Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да раководиш со парите

Како да раководиш со парите

Многу луѓе немаат толку финансиски проблеми затоа што ги применуваат библиските начела.

НАПРАВИ СИ ДОБАР ПЛАН

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5, фуснота).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Ако имаш добар план и ако се држиш за него, сигурно ќе имаш корист. Тоа е многу важен чекор што води до успех. Затоа, планирај однапред како ќе ги трошиш парите. Имај на ум дека веројатно нема да можеш да купиш сѐ што ќе посакаш. Мудро троши ги парите.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Внимавај да не го пречекоруваш домашниот буџет. Запиши си за кои сѐ работи ќе ти требаат пари и распореди ги во неколку категории како, на пример, храна, кола, режиски трошоци итн. Потоа одреди колку пари ќе ти требаат за секоја работа. Ако потрошиш повеќе од едната категорија, намали го трошокот што си го планирал за некоја друга категорија. На пример, ако потрошиш повеќе за гориво од планираното, скрати од парите што ти биле одвоени за работи кои не се толку важни.

  • Немој непотребно да се задолжуваш. Ако е можно, не се задолжувај. Наместо тоа, кога треба да купиш нешто, труди се најпрво да заштедиш пари. Доколку користиш кредитна картичка, обиди се да отплатиш сѐ што си потрошил во тековниот месец за да не мора да враќаш со камата. Но, ако веќе си во долг кој не можеш веднаш да го вратиш, направи план како да го отплаќаш на рати, и држи се за него.

    Едно истражување покажало дека луѓето имаат навика да трошат повеќе кога плаќаат со кредитна картичка. Затоа, ако имаш ваква картичка, користи ја внимателно.

ЧУВАЈ СЕ ОД ШТЕТНИ НАВИКИ

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Поради зимата, мрзливецот не ора; во времето на жетвата проси, но не добива ништо“ (Изреки 20:4).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Мрзливоста може да доведе до просјачки стап. Затоа, биди трудољубив работник и мудро раководи со парите за да го имаш она што ти е потребно и во иднина.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Биди трудољубив. Ако си трудољубив и одговорен работник, работодавачот веројатно ќе сака да те задржи на работа.

  • Биди чесен. Немој да крадеш од газдата. Нечесноста може да ти го наруши угледот и да ти отежни да најдеш друга работа.

  • Немој да бидеш алчен. Оној што има ненаситно око, постојано трча по пари. На крајот, тоа може да му го наруши здравјето и да му ги расипе односите со другите. Не заборавај, парите не се најважното нешто во животот.

ДРУГИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

Можеш да ја читаш Библијата онлајн. Сега е достапна на неколку стотини јазици на jw.org.

НЕ СИ ГИ ТРОШИ ПАРИТЕ И ВРЕМЕТО НА ЛОШИ НАВИКИ.

„Пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливоста ќе го облече човекот во партали“ (ИЗРЕКИ 23:21).

НЕМОЈ ПРЕТЕРАНО ДА СЕ ГРИЖИШ.

„Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете“ (МАТЕЈ 6:25).

НЕМОЈ ДА БИДЕШ ЗАВИДЛИВ.

„Човекот со завидливо око брза по богатство, а не знае дека ќе го снајде немаштија“ (ИЗРЕКИ 28:22).