Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Учел од своите грешки

Учел од своите грешки

1, 2. а) Во каква ситуација се довел Јона себеси, а и морнарите? б) Што можеме да научиме од она што му се случило на Јона?

ЈОНА посакувал да запрат ужасните звуци што ги слушал околу себе. Силниот ветар фучел низ бродските едра и јажиња, а огромните бранови со татнеж се разбивале од бродот поради што секоја даска чкрипела и крцкала. Но, пострашни од сѐ биле извиците на морнарите — капетанот и неговата посада, кои давале сѐ од себе да го спасат бродот. Јона бил уверен дека ги чека сигурна смрт — и тоа само поради него!

2 Како се нашол во оваа очајна ситуација? Направил голема грешка со која си го нарушил односот со Јехова. Што било тоа? Можел ли да го поправи односот со Бог? Од одговорот на овие прашања можеме да научиме многу. На пример, она што му се случило на Јона ќе ни помогне да сфатиме дека дури и оние што имаат цврста вера во Јехова можат да згрешат, но и дека можат да ги поправат грешките што ги направиле.

Пророк од Галилеја

3-5. а) На што обично помислуваме кога ќе се спомне Јона? б) Што знаеме за потеклото на Јона? (Види ја и фуснотата.) в) Зошто на Јона не му било лесно да ја извршува својата служба како пророк?

3 Кога ќе се спомне пророкот Јона, многумина веднаш помислуваат на неговите негативни особини, како што се непослушноста и тврдоглавоста. Но, тоа воопшто не е целосната слика за неговата личност. Имај на ум дека Јехова бил тој што го избрал Јона да служи како пророк. За таква одговорна задача Бог воопшто не би избрал некој што не му е верен или што постапува неправедно.

Јона имал повеќе добри отколку лоши особини

4 Од Библијата дознаваме многу малку за потеклото на Јона. (Прочитај 2. Царевите 14:25.) Тој бил од Гат-Ефер, кој се наоѓал на само 4 километри од Назарет, градот во кој околу 800 години подоцна пораснал Исус. * Јона служел како пророк во времето кога Јеровоам II бил цар на десетплеменското царство Израел. Илија веќе одамна бил мртов, а Елисеј, неговиот наследник, умрел за време на владеењето на татко му на Јеровоам. Иако Јехова ги употребил тие пророци за да го искорени обожавањето на Ваал, своеглавите Израелци повторно застраниле од правиот пат. Со земјата владеел цар кој ‚го правел она што е зло во Јеховини очи‘ (2. Цар. 14:24). Се разбира, на Јона воопшто не му било лесно да служи како пророк. Сепак, тој верно ја извршувал својата задача.

5 Но, еден ден Јона се нашол пред една важна одлука. Од Јехова добил задача што му изгледала многу тешка. Што требало да направи?

„Стани, оди во Ниневија“

6. Каква задача Јехова му дал на Јона, и зошто таа го исплашила?

6 Јехова му рекол на Јона: „Стани, оди во Ниневија, големиот град, и објави им осуда на неговите жители, зашто лошотијата нивна стигна до мене“ (Јона 1:2). Не е тешко да се разбере зошто оваа задача го исплашила Јона. Ниневија се наоѓала околу 800 километри на исток, и до неа можело да се стигне по еден копнен пат по кој можеби требало да се пешачи околу еден месец. Меѓутоа, тоа напорно патување веројатно било полесниот дел од работата. Во Ниневија, Јона требало да им ја пренесе Јеховината осуда на Асирците, кои биле крволочни и дивјачки насилни луѓе. Ако пораката што ја пренесувал Јона наидувала на слаб одѕив меѓу Божјиот народ, тогаш што можел да очекува од тие безбожници? На што можел да се надева еден слуга на Јехова што бил сам во огромната Ниневија, која во Библијата подоцна била наречена ‚крволочен град‘? (Наум 3:1, 7).

7, 8. а) Колку решен бил Јона да побегне од задачата што му ја дал Јехова? б) Зошто не треба да заклучиме дека Јона бил кукавица?

7 Не знаеме со сигурност дали Јона помислил на сите овие работи. Во секој случај, знаеме дека побегнал. Јехова му заповедал да оди на исток, а тој тргнал на запад, и тоа колку што можел подалеку. Отишол во пристанишниот град Јопа, каде што се качил на брод за Тарсис. Некои изучувачи велат дека Тарсис се наоѓал во Шпанија. Ако тоа е точно, Јона имал намера да отиде околу 3.500 километри подалеку од Ниневија. Таквото патување до другиот крај на Големото Море можело да трае дури и цела година. Јона бил спремен на сѐ, само да побегне од задачата што му ја дал Јехова! (Прочитај Јона 1:3.)

8 Дали на темел на оваа постапка треба да заклучиме дека Јона бил кукавица? Не би требало пребрзо да го осудиме. Како што ќе видиме, тој се нашол во ситуации во кои покажал исклучителна храброст. Но, како и сите ние, Јона бил несовршен човек што се борел со многу слабости (Пс. 51:5). Кој од нас никогаш не се борел со чувства на страв?

9. Како може понекогаш да ни изгледа некоја задача од Јехова, и на кои зборови од Исус треба да се сетиме во тие моменти?

9 Можеби понекогаш ни се чини дека Бог бара од нас нешто што е претешко, па дури и невозможно. Можеби задачата да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство нѐ плаши (Мат. 24:14). Ние луѓето многу лесно може да заборавиме дека „за Бог сѐ е возможно“, како што рекол Исус, и дека со негова помош можеме да ја извршиме секоја задача што ја добиваме од него (Мар. 10:27). Ако некогаш и самите сме го изгубиле од вид тој факт, веројатно сфаќаме како се чувствувал Јона. Но, какви биле последиците од неговото бегство?

Јехова го укорува својот непослушен пророк

10, 11. а) Што можеби си помислил Јона кога бродот испловил? б) Во каква опасност се нашле бродот и луѓето во него?

10 Да си го замислиме Јона откако се качил на бродот — веројатно некој феникиски трговски брод. Гледал како капетанот и неговата посада се растрчале за да ги направат последните подготовки пред да испловат од пристаништето. Додека брегот малку по малку исчезнувал од видикот, Јона можеби си помислил дека конечно избегал од опасноста што толку го плашела. Но, одеднаш времето се сменило.

11 Силни ветришта го разбранувале морето. Се подигнале толку високи бранови што во споредба со нив дури и денешните бродови би изгледале како играчки. И дрвениот брод со кој пловел Јона сигурно изгледал мал и кршлив и се губел во морската шир, препуштен на милоста и немилоста на големите бранови. Дали во тој момент на Јона му било јасно дека Јехова е тој што пуштил „силен ветар на морето“, како што запишал подоцна? Тоа не го знаеме. Но, Јона видел дека морнарите почнале да ги повикуваат своите богови и бил свесен дека тие нема да им помогнат (3. Мој. 19:4). Во својот извештај запишал: „Изгледаше дека бродот ќе се разбие“ (Јона 1:4). Но, зар можел Јона да бара помош од својот Бог кога истовремено бегал од него?

12. а) Зошто не треба веднаш да помислиме дека тоа што Јона заспал значи дека му било сеедно што беснеела бура? (Види ја и фуснотата.) б) Како Јехова открил која била причината за таа неволја?

12 Бидејќи се чувствувал сосема немоќен, Јона слегол под палубата и нашол место каде што можел да легне. Таму цврсто заспал. * Но, капетанот го нашол, го разбудил и му рекол да му се моли на својот Бог, како што правеле сите други. Бидејќи биле уверени дека зад таа бура се криело нешто натприродно, морнарите фрлале ждрепка за да видат кој од луѓето на бродот бил причина за нивната неволја. Јона сигурно се стресувал од страв секојпат кога ждрепката еден по еден ги ослободувала од вина другите патници. Наскоро вистината излегла на виделина. Јехова, оној што ја предизвикал бурата, преку ждрепката им открил кој бил виновникот — Јона! (Прочитај Јона 1:5-7.)

13. а) Што им признал Јона на морнарите? б) Што им рекол на морнарите да направат, и зошто?

13 Јона признал сѐ. Им кажал на морнарите дека е слуга на семоќниот Бог, Јехова, од кого бегал затоа што го навредил. Со тоа сите нив ги довел во животна опасност. Морнарите биле стаписани, а во нивните очи Јона можел да види колкав страв и ужас ги обзел. Го прашале што да направат со него за да го спасат бродот и своите животи. Што им одговорил Јона? Мора да затреперил и од самата помисла дека би можел да се најде во тоа студено, разбеснето море. Но, зар да дозволи сите тие луѓе да го загубат животот кога знаел дека може да ги спаси? Затоа им рекол: „Земете ме и фрлете ме в море, па ќе ви се смири морето. Зашто, знам дека поради мене се крена на вас оваа голема бура“ (Јона 1:12).

14, 15. а) Како можеме да се угледаме на верата на Јона? б) Дали морнарите го послушале Јона?

14 Не би се рекло дека ова се зборови на еден кукавица, зарем не? Јехова сигурно се израдувал кога видел колкава храброст и самопожртвуваност покажал Јона во тие тешки моменти. Исто така, можеме да видиме и колку цврста вера имал. И ние можеме да бидеме како него ако доброто на другите го ставаме пред своето (Јован 13:34, 35). Кога ќе видиме дека на некого му е потребна помош, сеедно дали во физички, емоционален или духовен поглед, дали сме спремни да се жртвуваме за да му помогнеме? Јехова многу се радува кога гледа дека правиме така.

15 Можеби и морнарите биле трогнати од тие зборови бидејќи отпрвин не сакале да го послушаат. Наместо тоа, сториле сѐ што можеле за некако да се пробијат низ бурата — но напразно. Луњата станувала сѐ посилна. На крајот, виделе дека немаат друг избор. Молејќи го Јехова, Богот на Јона, да биде милостив кон нив, го зеле Јона и го фрлиле во морето (Јона 1:13-15).

Јона побарал морнарите да го фрлат во морето

Бог му укажува милост и го избавува

16, 17. Опиши што му се случило на Јона откако го фрлиле од бродот. (Види ги и сликите.)

16 Јона се нашол во разбеснетото море. Можеби во почетокот се борел да остане на површината, претајќи со рацете и нозете додека низ запенетите бранови гледал како бродот брзо се оддалечува. Но, по некое време силните бранови го прекриле и струите го повлекле надолу. Додека тонел сѐ подлабоко, изгубил секаква надеж.

17 Подоцна Јона опишал како се чувствувал во тие мигови. Низ главата брзо му минувале разни слики. Со тага помислил дека никогаш повторно нема да го види прекрасниот храм на Јехова во Ерусалим. Имал чувство дека пропаѓа во најголемите морски длабочини, онаму каде што се темелите на планините. Морските треви му се заплеткувале околу главата. Бил уверен дека таму ќе биде неговиот гроб. (Прочитај Јона 2:2-6.)

18, 19. Што му се случило на Јона во длабочината на морето, какво животно се појавило, и кој стоел зад сите тие настани? (Види ја и фуснотата.)

18 Но, во тој момент забележал дека близу до него нешто се движи — темна сенка на некакво огромно животно. Одеднаш, со голема брзина тоа се упатило кон него. Тогаш една голема уста широко се отворила и го проголтала!

‚Јехова испратил една голема риба да го голтне Јона‘

19 Сигурно помислил дека му дошол крајот. Но, не можел да поверува во она што му се случувало! Не бил ниту здробен, ниту сомелен во желудникот на животното, а можел и да дише. Бил жив, иако се наоѓал на место што, по сета логика, требало да биде негов гроб. Јона чувствувал сѐ поголем восхит. Ни најмалку не се сомневал дека неговиот Бог, Јехова, бил тој што ‚испратил една голема риба да го голтне‘ * (Јона 1:17).

20. Што можеме да научиме за Јона од молитвата што му ја упатил на Јехова додека бил во рибата?

20 Минувале минути, а потоа и часови. Таму, во најцрниот мрак во кој некогаш се нашол, Јона си ги средувал мислите и му се молел на Јехова Бог. Неговата молитва, која е запишана во второто поглавје од неговата книга, ни открива многу работи за него. Таа покажува дека Јона добро ги познавал светите списи бидејќи често се осврнувал на Псалмите. Исто така, од неа се гледа дека Јона имал една многу убава особина — благодарноста. На крајот од својата молитва, тој му рекол на Јехова: „А јас ќе ти благодарам и жртви ќе ти принесувам. Сѐ што заветував, ќе исполнам. Спасението е од Јехова“ (Јона 2:9).

21. Што сфатил Јона за Јехова како Бог кој спасува, и што можеме ние да научиме од тоа?

21 Во тоа необично место — „утробата на рибата“ — Јона сфатил дека Јехова може да спаси кого сака, каде сака и кога сака. Дури и таму, Јехова го нашол и го спасил својот слуга кој бил во неволја (Јона 1:17). Само Јехова може три дена и три ноќи да зачува некого жив и здрав во утробата на една голема риба. Добро е и ние денес да мислиме на тоа дека Јехова е ‚Бог во чии раце е нашиот здив‘ (Дан. 5:23). Нашиот живот му го должиме нему. Дали сме му благодарни за тоа? Тогаш, зар не треба да му бидеме послушни?

22, 23. а) Како била испитана благодарноста на Јона? б) Кога ќе згрешиме, како може да ни помогне примерот на Јона?

22 А како било со Јона? Дали научил дека благодарноста кон Јехова треба да ја покажува со послушност? Да. По три дена и три ноќи, рибата го вратила Јона на брегот и ‚го изблувала на копното‘ (Јона 2:10). Замисли си — по сето тоа патешествие, Јона не морал дури ни да плива до брегот! Се разбира, морал некако да си го најде патот до дома. Но, кратко по тие настани неговата благодарност била ставена на испит. Во Јона 3:1, 2 читаме: „Потоа по вторпат му дојде на Јона Јеховината реч: ‚Стани, оди во Ниневија, големиот град, и објави го она што ти велам да му го објавиш!‘“ Што направил Јона?

23 Овојпат не се колебал. Во Библијата читаме: „Тогаш Јона стана и отиде во Ниневија според речта Јеховина“ (Јона 3:3). Да, тој го послушал Јехова. Јасно е дека научил нешто од своите грешки. И во овој поглед треба да се угледаме на неговата вера. Сите ние грешиме (Рим. 3:23). Но, кога ќе згрешиме, дали креваме раце од сѐ или, пак, учиме од своите грешки и продолжуваме послушно да му служиме на Бог?

24, 25. а) Кој благослов го добил Јона додека бил жив? б) Кои благослови го чекаат Јона во иднина?

24 Дали Јехова го благословил Јона за неговата послушност? Се разбира. Еден благослов било тоа што, по сѐ изгледа, подоцна дознал дека морнарите од бродот преживеале. Откако Јона несебично побарал да го фрлат во морето, бурата веднаш стивнала, а морнарите ‚ги обзел голем страв од Јехова‘ и му принеле жртви нему наместо на своите лажни богови (Јона 1:15, 16).

25 Но, уште поголем благослов добил многу подоцна. Исус кажал дека времето што Јона го поминал во големата риба е пророчка претслика за времето кое и самиот требало да го помине во гробот. (Прочитај Матеј 12:38-40.) Јона сигурно ќе биде пресреќен кога ќе воскресне на Земјата и ќе дознае колкава чест му била укажана! (Јован 5:28, 29). Јехова сака да те благослови и тебе. Дали и ти, како Јона, ќе учиш од своите грешки, ќе му бидеш послушен на Бог и ќе постапуваш несебично?

^ пас. 4 Тоа што Јона потекнувал од галилејски град е многу интересен податок, со оглед на тоа што во една прилика фарисеите, зборувајќи за Исус, дрско рекле: „Истражи, па ќе видиш дека никаков пророк нема да дојде од Галилеја!“ (Јован 7:52). Многу преведувачи и истражувачи сметаат дека со таа претерана изјава фарисеите едноставно сакале да докажат дека ниту еден пророк не дошол ниту ќе дојде од неугледниот галилејски крај. Ако ваквото гледиште е точно, фарисеите ги игнорирале и историските записи и пророштвата (Иса. 9:1, 2).

^ пас. 12 Септуагинтата додава дека Јона ’рчел, што јасно покажува колку цврсто заспал. Меѓутоа, тоа што Јона спиел не мора да значи дека му било сеедно што се случува. Понекогаш, луѓето што се многу потиштени може да бидат совладани од длабок сон. На пример, кога во градината Гетсиманија Исус минувал низ најтешките моменти од животот, Петар, Јаков и Јован ‚заспале од жалост‘ (Лука 22:45).

^ пас. 19 Хебрејскиот збор за „риба“ на грчки јазик е преведен со изразот „морски ѕвер“ или „огромна риба“. Иако не може точно да се утврди за какво животно станува збор, познато е дека во Средоземното Море има толку големи ајкули што можат да проголтаат и цел човек. Во други мориња има уште поголеми ајкули. На пример, кит-ајкулата може да достигне должина и до 15, па дури и повеќе метри!