Марко 12:1-44

12  И почна да им зборува со споредби: „Еден човек насади лозје+ и постави ограда околу него, ископа место за гмечење на грозјето и подигна стражарска кула.+ И им го даде под закуп на лозарите,+ па отпатува во туѓина.+  Кога дојде времето, испрати еден роб кај лозарите за да земе од нив дел од родот на лозјето.+  Но, тие го фатија, го претепаа и го испратија назад со празни раце.+  Им испрати и друг роб. Нему му ја расцепија главата и го осрамотија.+  Испрати и трет, а него го убија. Испрати и многу други робови, но и од нив некои претепаа, а некои убија.  Тој имаше уште еден, својот сакан син.+ Него последен го испрати кај нив, велејќи: ‚Ќе го почитуваат мојот син‘.+  Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Ова е наследникот.+ Ајде да го убиеме, па наследството ќе биде наше‘.+  Тогаш го фатија и го убија,+ па го исфрлија од лозјето.+  Што ќе стори сопственикот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други.+ 10  Зарем никогаш не сте ги читале овие зборови од Писмото: ‚Каменот+ што го отфрлија градителите стана главен аголен камен.+ 11  Тоа дело е од Јехова, чудесно е во наши очи‘?“+ 12  Оттогаш бараа можност да го фатат, бидејќи сфатија дека оваа споредба ја раскажа имајќи ги нив на ум. Но се плашеа од народот, па го оставија и си заминаа.+ 13  Потоа испратија кај него некои фарисеи и Иродови следбеници+ за да го фатат за збор.+ 14  А кога дојдоа, тие му рекоа: „Учителе, знаеме дека ја зборуваш вистината и дека не си пристрасен, зашто не гледаш кој е кој, туку според вистината поучуваш за Божјиот пат.+ Дозволено ли е да му се плаќа данок на цезарот или не? 15  Дали да плаќаме или да не плаќаме?“+ Тој го проѕре нивното лицемерство и им рече: „Зошто ме искушувате? Покажете ми еден денариј!“*+ 16  И донесоа. А тој им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие му одговорија: „На цезарот“.+ 17  Тогаш Исус рече: „Вратете му го цезаревото на цезарот,+ а Божјето на Бог!“+ И му се восхитуваа.+ 18  Тогаш дојдоа кај него садукеите,* кои велат дека нема воскресение, и го прашаа:+ 19  „Учителе, Мојсеј ни напиша дека оној кому ќе му умре братот и остави жена, но не остави дете, треба да ја земе жената+ и со неа да му подигне потомство на својот брат.+ 20  Си беа седум браќа. Првиот зеде жена, но умре и не остави потомство.+ 21  И вториот ја зеде, но умре без да остави потомство. И третиот исто така. 22  И ниту еден од седумтемина не остави никакво потомство. Последна од сите умре и жената.+ 23  При воскресението, на кого од нив ќе му биде жена? Зашто, седумтемина ја имаа за жена“.+ 24  А Исус им рече: „Зарем не сте во заблуда затоа што не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ?+ 25  Зашто, кога ќе станат од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангели на небесата.+ 26  А за мртвите, дека стануваат, зарем не сте читале во книгата на Мојсеј, во извештајот за грмушката, како Бог му рече: ‚Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘?+ 27  А тој не е Бог на мртвите, туку на живите. Во голема заблуда сте“.+ 28  А еден од книжниците, кој се доближи и ја слушна нивната расправа, увиде дека тој добро им одговори, па го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“+ 29  Исус одговори: „Првата е: ‚Чуј, Израеле, Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова,+ 30  и сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила‘.+ 31  Втората е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘.+ Други заповеди, поголеми од овие, нема“. 32  А книжникот му рече: „Учителе, тоа што го рече е добро и вистинито: ‚Тој е еден, и нема друг освен него‘.+ 33  И да го сакаш со сето срце, и со сиот разум,* и со сета сила, и да го сакаш ближниот како себеси вреди многу повеќе од сите паленици и останати жртви“.+ 34  Кога виде дека тој паметно одговори, Исус рече: „Не си далеку од Божјето царство“. И никој повеќе немаше храброст да го испрашува.+ 35  Кога поучуваше во храмот, Исус рече: „Како можат книжниците да речат дека Христос* е Давидов син?+ 36  Самиот Давид преку светиот дух+ рече: ‚Јехова му рече на мојот Господар:* „Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели под твоите нозе“ ‘.+ 37  Самиот Давид го нарекува ‚Господар‘, па како тогаш му е син?“+ И многуброен народ го слушаше со задоволство.+ 38  Кога ги поучуваше, рече: „Чувајте се од книжниците,+ кои сакаат да се шетаат во долги облеки, и сакаат да бидат поздравувани по плоштадите, 39  и со задоволство ги заземаат предните седишта во синагогите и најистакнатите места на вечерите.+ 40  Тоа се тие што им го одземаат имотот+ на вдовиците и долго се молат само за да ги видат другите. Тие ќе добијат построга пресуда“.+ 41  И седна спроти садовите за прилози+ и набљудуваше како народот пушта пари во садовите за прилози. Мнозина богати луѓе пуштаа многу.+ 42  А дојде една сиромашна вдовица и пушти две парички.*+ 43  Тогаш ги повика кај себе своите ученици и им рече: „Вистина, ви велам, оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите што пуштаат пари во садовите за прилози.+ 44  Зашто, сите тие пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот“.+

Фусноти

Види ги фуснотите за Мр 6:37 и 14:5.
Види ја фуснотата за Мт 3:7.
Изворниот збор има различни значења и може, во зависност од контекстот, да се преведе со поимите: „способност за разбирање, за сфаќање, за разликување; разум, остроумност, проникливост, увид“. Спореди ја фуснотата за Из 3:5.
Или: „Помазаникот, Месијата“. Види ја фуснотата за Мт 2:4.
Види го додатокот 11.
Буквално: „две лепти, то ест еден квадрант“. Лептата е еврејска бакарна или бронзена паричка со најмала вредност. Квадрантот бил римска бакарна или бронзена паричка, шеесет и четврти дел од еден денариј. Види го додатокот 13.