Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Вие сте повредни од многу врапчиња“ (МАТЕЈ 10:31)

Дали Бог те забележува?

Дали Бог те забележува?

ШТО НИ КАЖУВА НАЧИНОТ НА КОЈ СМЕ СОЗДАДЕНИ

Првите 60 минути откако бебето ќе се роди се клучни за да се приспособи на животот надвор од матката на мајката. Зошто? Бидејќи мајките кои ќе создадат врска со своето бебе во текот на тој важен период во голема мера придонесуваат за подобар раст и развој на нивните деца. *

Што ја поттикнува мајката нежно да се грижи за своето новороденче? Во едно списание, професор Џенет Креншо објаснува дека покаченото ниво на хормонот окситоцин „ги зајакнува мајчинските чувства додека мајката го допира, го гледа и го дои своето новороденче“ (The Journal of Perinatal Education). Еден друг хормон кој се лачи во овој период „ѝ помага на мајката да се грижи за своето бебе“ и да се чувствува среќна кога е со него. Зошто е важно ова?

Блиската врска меѓу мајката и бебето ја создал нашиот грижлив Творец, Јехова Бог. * Цар Давид рекол дека Бог го извел „од мајчината утроба“ и дека му влеал чувство на сигурност во прегратката на неговата мајка. Тој се молел: „Тебе сум ти доверен од раѓање, од утробата на мајка ми, ти си мојот Бог“ (Псалм 22:9, 10).

РАЗМИСЛИ: Ако Бог создал толку сложен систем за мајката да може со нежност да го гледа своето новороденче и да се грижи за неговите потреби, зарем не е логично дека Бог се грижи за секој од нас поединечно како негови деца? (Дела 17:29).

ШТО НИ КАЖУВА БИБЛИЈАТА

Исус Христос, кој го познава Творецот подобро од кој и да е друг, рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка? А сепак ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко. А вам и секое влакно на главата ви е изброено. Затоа, не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29-31).

Ретко кој од нас обрнува внимание на секоја мала птица што ќе ја види, а уште помалку забележува кога некоја ќе падне на земја. Но, нашиот небесен Татко ја забележува секоја мала птица. Ниту една птица, па дури ни многу птици, не се повредни за него отколку човекот. Значи, поуката е јасна: Никогаш не треба да се плашиш дека Бог не обрнува внимание на тебе. Всушност, ти си му многу важен!

Бог е вистински заинтересиран за нашето добро и со љубов се грижи за нас

Библијата нѐ уверува

  • „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. ЛЕТОПИСИ 16:9).

  • „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (ПСАЛМ 34:15).

  • „Ќе се веселам и ќе се радувам поради твојата милост, поради тоа што погледна на мојата неволја. Ти ги знаеш маките на мојата душа“ (ПСАЛМ 31:7).

„МИСЛЕВ ДЕКА ЈЕХОВА НЕ МЕ САКА“

Дали ќе ни смени нешто во животот ако знаеме дека Бог е заинтересиран за нашето добро и дека со љубов се грижи за нас? Секако. Еве еден пример. Хана * од Англија објаснува:

„Многупати си помислував дека Јехова не ме сака и дека не ми одговара на молитвите. Си мислев дека тоа е можеби затоа што немам доволно вера. Сметав дека ме казнува и дека не ми обрнува внимание бидејќи не сум му важна. Мислев дека на Бог едноставно не му беше грижа за мене.“

Но денес, Хана веќе не мисли така. Што се сменило? Таа вели: „Тоа беше постепена промена. Се сеќавам на еден библиски говор пред многу години во врска со откупната жртва на Исус. Тој говор изврши силно влијание врз мене и ме увери дека Јехова ме сака. И, кога ќе добиев одговор на моите молитви, честопати се расплакував затоа што сфаќав дека Јехова навистина ме сака. Исто така, тоа што ја проучував Библијата и одев на христијанските состаноци ми помогна да научам повеќе за Јехова, за неговата личност и за тоа како гледа на нас. Сега јасно можам да видам дека Јехова нѐ сака и нѐ поддржува, но и дека се грижи за секој од нас поединечно“.

Овие зборови се навистина охрабрувачки. Но, како можеш да бидеш сигурен дека Бог разбира како се чувствуваш и дека твоите чувства му се важни? Одговорот на ова прашање можеш да го дознаеш од следната статија.

^ пас. 3 На некои мајки кои страдаат од постпородилна депресија може да им биде тешко да се поврзат со своето бебе. Сепак, овие мајки не треба да се чувствуваат виновни. Според Американскиот државен институт за ментално здравје, постпородилната депресија „веројатно е резултат на комбинација од физички и емоционални фактори... но не зависи од тоа дали мајката прави нешто или не“. Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за ова, види ја статијата „Да се разбере постнаталната депресија“ во Разбудете се! од 8 септември 2003.

^ пас. 5 Јехова е името на Бог кое го дознаваме од Библијата (Псалм 83:18).

^ пас. 15 Некои имиња во статиите се сменети.