случи наскоро.

20. Што значат зборовите на Исус запишани во Јован 11:25-27, и што покажала Марта со својот одговор?

20 Тогаш Исус ги кажал следниве впечатливи зборови: „Јас сум воскресението и животот“. Јехова му дал власт на својот Син во иднина да ги врати во живот оние што почиваат во смртен сон. Исус ја прашал Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Тогаш таа го дала одговорот што беше запишан на почетокот од ова поглавје. Покажала вера дека Исус е ветениот Месија, дека му е Син на Јехова Бог и дека пророците од старо време го претскажале неговото доаѓање (Јован 5:28, 29; прочитај Јован 11:25-27).

21, 22. а) Како Исус покажал што чувствува кон ужалените? б) Опиши го воскресението на Лазар.

21 Дали Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, ценат кога некој покажува вера како Марта? Настаните што следеле ни даваат јасен одговор. Марта си заминала откај Исус и отишла да ја викне Марија. Додека гледала како Исус разговара со Марија и со луѓето што дошле со неа, можела јасно да ја забележи тагата што се оцртувала на неговото лице. Не ги криел своите најдлабоки чувства кога видел колку многу ги погодила смртта на Лазар. Исус дошол до пештерата во која било положено телото на Лазар и им рекол на луѓето да го тргнат каменот од нејзиниот влез (Јован 11:28-39).

22 Кога го слушнала тоа, Марта се вмешала затоа што сакала да ги поштеди од неугодност луѓето што стоеле таму. Рекла дека телото на нејзиниот брат сигурно мириса затоа што поминале четири дена откако умрел. Исус ѝ одговорил: „Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?“ Така и било. Токму во тој момент Јехова Бог му дал моќ на својот Син да му го врати животот на Лазар! Може само да си замислиме како се чувствувала Марта кога го чула Исус како извикува: „Лазаре, излези!“ Одеднаш од пештерата почнал да се слуша тивок, нејасен шум. Марта сигурно со ширум отворени очи гледала како од внатрешноста на пештерата кон излезот се движи нејасна силуета. А тогаш, чекор по чекор, од пештерата излегол човек замотан во завои. Тоа бил нејзиниот брат! Слушнала како Исус им заповедал на луѓето што стоеле во близина: „Одвиткајте го и пуштете го да оди!“ Со каква неизмерна радост двете сестри се стрчале во прегратката на својот брат! Сета тага и болка во истиот миг исчезнале од срцето на Марта. Моментот кога го здогледала својот брат повторно жив сигурно го памтела до крајот на животот. (Прочитај Јован 11:40-44.)

Марта била наградена за својата вера во Исус кога таа и Марија го виделе воскресението на својот брат

23. Што сакаат Јехова и Исус да направат за тебе, и што треба да направиш ти?

23 Овој библиски извештај покажува дека воскресението не е само сон и дека некои луѓе во минатото навистина станале од мртвите (Јов 14:14, 15). Марта, Марија и Лазар се увериле дека Јехова и неговиот Син многу сакаат да ја наградат верата на своите слуги. Ако изградиш цврста вера, ќе бидеш награден и ти.

„Марта послужуваше“

24. Кое е последното нешто што Библијата ни го кажува за Марта?

24 Во Библијата, Марта се спомнува само уште еднаш, и тоа кога започнала последната седмица од Исусовиот живот на Земјата. Бидејќи добро знаел какви неволји го чекаат, Исус решил за последен пат да појде кај Лазар и неговите сестри во Витанија, на оддалеченост од само три километри од Ерусалим. Исус и Лазар вечерале кај Симон лепрозниот и во таа пригода за последен пат е кажано нешто за Марта. Во Библијата пишува: „Марта послужуваше“ (Јован 12:2).

25. Зошто е убаво тоа што во собранијата има жени како Марта?

25 Зар можело да се очекува нешто друго од таа вредна жена? Кога првпат се спомнува во Библијата, таа работи; кога се спомнува последен пат, повторно работи и дава сѐ од себе за да им угоди на другите. Убаво е што во собранијата денес има жени како Марта, кои секогаш ја покажуваат својата вера со несебични и самопожртвувани дела. Сосема веројатно Марта задржала силна вера. Така покажала мудрост, бидејќи тоа ја подготвило за болните моменти што ја чекале.

26. Во што ѝ помогнала верата на Марта?

26 По неколку дена, Марта морала да ја доживее болката од ужасната смрт на својот сакан Учител, Исус. Освен тоа, истите злобни и лицемерни свештеници што го убиле Исус решиле да го убијат и Лазар бидејќи, по неговото воскресение, многу луѓе почнале да веруваат во Исус. (Прочитај Јован 12:9-11.) И, се разбира, еден ден смртта сепак ја разделила Марта од нејзините брат и сестра. Не знаеме како и кога се случило тоа, но можеме да бидеме сигурни во следново: Скапоцената вера што ја имала Марта ѝ помогнала да истрае до крајот на животот. Затоа е добро христијаните денес да се угледаат на верата на Марта.

^ пас. 11 Во првиот век, Евреите општо земено сметале дека жените не треба да бидат вклучени во интелектуални активности, туку дека треба да научат добро да си ги вршат домашните обврски. Можеби затоа за Марта било многу невообичаено една жена да седне крај нозете на некој учител за да го слуша.