Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО ДА СЕ БИДЕ ЧЕСЕН?

Зошто вреди да се биде чесен

Зошто вреди да се биде чесен

„Уверени [сме] дека имаме чиста совест, бидејќи сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).

Оригиналниот грчки збор што во Библијата понекогаш се преведува со „чесност“, буквално значи „нешто што е вистински добро“. Освен тоа, може да означува и нешто што е многу убаво од морален аспект.

Христијаните сериозно ги сфаќаат следниве зборови од Божјата Реч што ги запишал апостол Павле: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“. Што вклучува тоа?

ВНАТРЕШНА БОРБА

Наутро, повеќето луѓе пред да излезат оддома се погледнуваат во огледало. Зошто? Затоа што сакаат да изгледаат колку што може поубаво. Но, постои нешто што е многу поважно од средена коса или убава облека. Тоа е нашата внатрешна личност. Таа може или да ја зголеми нашата надворешна убавина или, пак, да ја намали.

Божјата Реч отворено кажува дека сме склони да го правиме она што е лошо. Во 1. Мојсеева 8:21 пишува: „Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“. Затоа, за да бидеме чесни, мора да се бориме против нашите вродени грешни склоности. Апостол Павле на впечатлив начин ја опишал својата борба со гревот. Тој рекол: „Според својот внатрешен човек навистина уживам во Божјиот закон, но во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото“ (Римјаните 7:22, 23).

На пример, кога во срцето ќе ни дојде желба да направиме нешто лошо и ќе почувствуваме силен внатрешен притисок да постапиме нечесно, не значи дека мора да станеме робови на нашите внатрешни склоности. Можеме да избереме како ќе постапиме. Ако избереме да ги отфрлиме лошите мисли што ни доаѓаат, ќе останеме чесни и покрај тоа што нечесноста е толку раширена.

МОЖЕШ ДА ЈА ДОБИЕШ БИТКАТА

За да бидеме чесни, потребни ни се високи морални мерила. За жал, многу луѓе повеќе време посветуваат на тоа како ќе се облекуваат отколку на тоа да размислат според кои морални мерила ќе постапуваат. Затоа, сметаат дека е оправдано да бидат нечесни онолку колку што бараат околностите. Во книгата The (Honest) Truth About Dishonesty пишува: „Во суштина, лажеме сѐ додека во свои очи изгледаме чесни“. Но, што ќе ни помогне да одредиме до кој степен е оправдано да бидеме нечесни и дали воопшто е оправдано да бидеме нечесни?

Милиони луѓе од целиот свет увиделе дека Библијата може совршено да ни помогне во тоа. Моралните мерила што таа ги содржи се најдобрите што постојат (Псалм 19:7). Со целосна доверба можеме да се потпреме на нејзините совети во врска со семејниот живот, вработувањето, моралното однесување и духовноста. Библијата го положила испитот на времето. Нејзините закони и начела важат за сите националности, раси, племиња и народи. Ако внимателно ја читаме, размислуваме за она што го пишува во неа и ги применуваме нејзините совети, ќе научиме да бидеме чесни.

Но, во битката против нечесноста не е доволно само добро да ја познаваме Библијата. Живееме во морално расипан свет кој нѐ става под притисок да ги прифатиме неговите ниски мерила. Затоа, потребно е да бараме помош од Бог така што ќе му се молиме (Филипјаните 4:6, 7, 13). Тоа ќе ни даде храброст да постапуваме праведно и чесно во сѐ.

ЧЕСНОСТА СЕ ИСПЛАЌА

За Хитоши, кој беше спомнат претходно, вредело што бил познат како чесен работник. Неговиот нов работодавач многу ја цени оваа негова особина. „Благодарен сум што успеав да најдам работа што нема да ми ја извалка совеста“, вели Хитоши.

И други се увериле дека чесноста се исплаќа. Прочитај што рекле тие кога сфатиле колку е мудро да се живее според библиското начело „во сѐ да постапуваме чесно“.

  • Чиста совест

    „Кога имав 13 години, го напуштив училиштето и ѝ се придружив на една група крадци. Така, 95 отсто од сѐ што имав беше стекнато на нечесен начин. Подоцна се омажив, и со сопругот почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци. Бидејќи дознавме дека Јехова * Бог ја мрази нечесноста, одлучивме да направиме промена во нашиот животот, и во 1990 год. се крстивме како Јеховини сведоци“ (Изреки 6:16-19).

    „Порано, куќата ми беше полна со украдени работи, но повеќе не е така и затоа совеста ми е чиста. Кога ќе помислам колку години живеев нечесно, благодарна сум му на Јехова што беше толку милостив кон мене. Нема ништо поубаво од тоа да си легнеш со мислата дека Јехова е задоволен од тебе“ (Шерил, Ирска).

    „Кога мојот претпоставен дозна дека одбив да бидам поткупен од еден човек што сакаше да ни биде муштерија, ми рече: ‚Твојот Бог ти помага да бидеш чесен човек! Драго ни е што работиш во нашата фирма‘. Тоа што сум чесен ми помага да имам чиста совест пред Јехова Бог. А со тоа им помагам и на моето семејство и на другите да бидат чесни“ (Сони, Хонг Конг).

  • Внатрешен мир

    „Работам како секретар во една меѓународна банка. Во овој бизнис, заработката честопати е пред чесноста. Општоприфатено гледиште е: ‚Каква штета има од малку нечесност ако тоа нѐ збогатува и ѝ помага на економијата?‘ Но, тоа што сум чесен ми дава внатрешен мир. Решен сум да останам чесен по секоја цена. Моите претпоставени знаат дека никогаш не би ги излажал ниту нив лично ниту, пак, другите“ (Том, Соединетите Држави).

  • Самопочит

    „Мојот претпоставен ми предложи да излажам околу некои производи што недостасуваа на работа, но јас не го направив тоа. Кога се откри кој ги украл, сопственикот на фирмата ми се заблагодари што бев чесна. За да се биде чесен во ваков нечесен свет, потребна е храброст. Но, така другите можат да стекнат доверба во нас и да нѐ почитуваат“ (Каори, Јапонија).

Чистата совест, внатрешниот мир и самопочитта се награда заради која вреди да се биде чесен. Зар не се согласуваш со тоа?

^ пас. 18 Јехова е името на Бог, како што дознаваме од Библијата.