Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЌЕ ГО ПРИФАТИШ ЛИ НАЈГОЛЕМИОТ ДАР ОД БОГ?

Најголемиот дар од Бог — зошто е толку вреден?

Најголемиот дар од Бог — зошто е толку вреден?

Кога еден подарок е вистински вреден за тебе? Најчесто, вклучени се четири работи: 1) кој ти го дал подарокот, 2) зошто ти го дал, 3) од што морал да се откаже за да ти го даде и 4) дали подарокот задоволува некаква потреба. Ако ги земеме предвид овие четири работи, тоа ќе ни помогне да го продлабочиме нашето ценење за откупнината — најголемиот дар од Бог.

КОЈ ГО ДАЛ?

Еден подарок може да го сметаме за вреден затоа што ни го дал некој на висока положба или некој кого многу го почитуваме. Друг подарок, можеби не е многу скап, но го цениме затоа што ни го дал некој од семејството или некој верен пријател. Ова било случај со Џордан, кој беше спомнат во првата статија. Но, каква врска има ова со откупнината?

Како прво, Библијата вели: „Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него“ (1. Јованово 4:9). Зарем ова не го прави овој подарок скапоцен? Никој нема повисока положба од Бог. За него, еден библиски писател напишал: „Ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ (Псалм 83:18). Постои ли повозвишена личност од која би можел да добиеш подарок?

Како второ, Бог е „наш Татко“ (Исаија 63:16). Како тоа? Па тој ни дал живот. Бог се грижи за нас исто како што еден добар татко се грижи за своето дете. Јехова му се обратил на својот народ, кого го нарекол Ефрем, со зборовите: „Зар Ефрем не ми е мил син или сакано дете?... Навистина ќе му се смилувам“ (Еремија 31:20). И денес, Бог гледа со исти очи на своите слуги. Тој не е само наш семоќен Творец туку и наш Татко и верен Пријател. Поради ова, секој дар од него треба да ни биде посебно драг. Зарем не?

ЗОШТО Е ДАДЕН?

Некои подароци се посебно вредни затоа што не биле дадени од чувство на обврска, туку од срце. Оној што несебично дава не очекува ништо за возврат.

Бог го дал својот Син за нас бидејќи многу нѐ сака. Во Библијата стои: „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син“. Со која цел? „За да добиеме живот преку него“ (1. Јованово 4:9). Дали Бог бил обврзан да го даде овој дар? Во никој случај! „Откупнината што ја плати Христос Исус“ е израз на Божјата „незаслужена доброта“ (Римјаните 3:24).

Зошто може да се каже дека преку овој дар Бог ни покажал „незаслужена доброта“? Библијата го дава одговорот: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Римјаните 5:8). Поттикнат од несебична љубов, Бог направил нешто за беспомошното и грешно човештво. Овој дар не сме го добиле затоа што сме го заслужиле, а и никогаш не можеме да се оддолжиме за него. Тој е највозвишениот израз на љубов!

ШТО ЖРТВУВАЛ ОНОЈ ШТО НИ ГО ДАЛ?

Еден дар е скапоцен и ако оној што го дал направил голема жртва. Кога некој е спремен заради нас да се откаже од нешто што многу го сака, нам тоа многу ни значи.

Бог „го даде својот единороден Син“ (Јован 3:16). Тој не можел да ни даде ништо повредно. Никој не му бил толку мил како Исус. Додека Бог ја создавал вселената, а тоа траело милијарди години, Исус му бил соработник и „посебна радост“ (Изреки 8:30). Исус е Божјиот „сакан Син“ и сликата „на невидливиот Бог“ (Колошаните 1:13-15). Не постои толку блиско пријателство како она меѓу Исус и Бог.

Сепак, Бог „не го поштеди ни сопствениот Син“ (Римјаните 8:32). Јехова го дал најдоброто што можел. Ниту еден друг дар не го чинел толку скапо.

ДАЛИ ЗАДОВОЛУВА ИТНА ПОТРЕБА?

Подарокот може да биде скапоцен и ако има практична вредност, посебно ако ни задоволи некоја итна потреба. Замисли дека си болен од тешка болест и немаш доволно пари за лекување. Безнадежен си. Но некој се нуди да ти го покрие целиот трошок. Овој подарок би бил бесценет!

„Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:22). Како потомци на Адам, не можеме да им избегаме на болеста и смртта, да се помириме со Бог и да бидеме ослободени од гревот. Ние сме само обични луѓе. Не можеме да си го спасиме ни својот живот, а камоли нечиј друг. Библијата јасно кажува: „Никој не може да го откупи братот, и не може да му даде на Бог откуп за него (откупнината за нивната душа е толку висока што останува неплатена довека)“ (Псалм 49:7, 8). Цената за откупнината никогаш не би можеле да ја платиме сами. Очајно ни е потребна помош. Препуштени сами на себе, би биле немоќни.

Но поради неговата огромна љубов, Јехова преку Исус, така да се каже, „го покрил трошокот“ за да може да живееме. Како откупнината го овозможила ова? „Крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев.“ Ако имаме силна вера во крвта што ја пролеал Исус, тоа ќе ни овозможи простување на гревовите и вечен живот (1. Јованово 1:7; 5:13). Што ќе значи откупнината за нашите најблиски што умреле? „Поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек [Исус]“ (1. Коринќаните 15:21). *

Жртвата на Исус е највозвишениот израз на љубов и доаѓа од најголемиот авторитет во целата вселена. Никој не се одрекол од нешто повредно заради нас. Јехова Бог ни го дал највредниот дар што постои. Никој друг не ни дал дар кој може да нѐ ослободи од гревот и од смртта. Ниту еден подарок не може ни одблизу да се спореди со откупната жртва.

 

^ пас. 19 Нешто повеќе за воскресението на мртвите можеш да прочиташ во 7. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com/mk.