Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ

„Примерна жена“

„Примерна жена“

1, 2. а) Што работела Рут? б) Кои добри страни на Божјиот закон и на Божјиот народ ги видела Рут?

РУТ била наведната над снопот јачмен што го ожнеала дента. Потоа, полека го исправила свитканиот грб за да земе здив од напорната работа. Последните сончеви зраци ги испраќале работниците кои со уморни чекори се качувале кон Витлеем. Но, Рут собрала уште малку сила за да ја доврши работата што ја започнала. Таа вредно работела уште од мугри, и на напорната работа конечно ѝ се гледал крајот. Го зела стапот и продолжила да ги удира стебленцата за да ги одвои зрната од класовите. Иако се чувствувала уморно, била задоволна. Денот поминал добро — дури и подобро отколку што очекувала.

2 Дали пред оваа млада вдовица конечно стоеле подобри времиња? Како што видовме во претходното поглавје, бидејќи маж ѝ умрел таа си заминала од Моав и заедно со својата свекрва, Ноемина, отишла во нејзината родна земја, Израел. Ѝ ветила дека засекогаш ќе биде крај неа и дека ќе му служи на нејзиниот Бог, Јехова. Кратко откако овие две ужалени жени стигнале во Витлеем, Рут дознала дека Законот што Јехова му го дал на својот народ ги штител сиромашните Израелци и туѓинците и дека им овозможувал достоинствен живот. Запознала и некои Божји слуги што дозволиле тој Закон да го обликува нивното размислување и постапување. Нивната љубов кон Бог и добрината што ја покажувале биле како мевлем за нејзиното рането срце.

3, 4. а) Како Вооз ја охрабрил Рут? б) Како може примерот на Рут да ни помогне во денешнава тешка економска ситуација?

3 Еден од нив бил Вооз, имашлив постар човек на чии ниви таа доприбирала. Размислувајќи за денот што изминал, се сетила дека тој покажал татковска грижа кон неа. Низ мислите повторно ѝ минале зборовите со кои од срце ја пофалил затоа што се грижела за Ноемина и затоа што побарала засолниште под закрилата на вистинскиот Бог, Јехова. Од тие зборови сигурно ѝ дошло мило на душата. (Прочитај Рут 2:11-14.)

4 Иако со тие убави мисли за кратко го оттргнала стравот за својата иднина, Рут се прашувала што ја чека понатаму во животот. Била вдовица без деца и дошла од туѓа земја практично без ништо. Дали ќе може да се грижи за себе и за Ноемина? Дали ќе можат да живеат од она што ќе го собере доприбирајќи? Кој ќе се грижи за неа кога ќе остари? Да можел некој да ѝ ги слушне мислите на Рут, сигурно не би ѝ замерил што во главата ѝ се вртеле сите овие прашања. Во денешнава тешка економска ситуација, многу луѓе имаат слични грижи. Верата во Бог многу ѝ помогнала на Рут да ги преброди неволјите. Во тоа ни е вистински пример на кој треба да се угледаме.

Грижа за семејството

5, 6. а) Колку јачмен собрала Рут првиот ден кога доприбирала на нивата на Вооз? б) Како реагирала Ноемина кога ја видела Рут?

5 Откако Рут го исчукала и последниот сноп, се изненадила кога видела дека собрала околу една ефа јачмен, што изнесувало петнаесетина килограми. Го врзала јачменот во парче ткаенина, со мака го ставила врзопот на глава и полека тргнала накај дома додека над Витлеем се спуштала ноќта (Рут 2:17).

6 Ноемина радосно ја пречекала својата снаа, и дури извикнала од изненаденост кога видела колку многу јачмен донела. Рут донела и малку храна која грижливо ја чувала уште од ручекот што Вооз им го дал на работниците, па двете заедно ја изеле скромната вечера. Ноемина била многу прониклива жена. Од тешкиот товар што го донела Рут сфатила дека не било можно самата за еден ден да собере толку јачмен и дека веројатно ѝ помогнал некој добар човек. Затоа ја прашала: „Каде доприбираше денес и каде работеше? Нека биде благословен оној што погледнал на тебе!“ (Рут 2:19).

7, 8. а) Кого го гледала Ноемина зад добрината на Вооз, и зошто? б) Со кои други работи Рут покажала верна љубов кон својата свекрва?

7 Почнале да си муабетат, и Рут ѝ раскажала на Ноемина што направил Вооз за неа. Тогаш Ноемина рекла: „Нека го благослови Јехова, кој не ги лиши од својата добрина ниту живите ниту мртвите!“ (Рут 2:20). Зад добрината на Вооз таа ја препознала дарежливата рака на својот Бог, Јехова, кој ги поттикнува своите слуги да бидат дарежливи и ветува дека ќе ги награди за добрината што ја покажуваат кон своите ближни. * (Прочитај Изреки 19:17.)

8 Потоа, Ноемина ја советувала Рут да го послуша Вооз и заедно со неговите девојки да доприбира на неговите ниви за никој да не ја вознемирува. Рут го прифатила советот (Рут 2:22, 23). Оваа млада жена живеела со својата свекрва и се грижела за неа, а со своите постапки и обѕирност покажала верна љубов, особина која ја красела нејзината личност. И во тоа, Рут ни е одличен пример. Мудро е да се запрашаме колку ни значат семејните врски. Дали сме спремни да ги поддржуваме членовите на своите семејства и да им помагаме кога е потребно? Јехова нема да ја заборави верната љубов што ја покажуваме на овој начин.

Од примерот на Рут и Ноемина можеме да научиме колку е важно да си го цениме семејството

9. Што учиме од Рут и Ноемина за семејството?

9 Но, дали може да се рече дека Рут и Ноемина биле семејство во вистинска смисла на зборот? Некои сметаат дека едно семејство не е „вистинско“ ако во него нема маж, жена, син, ќерка, дедо, баба итн. Но, од Рут и Ноемина учиме дека слугите на Јехова можат да ги усреќат најблиските со својата несебичност, добрина и љубов, дури и ако нивното семејство веќе не е „потполно“. Меѓусебниот однос на овие две жени убаво покажува дека треба да си го цениме семејството. Исус им рекол на своите следбеници дека христијанското собрание може да им биде како семејство на оние што од различни причини останале без своето (Мар. 10:29, 30).

Рут и Ноемина си помагале и се храбреле една со друга

„Тој е еден од нашите откупители“

10. На кој начин Ноемина сакала да ѝ помогне на Рут?

10 Од жетвата на јачменот во април, па сѐ до жетвата на пченицата во јуни, Рут доприбирала на нивите на Вооз. Како што одминувало времето, Ноемина без сомнение сѐ повеќе размислувала што може да направи за својата мила снаа. Сакала да ѝ помогне да се удоми во новата средина. Додека се враќале од Моав, Ноемина ѝ дала до знаење дека нема да може да направи ништо за повторно да ја омажи (Рут 1:11-13). Но, сега си го сменила мислењето. Затоа ѝ рекла: „Ќерко, не треба ли да ти побарам мирен дом?“ (Рут 3:1). Во тоа време било вообичаено родителите да му најдат брачен другар на своето дете, а Ноемина ја засакала Рут како своја ќерка. Затоа, сакала да ѝ најде „мирен дом“, односно да ѝ обезбеди кров над глава и маж кој ќе ја чува и штити. Но, што можела да направи Ноемина?

11, 12. а) На која одредба од Божјиот закон мислела Ноемина кога рекла дека Вооз е „откупител“? б) Како реагирала Рут на советот од својата свекрва?

11 Кога Рут за првпат го спомнала Вооз, Ноемина рекла: „Тој човек ни е роднина. Тој е еден од нашите откупители“ (Рут 2:20). Што значело тоа? Во својот Закон Јехова дал одредби кои ги штителе семејствата што осиромашиле, можеби затоа што умрел оној што бил глава на куќата или поради некоја друга ситуација. Особено тешко им било на жените кои немале деца а останале вдовици, бидејќи на тој начин се прекинувала семејната лоза на нивниот маж, кој умрел без наследник. Но, Божјиот закон дозволувал братот на починатиот да се ожени со вдовицата и да му подигне потомство на својот умрен брат за да му го зачува името и наследството * (5. Мој. 25:5-7).

12 Ноемина веќе некое време размислувала околу тоа. Сега решила да поразговара и со Рут. Младата жена сигурно зачудено ја слушала бидејќи сѐ уште не ги познавала добро ниту законот ниту обичаите на израелскиот народ. Сепак, многу ја почитувала својата свекрва и внимателно го слушала секој нејзин збор. Тоа што го побарала Ноемина можеби на Рут ѝ изгледало чудно, па дури и понижувачко. И покрај тоа, понизно рекла: „Ќе направам сѐ како што ми велиш“ (Рут 3:5).

13. Што учиме од Рут во врска со советите што ги добиваме од постарите? (Прочитај и Јов 12:12.)

13 Понекогаш, на младите не им е лесно да го послушаат советот на постарите што имаат поголемо животно искуство од нив. Можеби избрзано помислуваат дека возрасните не ги разбираат проблемите на младите. Од животната приказна на Рут гледаме дека е мудро да ги прифаќаме советите од постарите, кои нѐ сакаат и ни го мислат најдоброто. (Прочитај Псалм 71:17, 18.) Но, каков совет ѝ дала Ноемина на Рут? И дали Рут навистина била наградена затоа што го послушала? Да видиме што се случило.

На гумното

14. Што е гумно и за што се користело?

14 Вечерта Рут отишла на гумното — место на кое се вршело и веело житото. Гумната обично се наоѓале на некоја височинка, каде што попладне и во квечерините дувало ветре. Таму работниците со вили или лопати го фрлале житото во воздухот за да ја отстранат од него плевата. Бидејќи зрната биле потешки паѓале долу, а лесната плева ја одвејувал ветрот.

15, 16. а) Опиши што се случувало на гумното додека Вооз привршувал со работата една вечер. б) Како Вооз открил дека Рут лежела кај неговите нозе?

15 Рут кришум го гледала веењето, кое траело до доцните вечерни часови. Вооз несомнено со задоволство ја надгледувал работата. Откако слатко се најал, легнал покрај еден куп жито и заспал. Во тоа време било вообичаено луѓето да спијат на гумното, веројатно за некој да не им го украде родот. Рут со погледот го следела Вооз за да види каде ќе легне. Дошол моментот да го направи она што ѝ го рекла Ноемина.

16 Додека крадешкум се приближувала до Вооз, срцето сѐ посилно ѝ чукало. Но, осетила олеснување кога видела дека тој цврсто спие. Во мислите си ги повторувала зборовите на Ноемина: „Види каде ќе легне. Тогаш оди, откриј му ги нозете и легни“ (Рут 3:4). Внимавајќи да не го разбуди Вооз, направила сѐ што ја советувала свекрва ѝ. Сега останувало само да чека за да види што ќе се случи. Времето минувало бавно. На Рут секој миг ѝ се чинел цела вечност. Тогаш Вооз, некаде околу полноќ, се стресол од студот и се разбудил. Кога се исправил, видел „жена како лежи кај неговите нозе“ (Рут 3:8).

17. Кои две работи ги занемаруваат оние што тврдат дека Рут постапила непристојно?

17 „Која си ти?“, зачудено ја прашал. Рут со растреперен глас му одговорила: „Јас сум Рут, твојата робинка. Рашири го скутот над својата робинка, зашто ти си откупител“ (Рут 3:9). Некои денешни изучувачи на Библијата се обидуваат да им придадат сексуална конотација на зборовите и постапките на Рут. Но, тие занемаруваат две важни работи. Како прво, Рут постапила според обичаите во тоа време, а многу од тие обичаи нам ни се потполно непознати. Затоа би било сосема погрешно нејзините постапки да ги гледаме низ искривената призма на денешните ниски морални мерила. Како второ, реакцијата на Вооз, кој бил верен Божји слуга, јасно покажува дека постапката на Рут била чесна и вредна за пофалба.

Мотивите на Рут биле чисти и несебични

18. Што рекол Вооз за да ја утеши Рут, и на кои две ситуации во кои таа покажала добрина се осврнал?

18 Вооз ѝ возвратил со благи, смирувачки зборови кои сигурно ја утешиле Рут. Тој ѝ рекол: „Јехова да те благослови, ќерко! Добротата што ја покажуваш сега е подобра од онаа првата, зашто не отиде да бараш млади мажи, било да се сиромашни било да се богати“ (Рут 3:10). Што мислел со ова? Тој сакал да ѝ каже дека со тоа што дошла кај него покажала поголема добрина и од тогаш кога решила да ја остави својата земја и своето семејство за да појде со Ноемина во Израел и да се грижи за неа. Како што рекол и самиот Вооз, Рут можела да се омажи за некој помлад човек. Сепак, таа донела поинаква одлука затоа што сакала да направи нешто за Ноемина, но и за нејзиниот починат маж, Елимелех, со тоа што ќе ја зачува неговата семејна лоза. Не е тешко да се види зошто Вооз бил восхитен од несебичноста на оваа млада жена.

19, 20. а) Зошто Вооз не ја зел веднаш Рут за жена? б) Како Вооз покажал добрина кон Рут и како го зачувал нејзиниот добар глас?

19 Вооз ѝ рекол: „А сега, ќерко, не плаши се! Ќе направам за тебе сѐ што ќе кажеш, зашто секој во мојот град знае дека си примерна жена“ (Рут 3:11). Тој видел дека Рут имала убави особини и му се допаднала помислата да му биде жена. Не се изненадил што побарала да ѝ биде откупител, но не сакал да направи ништо на своја рака бидејќи бил чесен и праведен човек. Затоа ѝ рекол на Рут дека постои откупител кој е во поблиско сродство со починатиот сопруг на Ноемина и дека следниот ден ќе му даде можност да го искористи своето право на откуп.

Рут била на добар глас затоа што покажувала добрина и почит

20 Бидејќи не сакал ниту Рут ниту тој да го изгубат добриот глас на кој биле, ѝ рекол да остане на гумното до утрото, а потоа, додека сѐ уште било полумрак, да си замине. Знаел дека, ако некој ја види на гумното, веднаш ќе почнат да кружат секакви муабети. Ваквата реакција на Вооз сигурно многу ја успокоила Рут. Станала уште во мугрите, а Вооз ѝ ја наполнил наметката со прилично голема количина јачмен. Потоа тргнала за Витлеем. (Прочитај Рут 3:13-15.)

21. Зошто Рут станала позната како „примерна жена“, и како можеме да се угледаме на неа?

21 Попат, Рут можеби размислувала за зборовите што ѝ ги кажал Вооз — дека е позната како „примерна жена“. Сигурно била среќна што ги слушнала тие зборови. Без сомнение, стекнала добар глас затоа што имала голема желба да го запознае Јехова и да му служи. Но, тоа не е сѐ. Таа била многу добра кон Ноемина, а покажала почит и кон нејзиниот народ така што спремно ги прифатила обичаите кои ѝ биле сосема нови. Да се трудиме и ние, исто како Рут, да покажуваме почит кон другите луѓе и нивните обичаи. Така ќе си стекнеме добар глас.

Пронашла мирен дом

22, 23. а) Што можеби сакал да покаже Вооз со подарокот што ѝ го дал на Рут? (Види ја и фуснотата.) б) Каков совет ѝ дала Ноемина на Рут?

22 „Дали си тоа ти, ќерко моја?“, прашала Ноемина кога Рут се вратила дома, затоа што во мракот не можела да ѝ го види лицето. Нестрпливо чекала да слушне какви вести ѝ носи снаата во врска со можноста да стапи во брак со Вооз. Рут брзо ѝ раскажала на својата свекрва што се случило на гумното. Исто така, ѝ го дала великодушниот подарок што ѝ го испратил Вооз. * (Рут 3:16, 17).

23 Ноемина мудро ја советувала Рут тој ден да остане дома и да не оди на полињата. А за Вооз ѝ рекла: „Тој човек нема да се смири додека не ја заврши таа работа уште денес“ (Рут 3:18).

24, 25. а) Како Вооз покажал дека е праведен и несебичен човек? б) Како била благословена Рут?

24 Ноемина била во право. Вооз отишол на градската порта, каде што обично се собирале градските старешини, и чекал да наиде човекот кој му бил поблизок роднина на мажот на Ноемина. Кога го здогледал, Вооз пред сведоци му понудил да биде откупител со тоа што ќе се ожени со Рут. Но човекот одбил, велејќи дека така ќе си го упропасти своето наследство. Потоа, на градската порта Вооз пред сите рекол дека тој ќе го откупи имотот на починатиот маж на Ноемина, Елимелех, и ќе ја земе за жена Рут, вдовицата на Малон, синот на Елимелех. Исто така, рекол дека тоа ќе го направи за да ‚го подигне името на умрениот врз неговото наследство‘ (Рут 4:1-10). Со таа постапка докажал дека навистина бил праведен и несебичен.

25 Така Вооз се оженил со Рут. Потоа во Библијата читаме: „Јехова ѝ даде да забремени, па роди син“. Жените во Витлеем ѝ велеле на Ноемина дека Јехова богато ја благословил и дека Рут ѝ вредела повеќе од седум синови. Како што знаеме, синот на Рут станал предок на славниот израелски цар Давид (Рут 4:11-22). А од семејната лоза на Давид потекнувал и Исус Христос (Мат. 1:1). *

Јехова ја благословил Рут со тоа што станала предок на Месијата

26. Што ни покажуваат животните приказни на Рут и Ноемина?

26 Јехова богато ги благословил и Рут и Ноемина, која го чувала детето на Рут како свое. Животните приказни на овие две жени на впечатлив начин покажуваат дека Јехова Бог им обрнува внимание на оние што верно му служат и напорно работат за да си го прехранат семејството. Тој никогаш нема да ги заборави своите верни слуги и ќе ги благослови, исто како што ги благословил Вооз, Ноемина и Рут.

^ пас. 7 Што сакала да каже Ноемина кога рекла дека Јехова е добар не само кон живите туку и кон мртвите? Смртта ѝ ги одзела сопругот и двата сина што многу ги сакала. И на Рут ѝ било тешко поради смртта на својот маж. Елимелех, Малон и Хелеон несомнено би сакале овие две жени да бидат згрижени, па секој што покажувал добрина кон Ноемина и Рут, на некој начин, покажувал добрина и кон нив.

^ пас. 11 Право на брак со вдовицата најпрво имале браќата на починатиот, а потоа најблиските роднини. Истото важело и за наследството (4. Мој. 27:5-11).

^ пас. 22 Вооз ѝ дал на Рут шест мери јачмен. Со тој гест можеби сакал да покаже дека наскоро Рут ќе одмори од животот како вдовица, исто како што по шесте работни дена следи ден за одмор. Од друга страна, можеби Вооз ѝ дал толку јачмен на Рут едноставно затоа што не можела да носи повеќе.

^ пас. 25 Рут е една од петте жени што се спомнуваат во родословието на Исус. Меѓу нив се спомнува и Раав, која му била мајка на Вооз (Мат. 1:3, 5, 6, 16). Ни таа ни Рут не биле Израелки.