Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е исправно, а што погрешно: Библијата — најсигурниот водич

Што е исправно, а што погрешно: Библијата — најсигурниот водич

Ние не можеме да бидеме сигурни дали нашите одлуки ќе бидат добри ако ги темелиме само на нашето гледиште или на гледиштето на другите луѓе. Библијата ни открива која е причината за тоа. Но, тоа не е сѐ. Таа содржи морални принципи во кои можеме да имаме доверба. Тие се клучот за да водиме среќен и исполнет живот.

ПОТРЕБНО НИ Е ВОДСТВО ОД БОГ

Во Библијата, Јехова a Бог објаснува зошто имал намера луѓето да бараат водство од него, а не сѐ да прават по свое (Еремија 10:23). Токму затоа ни ја дал Библијата, во која се запишани морални мерила. Тој нѐ сака нас луѓето и не сака да носиме одлуки по пат на обиди и грешки кои би ни донеле лоши последици и разочарување (5. Мојсеева 5:29; 1. Јованово 4:8). Освен тоа, како наш Творец, тој ги има мудроста и знаењето што се потребни за да ни ги даде најдобрите морални совети (Псалм 100:3; 104:24). Сепак, Бог никогаш не нѐ присилува да живееме според неговите мерила.

Јехова им дал на првите луѓе, Адам и Ева, сѐ што им било потребно за да бидат вистински среќни (1. Мојсеева 1:28, 29; 2:8, 15). Исто така, тој им дал едноставни упатства кои очекувал да ги послушаат. Сепак, им дозволил самите да изберат дали ќе ги послушаат тие упатства (1. Мојсеева 2:9, 16, 17). За жал, Адам и Ева избрале да живеат според свои мерила наместо според мерилата на Бог (1. Мојсеева 3:6). Кој е резултатот? Дали луѓето се посреќни затоа што самите одлучуваат што е исправно, а што погрешно? Не. Историјата покажала дека тоа што луѓето не се држат за Божјите мерила е пречка за траен мир и среќа (Проповедник 8:9).

Библијата ни го дава водството што ни е потребно за да носиме мудри одлуки без оглед на тоа каде живееме и од какво семејство потекнуваме (2. Тимотеј 3:16, 17; види ја рамката „ Книга за сите луѓе“). Да разгледаме како Библијата го прави тоа.

Дознај нешто повеќе зошто Библијата со право може да се нарече „реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13). Гледај го видеоклипот Кој е Автор на Библијата? на jw.org.

КАКО ПРЕКУ БИБЛИЈАТА ДОБИВАМЕ ВОДСТВО ОД БОГ

Библијата е точен запис за тоа како Јехова постапувал со луѓето уште од самиот почеток. Она што е запишано во неа ни помага да разбереме што за Бог е исправно, а што погрешно, што е корисно, а што штетно (Псалм 19:7, 11). Учиме безвременски начела, односно морални принципи, кои ни помагаат да носиме мудри одлуки во секојдневниот живот.

На пример, размисли за советот кој е запишан во Изреки 13:20: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. Ова начело важи и во денешно време исто колку што важело и во минатото. Библијата е полна со такви практични и корисни начела. (Види ја рамката „ Безвременската мудрост на Библијата“.)

Но, можеби се прашуваш: „Како можам да бидам сигурен дека моралните принципи запишани во Библијата навистина се корисни за нашево време?“ Во следната статија ќе видиме како овие морални принципи им помогнале на некои луѓе.

a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18).