Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се надминат чувствата на несигурност

Како да се надминат чувствата на несигурност

НИШТО не изгледа побеспомошно од едно новороденче. Кога ќе дојде на свет, неговата сигурност потполно зависи од неговите родители. Кога ќе научи да оди, наидува на непознати луѓе што се издигаат над него како џинови. Стравот ќе исчезне само ако знае дека неговите родители се близу. Нивната рака му влева сигурност.

Сѐ што му треба на едно дете за да биде среќно се љубовта и охрабрувањето од родителите. Кога гледа дека е сакано, се чувствува уште посигурно. Кога ќе го пофалат за нешто, неговата самодоверба расте и брзо напредува.

Кога ќе потпорасне, чувство на сигурност детето добива и од блиските пријатели. Кога е со нив тоа е поопуштено и училишните денови се многу полесни.

Се разбира, вака би изгледало едно идеално детство. Но, некои млади немаат ниту еден близок пријател, а многу деца воопшто не добиваат љубов и внимание од родителите. „Кога и да видам слика од некое семејство на која сите прават нешто заедно, си помислувам: ‚Камо и јас да растев во такво семејство!‘“, вели Мелиса. * Можеби и ти се чувствуваш исто.

ДО ШТО ВОДИ НЕСИГУРНОСТА ОД ДЕТСТВОТО

Што ако и ти не си ја стекнал потребната самодоверба додека си растел? Можеби не си се чувствувал сакано и ретко те пофалувале. Можеби ги памтиш постојаните караници меѓу твоите родители поради кои на крајот им се распаднал бракот, па дури и погрешно си се обвинувал себеси за тоа. Или, што е уште полошо, можеби родителите те малтретирале вербално или физички.

До што може да доведе несигурноста кај едно дете? Некои почнуваат да користат дрога или да се опиваат во тинејџерските години. Други, во потрага по чувство на припадност, стануваат дел од банда. Несигурните тинејџери може избрзано да започнат врска со некого само за да се чувствуваат сакани и да добијат внимание. Но, таквите врски ретко траат долго, а раскинувањето често води до уште поголема несигурност.

Некои тинејџери и покрај несигурноста нема да паднат во некоја од овие стапици, но сепак може да станат личности со ниска самопочит. „Бев убедена дека не ме бидува за ништо, затоа што мајка ми нонстоп ми го повторуваше тоа“, вели Ана. „Не се сеќавам дека за нешто ме пофалила или ми покажала љубов.“

Но, околностите во кои сме растеле не се единствената причина за несигурност. Таквите чувства може да се јават и после тежок развод, за време на староста, па дури и ако сме премногу загрижени за својот изглед. Која и да е причината, несигурноста може да ни ја одземе радоста и штетно да влијае врз нашите односи со другите. Како да ја надминеме?

БОГ СЕ ГРИЖИ ЗА НАС

Важно е да знаеме дека има помош. Сите ние имаме некој што може и сака да ни помогне. Тоа е Бог.

Преку својот пророк Исаија, Бог ја испратил следнава порака: „Не плаши се... зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Исаија 41:10, 13). Колку е утешна помислата дека Бог, симболично кажано, сака да нѐ фати за рака и да нѐ води низ животот! Нема потреба да бидеме загрижени!

Библијата зборува за некои верни луѓе што биле многу загрижени, но научиле да се потпираат на Бог. Ана, мајката на Самоил, мислела дека не вреди ништо. Таа не можела да има деца и честопати била исмевана поради тоа. Толку ѝ било тешко што дури не можела ни да јаде и често плачела (1. Самоилова 1:6, 8). Но, откако за сето тоа му кажала на Бог, повеќе не се чувствувала безвредно (1. Самоилова 1:18).

Понекогаш, и псалмистот Давид се чувствувал несигурно. Цар Саул со години го прогонувал за да го убие. Давид преживеал неколку обиди за убиство, а понекогаш се чувствувал како да нема никаков излез од проблемите во кои се наоѓал (Псалм 55:3-5; 69:1). И покрај тоа, напишал: „Во мир ќе легнам и ќе спијам, зашто ти, Јехова, самиот ми даваш да живеам без страв“ (Псалм 4:8).

И Ана и Давид му ги искажале своите чувства на Јехова и виделе дека тој им помогнал (Псалм 55:22). Како можеме да го правиме тоа и ние?

ТРИ РАБОТИ ШТО ЌЕ НИ ПОМОГНАТ ДА СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ПОСИГУРНО

1. Научи да му веруваш на Јехова како на Татко.

Исус нѐ поттикнал да го запознаеме неговиот Татко, „единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3). Тој „не е далеку од никого од нас“, нѐ уверува апостол Павле (Дела 17:27). А Јаков напишал: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).

Тоа што знаеме дека на небото имаме Татко кој нѐ сака и се грижи за нас, може многу да ни помогне да ги надминеме чувствата на несигурност и загриженост. Точно е дека ќе ни треба време за да стекнеме таква доверба, но мнозина се увериле дека тоа навистина помага. „Кога почнав да го чувствувам Јехова како Татко, конечно имав на кого да му ги искажам моите најскриени чувства“, вели Каролина. „Ми стана многу полесно!“

„Кога моите родители си заминаа и останав сама, Јехова ми помогна да се чувствувам сигурно“, се сеќава Рејчел. „Секогаш зборував со него и го молев да ми помогне кога ќе имав некаков проблем. Тој навистина ми помагаше!“ *

2. Пронајди духовно семејство.

Исус ги поучил своите ученици да бидат како браќа и сестри. „Сите вие сте браќа“, им рекол (Матеј 23:8). Исус сакал неговите вистински ученици да се сакаат еден со друг и да бидат како едно големо духовно семејство (Матеј 12:48-50; Јован 13:35).

Кога се собираат заедно во своите собранија, Јеховините сведоци искрено се трудат да придонесат секој да се чувствува пријатно и добредојдено (Евреите 10:24, 25). За многумина, состаноците во собранијата се како мевлем кој ги заздравува нивните емоционални рани.

„Во моето собрание имав блиска пријателка која можеше да разбере колку ми е тешко“, вели Ева. „Таа ме слушаше, ми читаше стихови од Библијата и се молеше со мене. Се погрижи да не бидам сама навечер. Ми помогна да си ги искажам чувствата и да се ослободам од емоционалниот товар што го носев. Благодарение на нејзината поддршка, почнав да се чувствувам посигурно.“ А Рејчел вели: „Во собранието запознав луѓе што ми станаа како татко и мајка. Сега се чувствувам сакано и сигурно.“

3. Покажувај љубов и добрина кон другите.

Кога ги сакаме другите и сме добри кон нив, градиме трајни пријателства. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Можеме да бидеме сигурни дека, колку повеќе љубов покажуваме, толку повеќе другите ќе нѐ сакаат. Исус им рекол на своите ученици: „Давајте, и ќе ви се даде“ (Лука 6:38).

Кога даваме и кога добиваме љубов, се чувствуваме многу посигурно. Како што е истакнато во Библијата, „љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:8). „Свесна сум дека некои негативни гледишта што ги имам за себе не се точни“, признава Марија. „Успевам да ги тргам ваквите мисли со тоа што им помагам на другите и не мислам на себе. Секогаш кога ќе направам нешто за другите, се чувствувам исполнето.“

ВРЕМЕ КОГА СЕКОЈ ЌЕ СЕ ЧУВСТВУВА СИГУРНО

Трите чекори што беа наведени не се ‚магична формула‘ за брзо и трајно решение. Но, можат многу да помогнат. „Сѐ уште имам чувства на несигурност“, признава Каролина. „Но, сега имам поголема самопочит. Знам дека Бог се грижи за мене, а имам и многу блиски пријатели што ми помагаат да се чувствувам сигурно.“ И Рејчел вели нешто слично: „Понекогаш многу се растажувам. Но, имам духовни браќа и сестри од кои можам да побарам совет и кои ми помагаат да гледам позитивно на работите. Што е најважно од сѐ, имам небесен Татко со кого можам да зборувам секој ден. Тоа прави голема разлика“.

Библијата ветува дека наскоро ќе дојде еден нов свет, во кој секој од нас ќе се чувствува сигурно

Но, има и трајно решение. Библијата ветува дека наскоро ќе дојде еден нов свет, во кој секој од нас ќе се чувствува сигурно. Божјата Реч вели: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4). Тогаш нема да се чувствуваме незаштитено и никој нема да нѐ повредува. Дури и длабоко вкоренетите трауми од минатото ‚нема да доаѓаат во сеќавање‘ (Исаија 65:17, 25). Бог и неговиот Син, Христос Исус, ќе се погрижат насекаде да има правда. Благодарение на тоа, ќе има „трајно спокојство и сигурност“ (Исаија 32:17, Превод на МПЦ — Ревидирано издание).

^ пас. 5 Сите имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 21 Јеховините сведоци нудат бесплатен библиски курс за оние што би сакале подобро да го запознаат Бог.