Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕВЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Постапила разборито

Постапила разборито

1-3. а) Каква опасност му се заканувала на семејството на Авигеја? б) Што ќе дознаеме за оваа извонредна жена?

АВИГЕЈА видела паника во очите на младиот човек. Тој бил преплашен, и тоа со добра причина. Им се заканувала голема опасност! Во тој момент, околу 400 војници се приближувале кон нивниот имот, решени да го убијат секое машко во домот на Навал, нејзиниот маж. Како дошло до тоа?

2 За сѐ бил виновен Навал. Како и секогаш, тој постапил грубо и дрско. Но, овојпат си фатил работа со погрешен човек — заповедникот на една чета вешти војници кои му биле верни на својот водач. Тогаш еден од младите работници на Навал, кој можеби бил овчар, дошол кај Авигеја со надеж дека таа ќе најде начин да ги спаси. Но, како можела една жена да ѝ се спротивстави на цела војска?

Како можела една жена да ѝ се спротивстави на цела војска?

3 Прво да дознаеме нешто повеќе за оваа извонредна жена. Која била Авигеја? Како дошло до таа напната ситуација? И што можеме да научиме од оваа жена што покажала цврста вера?

„Беше многу разборита и убава“

4. Каков човек бил Навал?

4 Авигеја и Навал не си одговарале како брачна двојка. Навал не можел да си најде подобра жена од Авигеја, но таа не можела да има полош маж. Точно, тој бил богат. Затоа и имал превисоко мислење за себе. Но, какво мислење имале другите за него? Ретко која друга личност во Библијата е прикажана во толку лошо светло. Неговото име значи „безумен“ или „глупав“. Тоа име можеби му го дале родителите кога се родил, но можеби го добил и подоцна во животот поради својата безумност. Како и да е, со своето однесување покажал дека тоа име добро му прилегало. Навал бил „груб и зол“, насилник и пијаница од кој сите се плашеле и кого никој не го сакал (1. Сам. 25:2, 3, 17, 21, 25).

5, 6. а) Кои особини на Авигеја најмногу ти се допаѓаат? б) Зошто можеби Авигеја се омажила за таков расипан човек?

5 Авигеја била сосема поинаква од Навал. Нејзиното име значи „татко ми се израдува“. Многу татковци се гордеат со убавината на својата ќерка, но мудрите татковци се далеку посреќни кога гледаат дека нивното дете поседува внатрешна убавина. Оние што се надворешно убави честопати не мислат на тоа дека треба да стекнат особини како што се разборитоста, мудроста, храброста или верата. Но, Авигеја не била таква. Во Библијата е пофалена за нејзината разборитост и убавина. (Прочитај 1. Самоилова 25:3.)

6 Денес некој би можел да се праша зошто една паметна млада жена се омажила за таков расипан човек. Мора да имаме на ум дека во библиски времиња многу бракови биле договорени. Дури и ако некој брак не бил договорен, било многу важно родителите да ја дадат својата согласност. Можеби родителите на Авигеја сакале таа да се омажи за Навал, или дури и го договориле нејзиниот брак, затоа што им оставило впечаток неговото богатството и неговата истакната положба во општеството. Или можеби во тој брак виделе излез од својата сиромаштија. Како и да било, парите не го направиле Навал добар сопруг.

7. а) Што не треба да прават родителите за да им помогнат на своите деца да имаат исправно гледиште за бракот? б) Како гледала Авигеја на својот брак?

7 Мудрите родители вложуваат многу труд за да ги научат своите деца да гледаат со ценење на брачната заедница. Тие не ги поттикнуваат да стапуваат во брак заради пари ниту им вршат притисок да почнат врска со некого додека се премлади и неподготвени за должностите и одговорностите кои ги носи бракот (1. Кор. 7:36). Меѓутоа, за Авигеја било предоцна да размислува за сето тоа. Сеедно од која причина се омажила за Навал, веќе не можела да смени ништо. Но, иако не ѝ било лесно, давала сѐ од себе за тој брак да успее.

„Тој им се развика“

8. Кого го навредил Навал, и зошто тоа било многу неразумно?

8 Заради Навал, Авигеја се нашла во многу тешка ситуација — потешка од кога и да е порано. Човекот што Навал го навредил бил Давид. Тој бил верниот Јеховин слуга кој пророкот Самоил го помазал за цар, што значело дека Бог го избрал за да го наследи престолот на Саул (1. Сам. 16:1, 2, 11-13). Бидејќи Саул бил љубоморен и сакал да го убие, Давид морал да бега и да живее во пустината со своите 600 верни војници.

9, 10. а) Во какви предели Давид и неговите луѓе воделе борба за опстанок? б) Зошто Навал требало да покаже ценење за тоа што го правеле Давид и неговите луѓе? (Види ја и фуснотата за пасус 10.)

9 Навал живеел во Маон, но работел во блискиот Кармил, каде што веројатно имал земја. * Во близината на овие градови се протегале висорамнини со пасишта погодни за одгледување овци, а Навал имал 3.000 овци. Но, околните места биле пусти и необработени. На југ лежела огромната пустина Фаран. На исток, патот до Соленото Море (денес познато како Мртво Море) минувал низ пусти предели полни со клисури и пештери. Во овие предели Давид и неговите луѓе воделе вистинска борба за опстанок. Живееле во многу тешки услови и без сомнение морале да ловат за да дојдат до храна. Таму често ги среќавале младите луѓе кои ги чувале овците на богатиот Навал.

10 Како постапувале со овчарите овие војници? Многу лесно можеле одвреме-навреме да се послужат со некоја овца, но не направиле такво нешто. Наместо тоа, тие биле како заштитен ѕид околу стадата и слугите на Навал. (Прочитај 1. Самоилова 25:15, 16.) Во тоа време овците и пастирите често биле во опасност. Имало многу грабливи животни. А во близина се наоѓала и јужната граница на Израел, па затоа многу крадци и разбојници од соседните земји често ги напаѓале стадата. *

11, 12. а) Како Давид покажал тактичност и почит со пораката што му ја испратил на Навал? б) Што било погрешно во начинот на кој реагирал Навал?

11 Сигурно не било лесно да се најде храна за сите тие луѓе во пустината. Затоа, еден ден Давид испратил десет гласници кај Навал за да го замолат да им даде храна. Давид мудро го избрал вистинскиот момент. Владеела радост поради стрижењето на овците — време кога било обичај луѓето да покажуваат дарежливост и да се гоштаваат. Исто така, преку гласниците Давид му се обратил на Навал многу учтиво и љубезно и внимателно ги избрал своите зборови. Тој дури и рекол за себе дека е негов „син“, можеби затоа што Навал бил постар од него и со тоа сакал да покаже почит. Но, како реагирал Навал? (1. Сам. 25:5-8).

12 Тој зоврел од бес! „Им се развика“, ѝ раскажал на Авигеја младиот човек што го спомнавме во почетокот. Скржавиот Навал пред сите рекол дека нема да ги даде својот скапоцен леб, водата и стоката што ја заклал. Го потценил Давид како да е никој и ништо и го споредил со обичен слуга што избегал од својот господар. Можеби Навал гледал на работите слично како Саул, кој го мразел Давид. Ниту едниот ниту другиот не гледале на Давид како што гледал Јехова. Бог го сакал Давид и во негови очи тој не бил бунтовен слуга туку иден цар на Израел (1. Сам. 25:10, 11, 14).

13. а) Како реагирал отпрвин Давид на навредата од Навал? б) Што ни открива начелото од Јаков 1:20 за реакцијата на Давид?

13 Кога гласниците се вратиле и му раскажале на Давид што се случило, тој се разбеснил. „Опашете го секој својот меч!“, заповедал. Потоа и самиот се наоружал и повел во напад 400 луѓе. Се заколнал дека ќе го убие секое машко од домот на Навал (1. Сам. 25:12, 13, 21, 22). Не е тешко да разбереме зошто Давид се разгневил, но не бил исправен начинот на кој сакал да го излее својот гнев. Библијата вели: „Човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“ (Јак. 1:20). Но, што можела да направи Авигеја за да го спаси својот дом?

„Благословена да биде твојата разумност“

14. а) На кој начин Авигеја веќе го направила првиот чекор за да ја исправи грешката на Навал? б) Што можеме да научиме од разликата меѓу Навал и Авигеја? (Види ја и фуснотата.)

14 Како што видовме, Авигеја веќе го направила првиот чекор за да ја исправи таа страшна неправда. За разлика од нејзиниот сопруг, Навал, таа била спремна да го сослуша својот слуга. Еве што рекол младиот слуга за Навал: „Тој е толку расипан човек што не може ни да се разговара со него“ (1. Сам. 25:17). * За жал, Навал се сметал себеси за толку важен што не сакал никого да сослуша. И денес многу луѓе покажуваат слична вообразеност. Но, младиот слуга знаел дека Авигеја не е таква, па веројатно затоа отишол кај неа.

За разлика од Навал, Авигеја била спремна да сослуша

15, 16. а) На кој начин Авигеја покажала дека е како вредната жена опишана во Изреки? б) Дали со она што го презела Авигеја покажала непочитување кон својот маж?

15 Авигеја размислила и решила веднаш да преземе нешто. Во овој извештај неколкупати се спомнува дека таа „брзо“ направила нешто. Подготвила великодушен подарок за Давид и за неговите луѓе — леб, вино, овчо месо, пржени зрна, суво грозје и суви смокви. Очигледно Авигеја добро знаела со што располага во своето домаќинство и совесно ги извршувала своите домашни одговорности, исто како вредната жена што подоцна е опишана во книгата Изреки (Изр. 31:10-31). Храната ја испратила по неколку слуги, а потоа и самата отишла да го пресретне Давид. „Но не му кажа ништо на својот маж Навал“, пишува во Библијата (1. Сам. 25:18, 19).

16 Дали ова значи дека Авигеја покажала непочитување кон својот маж, кој ѝ бил поглавар? Воопшто не. Имај на ум дека Навал постапил злобно со еден помазан слуга на Јехова, што можело да доведе до тоа многу недолжни членови од неговиот дом да го изгубат животот. Да не презела ништо, Авигеја ќе била соучесник во постапките на нејзиниот сопруг. Во овој случај, морала да ја стави својата подложност кон Бог пред подложноста кон својот маж.

17, 18. Како Авигеја му пристапила на Давид, и што му кажала? Зошто нејзините зборови му оставиле впечаток?

17 Кратко потоа, Авигеја ги пресретнала Давид и неговите луѓе. Ни тогаш не губела време, туку брзо се симнала од магарето и понизно му се поклонила на Давид (1. Сам. 25:20, 23). Потоа отворено му кажала сѐ што ја мачело и сесрдно го молела да покаже милост кон нејзиниот маж и нејзиниот дом. Зошто нејзините зборови му оставиле длабок впечаток на Давид?

„Те молам, допушти твојата робинка да прозборува пред тебе“

18 Авигеја ја презела на себе одговорноста за проблемот и го замолила Давид да ѝ прости. Била реална и признала дека нејзиниот маж е безумен човек, како што покажувало и неговото име. Со тоа можеби сакала да му каже на Давид дека ќе биде под неговото достоинство да му се одмазди на еден таков човек. Покажала доверба во Давид како Јеховин претставник и признала дека тој „ги води војните на Јехова“. Исто така, со тоа што рекла: „Јехова... ќе те постави за водач на Израел“, покажала дека знае за ветувањето што Јехова му го дал на Давид. Потоа, го молела да не направи нешто поради што би си навлекол вина за крв или, пак, подоцна би зажалил затоа што ќе го пече совеста. (Прочитај 1. Самоилова 25:24-31.) Тоа навистина биле љубезни и трогателни зборови!

19. Како реагирал Давид на она што го кажала Авигеја, и за што ја пофалил?

19 Како реагирал Давид? Тој го прифатил подарокот што го донела Авигеја и рекол: „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, кој денес те испрати да ме пресретнеш! Благословена да биде твојата разумност и благословена да бидеш ти, која ме задржа денес да не бидам виновен за крв“. Давид ја пофалил за тоа што храбро и без колебање го пресретнала, и признал дека го спречила да си навлече вина за крв. „Оди со мир во својата куќа“, ѝ рекол тој, и понизно додал: „Ќе го послушам твојот глас“ (1. Сам. 25:32-35).

„Еве ја твојата робинка“

20, 21. а) Зошто те воодушевува одлуката на Авигеја да се врати кај својот маж? б) Како Авигеја покажала храброст и разумност со тоа што го чекала вистинскиот момент да зборува со Навал?

20 Откако си заминала, Авигеја веројатно уште некое време размислувала за таа средба. Сигурно ја увидела разликата меѓу тој верен и добродушен човек и насилникот со кој била омажена. Но, не се задржувала предолго на тие мисли. Во Библијата пишува: „Авигеја се врати кај Навал“. Да, се вратила кај својот маж, решена да си ја извршува својата улога на сопруга најдобро што може. Морала да му каже за подарокот што им го дала на Давид и неговите луѓе. Навал имал право да знае. Исто така, морала да му каже и за опасноста што била избегната пред тој да дознае од некој друг, што би било уште поголем срам за него. Но, не можела веднаш да му каже што се случило. Во таа прилика тој царски се гоштавал и бил мртов пијан (1. Сам. 25:36).

Авигеја храбро му кажала на Навал што направила за да му го спаси животот

21 Авигеја повторно покажала храброст и разумност со тоа што чекала до следното утро. Така ќе бил доволно трезен за да ја разбере, но во исто време можела да очекува дека ќе биде и пораздразлив, нешто поради кое можела да биде во опасност. И покрај тоа, храбро му кажала сѐ што се случило. Без сомнение, очекувала да се разбесни, можеби и да биде насилен кон неа. Наместо тоа, тој само седел без да мрдне (1. Сам. 25:37).

22. Што му се случило на Навал, и на што нѐ потсетува овој извештај во врска со сите случаи на семејно насилство?

22 Што му се случило на Навал? „Тогаш му замре срцето и тој стана како камен.“ Можеби добил некаков вид мозочен удар. Меѓутоа, умрел околу 10 дена подоцна, но не само од здравствени причини. Во Библијата пишува: „Јехова го удри Навал и тој умре“ (1. Сам. 25:38). Со ваквата праведна казна, Јехова му ставил крај на бракот што за Авигеја претставувал вистински кошмар. Иако денес Јехова не прави такви чуда, овој извештај нѐ потсетува дека тој е свесен за секој случај на семејно насилство. Во свое време, Јехова сигурно ќе донесе правда. (Прочитај Лука 8:17.)

23. Каков друг благослов добила Авигеја, и како покажала дека тоа не ја сменило?

23 Освен тоа што веќе не морала да биде во несреќен брак, Авигеја ја чекал уште еден благослов. Кога Давид чул за смртта на Навал, испратил гласници за да ја побараат Авигеја за жена во негово име. „Еве ја твојата робинка“, одговорила таа, „која како слугинка ќе им ги мие нозете на слугите на својот господар.“ Очигледно, Авигеја не се вообразила затоа што добила прилика да му стане жена на Давид. Таа дури и се понудила да биде слугинка на неговите слуги! Потоа, повторно брзо се подготвила за да отиде кај Давид (1. Сам. 25:39-42).

24. Со какви предизвици се соочила Авигеја во животот, но како гледале на неа нејзиниот сопруг, Давид, и Бог?

24 Ова не значи дека оттогаш животот ѝ бил како од бајките. Ни во бракот со Давид не одело сѐ како подмачкано. Тој веќе бил оженет со Ахиноама, и иако Бог ја дозволувал полигамијата, таа носела посебни предизвици за верните жени. Освен тоа, Давид сѐ уште не бил цар и се соочил со многу тешкотии и препреки пред да почне да му служи на Јехова во тоа својство. Но, Авигеја му помагала и го поддржувала на неговиот животен пат, а подоцна му родила и син. Во една ситуација Давид ја спасил од разбојниците што ја грабнале (1. Сам. 30:1-19). На тој начин покажал дека се угледал на Јехова Бог, кој ги сака и ги цени таквите разумни, храбри и верни жени.

^ пас. 9 Не станува збор за познатата планина Кармил, на која пророкот Илија подоцна се пресметал со пророците на Ваал. (Види го поглавје 10.) Овој Кармил бил гратче на југ, на работ на пустината Фаран.

^ пас. 10 Давид веројатно сметал дека со тоа што ги штити тамошните земјопоседници и нивните стада, му служи на Јехова Бог. Во тоа време, Јеховината намера била потомците на Авраам, Исак и Јаков да живеат во таа земја. Значи, оној што ќе ја штител од крадци и разбојници вршел еден вид света служба за Бог.

^ пас. 14 Изразот „расипан човек“ на изворниот јазик буквално значи „безвреден син“. Во некои библиски преводи, Навал е опишан како човек „што не сакал да слуша никого“, односно човек „со кого не вреди да се разговара“.