Префрли се на текстот

Во која смисла жртвата на Исус е „откупнина за мнозина“?

Во која смисла жртвата на Исус е „откупнина за мнозина“?

Што вели Библијата?

 Преку жртвата на Исус, Бог ќе ги ослободи, односно ќе ги спаси луѓето од гревот и смртта. Според Библијата, Исус ја платил откупнината со својата пролеана крв (Ефешаните 1:7; 1. Петрово 1:18, 19). Затоа тој рекол дека дошол „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28).

Зошто била потребна „откупнина за мнозина“?

 Бог го создал првиот човек, Адам, совршен, односно без грев. Тој можел да живее засекогаш, но ја изгубил таа можност бидејќи му бил непослушен на Бог (1. Мојсеева 3:17-19). Адам им го пренел гревот и на своите деца (Римјаните 5:12). Библијата покажува дека тој се продал себеси и своите потомци во „ропството на гревот“ и смртта (Римјаните 7:14). Бидејќи се несовршени, никој од нив не можел да го откупи она што го изгубил Адам (Псалм 49:7, 8).

 Потомците на Адам биле во безизлезна ситуација, и затоа Бог се сожалил на нив (Јован 3:16). Но, поради своите праведни мерила, тој не можел едноставно да премине преку нивните гревови или, пак, да ги избрише без да има основа за тоа (Псалм 89:14; Римјаните 3:23-26). Бидејќи ги сака луѓето, Бог обезбедил правна основа за да можат нивните гревови да бидат простени, па дури и отстранети (Римјаните 5:6-8). Оваа правна основа е откупнината.

Што значи зборот „откупнина“, и како е поврзан со жртвата на Исус?

 Во библиска смисла, изразот „откупнина“ ги содржи следниве три работи:

  1.   Тоа е цената, односно износот што се плаќа (4. Мојсеева 3:46, 47).

  2.   Таа носи ослободување (2. Мојсеева 21:30).

  3.   Таа потполно одговара на вредноста на она што треба да се откупи. a

 Размисли како овие работи се поврзани со откупната жртва на Исус Христос.

  1.   Цена. Библијата вели дека христијаните се купени скапо (1. Коринќаните 6:20; 7:23). Тие се платени со пролеаната крв на Исус, со која тој купил „за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и народност“ (Откровение 5:8, 9).

  2.   Ослободување. Со жртвата на Исус е овозможено ослободување од гревот „преку откупнината“ (1. Коринќаните 1:30; Колошаните 1:14; Евреите 9:15).

  3.   Еднаква вредност. Жртвата на Исус има еднаква вредност со она што го изгубил Адам — совршен човечки живот (1. Коринќаните 15:21, 22, 45, 46). Библијата вели: „Како што преку непослушноста на еден човек [Адам] мнозина станаа грешници, така и преку послушноста на еден [Исус Христос] мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:19). Овој стих ни покажува како со смртта на еден човек може да се плати откупнината за многу грешници. Всушност, жртвата на Исус е „соодветна откупнина“ за сите оние кои ќе ги преземат потребните чекори за да извлечат корист од неа (1. Тимотеј 2:5, 6).

a Во Библијата, изворните зборови кои се преведени со „откупнина“ ја пренесуваат мислата на цена, односно износ што се плаќа за да се купи нешто. На пример, хебрејскиот глагол кафар во основа значи „покрива“, и со него обично се укажува на покривање на гревовите (Псалм 65:3). А именката кофер се однесува на цената која се плаќа за да се ослободи некој (2. Мојсеева 21:30). Слично на тоа, грчкиот збор литрон, кој обично се преведува со „откупнина“, може да се преведе и како „цена за ослободување“ (Матеј 20:28). Грчките писатели го користеле овој израз кога зборувале за износот што се плаќал за да се ослободи некој воен заробеник или роб.