Префрли се на текстот

Каков став имаат Јеховините сведоци кон образованието?

Каков став имаат Јеховините сведоци кон образованието?

 Нашиот став кон образованието се темели на начелата кои се наоѓаат во Библијата. Секој Јеховин сведок одлучува на темел на својата библиски школувана совест како да ги применува таквите начела. a

 Образованието е многу важно

 Образованието ни помага да стекнеме „мудрост и способност за расудување“, особини што според Библијата се многу важни (Изреки 2:10, 11; 3:21, 22). Освен тоа, Исус им рекол на своите ученици да ги поучуваат другите за сето она што им го заповедал (Матеј 28:19, 20). Затоа ги поттикнуваме и им помагаме на сите во собранието да стекнат солидно општо образование. Меѓу другото, ова вклучува да знаат добро да читаат, да пишуваат и да комуницираат, b и да имаат познавања за други религии и култури (1. Коринќаните 9:20-22; 1. Тимотеј 4:13).

 Бидејќи и владите се свесни колку е важно образованието, честопати основното и средното образование се задолжителни. Ние ги почитуваме таквите закони, во склад со следнава библиска заповед: „Секој човек нека им биде подложен на властите“ (Римјаните 13:1). Освен тоа, ги поттикнуваме нашите деца да вложуваат труд на училиште и да го дадат најдоброто што можат а не само да гледаат некако да поминат. c Божјата реч вели: „Што и да работите, правете го тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето“ (Колошаните 3:23).

 Образованието ни помага да си го издржуваме семејството. Библијата вели: „Ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Образованието ќе ни помогне да ја исполниме оваа света должност. Според една енциклопедија, главната цел на образованието е да „им овозможи на луѓето да станат корисни членови на општеството... кои ќе имаат свој придонес во економскиот систем“ (The World Book Encyclopedia). Еден вешт и образован човек може подобро и посоодветно да се грижи за своето семејство од некој што нема ниту вештини ниту основно образование (Изреки 22:29).

 Родителите се грижат за своите деца и така што им помагаат да станат зрели возрасни луѓе, а редовното образование игра клучна улога во тоа (2. Коринќаните 12:14). Ги охрабруваме родителите да им обезбедат редовно образование на своите деца, дури и ако живеат во места каде што тоа не е бесплатно, не е лесно достапно или, пак, средината го смета за неприфатливо. d Освен тоа, даваме и практични совети за да можат и самите да имаат удел во образованието на своите деца. e

 Треба да имаме реален пристап кон образованието

 Внимателно размислуваме кои опции за школување ни стојат на располагање. Библијата вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Го применуваме ова начело така што ги разгледуваме разните опции за додатно образование (откако детето ќе заврши со задолжителното школување), како и користите и трошоците што се поврзани со нив. На пример, некои курсеви за практична обука, кои нема да одземат многу време, можат да бидат од голема корист.

 Библиското образование има поголема вредност од световното. За разлика од световното образование, Библијата ни помага да стекнеме знаење за Бог, кое за нас може да значи живот (Јован 17:3). Освен тоа, таа нѐ учи на морални вредности, односно нѐ учи „што значи праведност и исправно просудување и справедливост, сето она што е на патот на добротата“ (Изреки 2:9). Апостол Павле стекнал образование кое може да се спореди со денешното факултетско образование. Сепак, тој признал дека познавањето на Исус Христос има ненадминлива вредност (Филипјаните 3:8; Дела 22:3). Иако многу Јеховини сведоци денес имаат високо образование, слично на Павле, и тие сметаат дека библиското образование има далеку поголема вредност. f

Поуките од Библијата ни помагаат да стекнеме исправни морални вредности

 Високото образование може да води до лоши последици во морален и духовен поглед

 Една библиска изрека вели: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3). Јеховините сведоци сметаат дека на некои факултети или други институции за високо образование се случуваат работи што би можеле да им наштетат во духовен и морален поглед. Од таа причина, многумина од нив одлучуваат да не се изложуваат себеси или своите деца на таква околина. Сметаат дека во таквите високообразовни институции честопати се шират погрешни размислувања како, на пример:

  •   Погрешно размислување: Парите се извор на среќа и сигурност

     Бидејќи обично се мисли дека високото образование е гаранција за добро платена работа, сѐ поголем број студенти се запишуваат на факултет за еден ден да заработат повеќе пари. Некои се надеваат дека парите ќе им донесат среќа и сигурност. Но, Библијата ја разоткрива бесмисленоста на таквото размислување (Проповедник 5:10). Што е уште поважно, таа јасно кажува дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“ и обично може да ни ја поткопа верата во Бог (1. Тимотеј 6:10). Јеховините сведоци даваат сѐ од себе да не паднат во замката на материјализмот (Матеј 13:22).

  •   Погрешно размислување: Важно е човек да стекне углед или положба во општеството, а тоа може да го постигне ако има високо образование

     На пример, Ника Галари, поранешен премиер на Грузија, го напишал следново во врска со едно раширено гледиште во неговата земја: „Универзитетската диплома е речиси задолжителен симбол на статус во Грузија... [Во минатото,] младите што немало да стекнат таква диплома биле срам за своето семејство“. g Спротивно на ова, Библијата предупредува дека не е добро некој да копнее по углед во овој свет. Исус им го рекол следново на верските водачи на кои многу им значел личниот углед: „Како може да верувате, кога прифаќате слава еден од друг?“ (Јован 5:44). Кај поединецот што ќе стекне високо образование може лесно да се развие горделивост, особина што Бог ја мрази (Изреки 6:16, 17; 1. Петрово 5:5).

  •   Погрешно размислување: Секој сам треба да одредува што е исправно а што погрешно

     Јеховините сведоци ги прифаќаат Божјите мерила во однос на тоа што е исправно, а што погрешно (Исаија 5:20). Меѓутоа, според една статија која излезе во списанието Journal of Alcohol and Drug Education, многу студенти на факултетите паѓаат под влијание на своите колеги и „донесуваат одлуки што се спротивни на она што знаат дека е исправно“. h Оваа изјава ја потврдува вистинитоста на следново библиско начело: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:33). Во студентските домови, младите честопати прават работи кои Бог ги осудува, како што се пијанчење, дрогирање и неморал, па дури и се поттикнуваат едни со други на такво нешто (1. Коринќаните 6:9, 10; 2. Коринќаните 7:1).

  •   Погрешно размислување: Високото образование може најмногу да помогне да се подобри светот

     Факт е дека многумина не одлучуваат да стекнат високо образование за да се здобијат со богатство и углед, или за да водат неморален живот, туку за да се изградат како личности и да го подобрат светот. Ова се благородни цели. Сепак, Јеховините сведоци избираат поинаков пат. Исто како Исус, ние сметаме дека Божјето Царство е единственото решение за еден подобар свет (Матеј 6:9, 10). Сепак, не чекаме со скрстени раце Царството да дојде и да ги реши сите проблеми во светот. Наместо тоа, го следиме примерот на Исус така што ја проповедаме „оваа добра вест за царството“ по целата Земја, и секоја година им помагаме на стотици илјади луѓе да си го променат животот на подобро i (Матеј 24:14).

a Младите Јеховини сведоци кои сѐ уште живеат дома ги почитуваат желбите на родителите во врска со образованието под услов тие да не се косат со Божјите закони (Колошаните 3:20).

b За таа цел беа отпечатени над 11 милиони примероци од разни помошни средства за описменување, како што е брошурата со наслов Научи да читаш и пишуваш. Исто така, на разни места во светот одржуваме бесплатни часови за описменување на 120 јазици. Во периодот од 2003 до 2017 год., им помогнавме на околу 70.000 лица да научат да читаат и да пишуваат.

d На пример, ги поттикнуваме родителите да ги праќаат на училиште и своите синови и своите ќерки. Види ја статијата „Треба ли моето дете да оди на училиште?“ во Стражарска кула од 15 март 2003.

f На jw.org, види го делот „Потеклото на животот“.

g Practical Economics: Economic Transformation and Government Reform in Georgia 2004​—2012, страница 170.

h Том 61, бр. 1, април 2017, страница 72.

i Види го делот „Библијата менува животи“ на jw.org, во кој се наоѓаат примери на луѓе на кои Божјата реч и нејзината порака им помогнала од корен да си го променат животот.