Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можат да ти користат љубовта и грижата на Бог

Како можат да ти користат љубовта и грижата на Бог

Бог го создал нашето тело со неверојатна способност на заздравување. Кога некој што е здрав ќе се пресече, изгребе или прободе, „се активира еден сложен процес чија цел е да ги излечи раните, и големите и малите“ (Организација за здравство Johns Hopkins Medicine). Телото веднаш стапува во акција за да го запре крвавењето, да ја излечи раната и да го зајакне ткивото.

РАЗМИСЛИ: Штом Творецот ги создал нашите тела со способност да заздравуваат, зарем не можеме да имаме доверба во неговото ветување дека ќе ни помогне да ги излечиме нашите емоционални рани? Во врска со Бог, псалмистот напишал: „Ги лекува оние со скршено срце и им ги преврзува раните“ (Псалм 147:3). Ако имаш емоционални рани поради нешто што ти се случило во минатото или поради нешто низ кое минуваш сега, како можеш да бидеш уверен дека Јехова ќе ги излечи?

ШТО НИ КАЖУВА БИБЛИЈАТА

Бог ни ветува: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Исаија 41:10). Оној што знае дека Јехова се грижи за него има внатрешен мир и сила да се справи со различни неволји. Таквиот внатрешен мир апостол Павле го нарекол „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“. Тој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:4-7, 9, 13).

Библијата ни помага да стекнеме вера во Јеховините ветувања за иднината. На пример, во Откровение 21:4, 5 (кој е цитиран на следната страница) пишува што ќе направи Бог и зошто можеме да бидеме уверени дека тоа навистина ќе се случи:

  • „Тој ќе ја избрише секоја солза“ од очите на луѓето. Јехова ќе ги отстрани сите наши страдања и грижи, дури и оние кои можеби им изгледаат безначајни на другите.

  • „Оној што седи на престолот“ во небесна слава, Семоќниот цар и Творец на сѐ што е живо, ќе ги употреби својата моќ и власт за да ги спречи страдањата и да ни ја даде потребната помош.

  • Јехова нѐ уверува дека неговите ветувања се „вистинити и верни“. Всушност, тој го гарантира тоа со својот углед. Неговиот углед како вистински Бог би бил доведен во прашање доколку не ги исполни своите ветувања.

Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина. И Оној што седи на престолот рече: „Гледај, правам сѐ ново!“ Уште рече: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!“ (Откровение 21:4, 5).

И созданијата и Библијата ни ги откриваат особините на нашиот небесен Татко. Созданието на индиректен начин нѐ поканува да го запознаеме Бог и да се зближиме со него, а Библијата директно нѐ повикува да го направиме тоа. Во неа пишува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:8). Во Дела 17:27 за Бог се вели: „Не е далеку од никого од нас“.

Како што ќе почнеш да го запознаваш Бог, ќе стануваш сѐ поуверен дека тој се грижи за тебе (1. Петрово 5:7). Како ќе ти користи тоа што ќе имаш таква доверба во Јехова?

Размисли за Тору од Јапонија. Иако бил воспитуван од мајка му која била христијанка, Тору станал дел од јапонската мафија јакуза. Тој вели: „Мислев дека Бог ме мрази и дека ме казнува со смртта на оние околу мене, особено на оние што ми беа многу драги“. Тору признава дека насилната средина во која бил и начинот на кој размислувал го направиле „бездушен и бесчувствителен човек“. Во врска со својата цел во животот, Тору вели: „Сакав да направам нешто по кое луѓето ќе ме паметат — да умрам млад откако ќе убијам некој попознат од мене“.

Сепак, кога Тору и неговата сопруга Хана почнале да ја проучуваат Библијата, Тору направил драстични промени во својот живот и во начинот на кој гледал на работите. Хана вели: „Со свои очи гледав како ги прави промените“. Денес, Тору со голема увереност го кажува следново: „Навистина постои Бог кој се грижи за секој од нас. Тој не сака никој да умре и спремен е да им прости на сите што се каат за своите грешки. Нѐ слуша кога му кажуваме работи кои не можеме да ги кажеме на ниту еден човек и за кои никој друг не би можел да нѐ разбере. Наскоро, Јехова ќе ги отстрани сите проблеми, страдања и маки. Тој уште денес ни помага на многу неочекувани начини. Нѐ сака и ни помага кога сме на дното“ (Псалм 113:7).

Како што покажува искуството на Тору, тоа што знаеме дека Бог има моќ да ги отстрани сите страдања и да ги избрише сите солзи, но и дека наскоро ќе го направи тоа, ни дава сигурна надеж за иднината и ни помага да имаме подобар живот уште денес. Дури и во свет во кој страдањата се секојдневие, љубовта и грижата на Бог можат многу да ти користат.