Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали секогаш е мудро да се потпреме на нашето гледиште?

Што е исправно, а што погрешно: По што се водат многумина

Што е исправно, а што погрешно: По што се водат многумина

Речиси секој ќе се согласи дека некои постапки се потполно исправни, а дека други постапки се потполно погрешни. На пример, некои работи, како што се убиството, силувањето и сексуалната злоупотреба на деца, се осудени од повеќето луѓе. Од друга страна, некои работи, како што се да се биде праведен и да се покажува добрина и сочувство, повеќето луѓе ги сметаат за пожелни. Но, кога станува збор за други полиња од животот, дури и за ситуации кои се поврзани со сексуалност, чесност или родителство, многумина сметаат дека нема исправно и погрешно. Тие мислат дека речиси сѐ е прифатливо. Луѓето честопати носат одлуки на темел на тоа како самите или другите околу нив гледаат на одредена работа. Но, дали ова секогаш е разумно?

КАКО НИЕ ГЛЕДАМЕ НА ОДРЕДЕНА РАБОТА

Честопати се водиме по тоа како ние гледаме на одредена работа, односно по нашето внатрешно чувство за исправно и погрешно кое обично го нарекуваме совест (Римјаните 2:14, 15). Дури и децата кои се на многу мала возраст може да направат разлика меѓу фер и нефер однесување, па дури и да чувствуваат вина. Како што растеме, нашата совест се обликува според вредностите на нашето семејство, врсниците, учителите, општеството, религијата и културата. Кога носиме одлуки, совеста ни кажува дали тие се во склад или во спротивност со нашите вредности.

Нашето чувство за исправно и погрешно може да нѐ поттикне да покажуваме сочувство и благодарност кон другите и да бидеме фер кон нив. Исто така, може да нѐ спречи да направиме нешто со кое би можеле да ги повредиме оние кои ни значат или со кое би можеле да си навлечеме срам и вина.

Дали секогаш е мудро да се потпреме на нашето гледиште? Еден човек по име Герик вели дека кога бил млад почнал да води начин на живот кој му дозволувал да прави сѐ што сака. Сепак, тој сфатил дека тоа што го прави она што самиот смета дека е исправно води до лоши последици. Подоцна, во врска со таквиот начин на живот, Герик рекол: „Тонев сѐ подлабоко. Вршев неморал, се дрогирав, се опивав и станав насилен“.

КАКО ДРУГИТЕ ГЛЕДААТ НА ОДРЕДЕНА РАБОТА

Кога треба да донесеме некоја одлука, освен што се водиме според нашето гледиште, честопати се водиме и по тоа што ќе мислат другите за нашата одлука. Тоа може да ни помогне да извлечеме корист од нивното искуство и мудрост. Кога го правиме она што нашето семејство, пријателите и општеството го сметаат за исправно, ја стекнуваме нивната почит.

Дали секогаш е мудро да се потпреме на гледиштето на другите? Кога била млада, Присила го правела она што било популарно меѓу нејзините пријатели и имала предбрачни сексуални односи. Таа сфатила дека, иако го прави она што другите го сметаат за исправно, не е посреќна. Присила рекла: „Тоа што го правев она што го прават другите во никој поглед не беше за мое добро. Само се изложив на немудри и опасни ризици“.

ИМА ЛИ ПОДОБАР НАЧИН ДА СТИГНЕМЕ ДО ЦЕЛТА?

Кога одлучуваме што е исправно, а што погрешно, нашето чувство и чувството на другите играат важна улога. Но, ако се водиме само по овие работи, нема секогаш да донесеме добра одлука. Во некои случаи, би можеле да си нанесеме штета себеси, а и на другите, бидејќи не можеме да предвидиме каков ќе биде резултатот од нашите одлуки (Изреки 14:12). И, нема никаква гаранција дека нашите вредности или вредностите на другите се навистина добри за нас и дека нема да има потреба да се променат. Всушност, нешто што во минатото се сметало за погрешно, денес е општоприфатено, а нешто што во минатото се сметало за исправно, денес се смета за погрешно.

Дали секогаш е мудро да се потпреме на гледиштето на другите?

Има ли подобар начин на кој би можеле да одлучиме што е исправно, а што погрешно? Има ли некои морални принципи по кои би можеле да се водиме денес за да не зажалиме за нашите одлуки со години подоцна?

За среќа, постои еден извор со непроменливи принципи во кој можеме да имаме доверба и кои може да му помогнат секому без разлика каде се наоѓа. Во следната статија ќе видиме што е тоа што може да ни даде најсигурно водство за да одлучиме што е исправно, а што погрешно.