Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОСУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

,Ги чувала тие зборови во своето срце‘

,Ги чувала тие зборови во своето срце‘

1, 2. Опиши го патувањето на Марија, и објасни зошто не ѝ било лесно.

МАРИЈА се обидела поудобно да се смести на магарето. Јавала веќе неколку часа. Пред неа одел Јосиф, а биле на пат за далечното гратче Витлеем. Тогаш повторно почувствувала како мрда бебето во нејзината утроба.

2 Библијата вели дека во тоа време Марија била „во доцна бременост“, што значи кратко пред да се породи (Лука 2:5). Додека минувале покрај полињата, некои земјоделци можеби за момент престанувале да ораат или да сеат за да видат кој поминува, прашувајќи се што ја натерало оваа жена во поодмината бременост да тргне на пат. Зошто Марија се нашла толку далеку од својот дом во Назарет?

3. Каква задача добила Марија, и што ќе научиме за неа?

3 Сѐ започнало неколку месеци претходно, кога оваа млада Еврејка добила задача каква што дотогаш немал добиено никој друг. Требало да го роди детето што било Божји Син, ветениот Месија! (Лука 1:35). Кратко пред да се породи, морала да тргне на овој пат. За време на патувањето, Марија се соочила со неколку ситуации во кои верата ѝ била ставена на испит. Да видиме што ѝ помогнало да остане духовно јака.

Патувањето до Витлеем

4, 5. а) Зошто Јосиф и Марија тргнале на пат кон Витлеем? б) Кое пророштво се исполнило со наредбата што ја издал цезарот?

4 Јосиф и Марија не биле единствените што тргнале на пат. Цезарот Август наредил да се изврши попис на населението. Затоа, секој морал да отиде во своето родно место за да се попише. Што направил Јосиф? Во Библијата стои: „Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во Давидовиот град, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и од семејството на Давид“ (Лука 2:1-4).

5 Не било случајно што цезарот издал таква наредба токму во тоа време. Според едно пророштво запишано околу 700 години претходно, Месијата требало да се роди во Витлеем. Тогаш имало еден град со тоа име што се наоѓал на само 11 километри од Назарет. Меѓутоа, во пророштвото било јасно наведено дека Месијата требало да се роди во ‚Витлеем Ефрата‘. (Прочитај Михеј 5:2.) За да се стигне од Назарет до ова гратче, требало да се патува околу 130 километри низ ридест предел преку Самарија. Јосиф требало да појде во тој Витлеем бидејќи оттаму било семејството на цар Давид, од кое потекнувале Јосиф и неговата жена.

6, 7. а) Зошто на Марија не ѝ било лесно да патува до Витлеем? б) Како тоа што Марија стапила во брак со Јосиф влијаело врз нејзините одлуки? (Види ја и фуснотата.)

6 Дали Марија се согласила со Јосиф кога тој решил да ја послушаат заповедта на цезарот? Зар патувањето немало да биде премногу напорно за неа? По сѐ изгледа требало да тргнат на пат во рана есен, кога завршува сушната сезона, а почнуваат дождовите. Освен тоа, Витлеем се наоѓал на надморска височина од преку 760 метри. Тоа значи дека на крајот од патувањето, кое траело неколку дена, ги чекало прилично напорно искачување. Јосиф и Марија веројатно патувале подолго отколку што било вообичаено, бидејќи Марија требало почесто да се одмора поради бременоста. Освен тоа, секоја жена повеќе би сакала при крајот на бременоста да си остане дома, каде што семејството и пријателите веднаш би ѝ помогнале кога ќе се јават породилните болки. Без сомнение, на Марија ѝ била потребна храброст за да тргне на тоа патување.

Патувањето до Витлеем не било лесно

7 Сепак, Лука известува дека Јосиф отишол „да се попише со Марија“. Освен тоа, спомнува дека Марија ‚веќе била омажена за Јосиф‘ (Лука 2:4, 5). Ова сигурно многу влијаело врз одлуките што ги донесувала. Бидејќи го гледала Јосиф како поглавар на семејството, ги поддржувала неговите одлуки во врска со обожавањето на Јехова и му била помошничка. * Така покажала дека ја прифаќа улогата што ѝ ја дал Бог. Со тоа што му била послушна на својот маж, покажала колку силна вера има.

8. а) Што друго ја поттикнало Марија да отиде со Јосиф во Витлеем? б) Зошто треба да се угледаме на Марија?

8 Што друго можеби ја поттикнало Марија да го послуша Јосиф? Дали знаела за пророштвото дека Месијата ќе се роди во Витлеем? Библијата не кажува ништо за тоа. Не можеме да ја исклучиме таа можност, бидејќи и верските водачи и обичниот народ знаеле каде ќе се роди Месијата (Мат. 2:1-7; Јован 7:40-42). И Марија добро ги познавала светите списи (Лука 1:46-55). Значи, можеби решила да тргне на тој пат за да покаже подложност кон својот маж, кон заповедта на цезарот или поради Јеховиното пророштво, а можеби и од сите тие причини заедно. Како и да е, таа ни дала одличен пример. Јехова многу ги цени понизните и послушни мажи и жени. Иако во денешно време понизноста речиси воопшто не се вреднува, сите ние треба да се угледаме на примерот на Марија.

Раѓањето на Христос

9, 10. а) На што можеби помислиле Марија и Јосиф кога го здогледале Витлеем? б) Каде се сместиле Јосиф и Марија, и зошто?

9 На Марија сигурно ѝ олеснило кога на видикот конечно се појавил Витлеем. Додека се искачувале кон гратчето, минувале покрај маслинарници. Бербата на маслинките допрва требало да почне, бидејќи била една од последните берби во годината. Во тие моменти Јосиф и Марија можеби размислувале за минатото на тоа мало место. Како што рекол пророкот Михеј, Витлеем бил толку мал и безначаен што не се вбројувал меѓу Јудините градови. Сепак, повеќе од илјада години претходно во него се родиле Вооз, Ноемина, а подоцна и Давид.

10 Кога Марија и Јосиф стигнале во Витлеем, гратчето било преполно со луѓе кои исто така дошле да се попишат. Затоа, Марија и Јосиф немале каде да преноќат. * Немале друг избор освен да ја минат ноќта во една штала. Токму таму Марија добила родилни болки! Можеме да си замислиме колку бил загрижен Јосиф додека гледал како нејзините болки стануваат сѐ посилни.

11. а) Зошто една жена лесно може да сфати како ѝ било на Марија? б) Чиј „првороден“ син бил Исус?

11 Една жена лесно може да сфати како ѝ било на Марија. Околу 4.000 години пред тоа, Јехова прорекол дека, поради наследениот грев, жените ќе трпат болки кога ќе раѓаат деца (1. Мој. 3:16). Ништо не покажува дека Марија била исклучок. Извештајот што го запишал Лука не ни го опишува секој детаљ во врска со породувањето, туку едноставно вели: „Го роди својот син, првородениот“ (Лука 2:7). Да, Марија го добила своето првороденче, односно првото од најмалку седумте деца што ги имала (Мар. 6:3). Но, овој син бил сосема поинаков од другите. Не само што ѝ бил првороден на Марија туку бил „првороден од сѐ што е создадено“, единородниот Син на Јехова Бог! (Кол. 1:15).

12. Каде Марија го родила Исус, и зошто неговото раѓање се разликува од претставите и сликите кои го прикажуваат овој настан?

12 Потоа, во извештајот се спомнува еден познат детаљ: „Го пови и го положи во јасли“ (Лука 2:7). Низ светот, Христовото раѓање во претставите и на сликите се прикажува многу идилично. Но, размисли како навистина изгледало тоа. Семејството спиело во штала, а шталите и тогаш биле нечисти и задушливи како денес. Освен тоа, Марија го положила Исус во јаслите, односно коритото од кое јаделе животните. Кој родител би избрал такво место за да му се роди детето? Родителите им го посакуваат најдоброто на своите деца. Колку повеќе Марија и Јосиф сакале да му го дадат најдоброто на Божјиот Син!

13. а) Како Марија и Јосиф го направиле најдоброто во своите околности? б) Што треба да им биде најважно на денешните родители?

13 Меѓутоа, тие не се огорчиле поради она што не можеле да го променат, туку едноставно правеле сѐ што можеле во тие услови. На пример, Марија сама грижливо го повила бебето и потоа нежно го положила во јаслите, каде што му било топло и удобно. Не дозволила да се обесхрабри, туку за бебето го правела најдоброто во тие околности. Освен тоа, и таа и Јосиф добро знаеле дека најважно било да му пружат духовно водство на своето дете. (Прочитај 5. Мојсеева 6:6-8.) И денес, мудрите родители знаат дека е најважно да се грижат за духовните потреби на своите деца бидејќи живееме во свет во кој не се цени духовноста.

Охрабрени од една посета

14, 15. а) Зошто овчарите нестрпливо сакале да го видат детето? б) Што направиле овчарите откако го виделе бебето?

14 Одеднаш, спокојството било нарушено од група луѓе. Во шталата влегле овчари, кои биле нестрпливи да го видат целото семејство, а особено детето. Тие биле возбудени и зрачеле од радост. Дотрчале од трлата на ридовите, каде што ги чувале своите стада. * На изненадените родители им раскажале каков чудесен настан им се случил. На ридот, за време на ноќната стража, неочекувано им се појавил ангел. Јеховината слава заблескала околу нив и ангелот им кажал дека во Витлеем штотуку се родил Христос, Месијата. Им рекол дека ќе го најдат детето повиено и положено во јасли. А потоа се случило нешто уште почудно — се појавиле мноштво ангели, кои го фалеле Бог!

15 Не е за изненадување што овие понизни луѓе веднаш дошле во Витлеем! Сигурно биле пресреќни кога го виделе новороденчето во јасли, како што им опишал ангелот. Оваа добра вест не ја задржале само за себе. Во Библијата пишува: „Им го раскажаа [на другите] она што им беше речено за него. И сите што го слушнаа тоа, се восхитуваа на она што им го кажаа овчарите“ (Лука 2:17, 18). Верските водачи од тоа време очигледно гледале со потценување на овчарите. Но, Јехова јасно покажал дека ги цени тие понизни и верни луѓе. Како влијаела оваа посета врз Марија?

Јехова ги ценел понизните и верни овчари

16. Од што се гледа дека Марија била личност која длабоко размислува, и како ѝ помогнало тоа?

16 Марија сигурно била исцрпена од породувањето, но сепак, внимателно го слушала секој збор. Освен тоа, ‚ги чувала сите тие зборови во своето срце и размислувала за нив‘ (Лука 2:19). Таа била личност која длабоко размислува за сѐ. Знаела дека пораката што ја пренел ангелот била многу важна. Нејзиниот Бог, Јехова, сакал таа да знае кој е нејзиниот син и колку важна улога има. Затоа, не само што слушала туку и ги запомнила сите тие зборови за да може да размислува за нив во претстојните години. Тоа ѝ помогнало да има силна вера целиот свој живот. (Прочитај Евреите 11:1.)

Марија внимателно ги слушала овчарите и ги зачувала нивните зборови во своето срце

17. Како можеме да се угледаме на Марија кога станува збор за духовните вистини?

17 Ќе бидеш ли и ти како Марија? Јехова ги исполнил страниците на својата Реч со важни духовни вистини. Меѓутоа, овие вистини нема многу да ни користат ако не им посветиме внимание. Затоа треба редовно да ја читаме Библијата — не само како литературно дело туку како Божја Реч (2. Тим. 3:16). Потоа, исто како Марија, треба да ги земеме присрце тие зборови и длабоко да размислуваме за нив. Ако размислуваме за она што го читаме од Библијата и ако се трудиме уште повеќе да ги применуваме Јеховините совети, ќе ја храниме својата вера и таа сѐ повеќе ќе расте.

Други охрабрувања

18. а) Како Марија и Јосиф постапиле според Мојсеевиот закон кога Исус бил бебе? б) Што дознаваме за Јосиф и Марија од жртвата што ја принеле?

18 Кога бебето имало осум дена, Марија и Јосиф го обрежале како што се барало со Мојсеевиот закон и му го дале името Исус, како што им било речено (Лука 1:31). Потоа, на 40-тиот ден, го одвеле во храмот во Ерусалим, кој бил оддалечен од Витлеем околу 10 километри. Таму, како жртва за очистување го принеле она што Законот го дозволувал за сиромашните — две грлици или два гулаба. Дури и да им било срам што не биле во можност да принесат машко јагне и грлица, како што можеле да си дозволат други родители, тие ги потиснале таквите чувства. Како и да е, додека биле во храмот се случило нешто што многу ги охрабрило (Лука 2:21-24).

19. а) Кои зборови на Симеон ги зачувала Марија во своето срце? б) Што направила Ана кога го видела Исус?

19 Им пристапил еден остарен човек, кој се викал Симеон, кому Јехова со светиот дух му открил дека пред да умре ќе го види Месијата. И тој кажал нешто многу важно што Марија го зачувала во срцето — дека токму Исус е ветениот Спасител. Освен тоа, ѝ рекол на Марија дека еден ден ќе доживее голема болка поради која ќе се чувствува како меч да ѝ ја прободел душата (Лука 2:25-35). Можеби овие зборови, кои навестувале тага, ѝ помогнале да ја поднесе болката кога тоа пророштво се исполнило повеќе од 30 години подоцна. По Симеон, и пророчицата Ана го видела малиот Исус. Таа почнала да им зборува за него на сите што го чекале избавувањето на Ерусалим. (Прочитај Лука 2:36-38.)

Марија и Јосиф многу се охрабриле кога отишле во Јеховиниот храм во Ерусалим

20. Зошто било мудро тоа што Јосиф и Марија го однеле Исус во храмот?

20 Колку мудро постапиле Јосиф и Марија што го однеле своето бебе во Јеховиниот храм во Ерусалим! Така, својот син го насочиле на правиот пат и тој целиот свој живот продолжил редовно да оди во храмот. Таму, Јосиф и Марија направиле сѐ што можеле за да го извршат она што Бог го барал од нив. Освен тоа, добиле поука и охрабрување. Она што Марија го доживеала тој ден во храмот сигурно ѝ ја зајакнало верата. Чула многу работи за кои можела да размислува и да разговара со другите.

21. Што треба да правиме за да стекнеме цврста вера каква што имала Марија?

21 Убаво е да се види како и денес родителите го следат нивниот пример. Тие редовно ги носат своите деца на состаноците. Така прават сѐ што можат за да ги храбрат соверниците со своите зборови. А и самите од состаноците си заминуваат посреќни, со посилна вера и со убави мисли кои ги слушнале и кои можат да ги споделат со другите. Многу се радуваме кога сме со нив! Ако сите ние редовно одиме на состаноците, ќе стекнеме цврста вера каква што имала Марија.

^ пас. 7 Забележи како е опишано едно нејзино претходно патување: „Марија стана и... отиде“ да ја посети Елисавета (Лука 1:39). Во тоа време Марија била свршена, но сѐ уште не била мажена за Јосиф. Затоа можеби отишла на тоа патување без да побара дозвола од него. Но, откако стапиле во брак, како предводник на нивното патување е наведен Јосиф.

^ пас. 10 Во тоа време било вообичаено во градовите и селата да има ноќевалишта за да се сместат патниците и караваните што минувале низ нив.

^ пас. 14 Фактот дека овие овчари во тоа време биле под ведро небо со своите стада го потврдува она што го покажува и библиската хронологија: Христос не се родил во декември, кога стадата не се на отворено, туку се родил некаде во почетокот на октомври.