Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Како да му помогнеш на детето да си ги поправи оценките

Како да му помогнеш на детето да си ги поправи оценките

 Се чини дека твоето дете не е многу заинтересирано за школото — не му се пишуваат домашни задачи и не му се учи. Поради тоа има сѐ послаби оценки и сѐ полошо се однесува. Како можеш да му помогнеш да си ги поправи оценките?

 Што треба да знаеш

 Ако му вршиш притисок, проблемот ќе стане уште поголем. Притисокот ќе му предизвика на детето уште поголем стрес на училиште, но и дома. За да си го намали стресот, може да почне да лаже, да ги крие лошите оценки или да бега од часови. Така проблемот само ќе се влоши.

 Ако го наградуваш за добрите оценки, тоа може да има спротивен ефект. Еден татко по име Ендру вели: „За да ја мотивираме нашата ќерка, почнавме да ја наградуваме за добрите оценки. Но, така таа мислеше само на наградата. Кога ќе добиеше лоша оценка, повеќе ѝ беше мака поради тоа што немаше да добие награда, отколку поради оценката“.

 Не е решение да ги обвинуваш наставниците. Ако го правиш тоа, детето може да заклучи дека не мора да вложува труд за да постигне добри резултати. Исто така, може да стекне навика да ја префрла вината врз другите и да очекува некој друг да му ги решава проблемите. Со други зборови, нема да научи да прифаќа одговорност за своите постапки, нешто што ќе му биде од голема корист кога ќе порасне.

 Што можеш да направиш

 Држи ги чувствата под контрола. Немој да разговараш со твоето дете за оценките кога си лут. Еден татко по име Брет, вели: „Најмногу успеваме да им помогнеме на децата кога сме смирени и кога покажуваме разбирање“.

 Библиско начело: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19).

 Дознај кој е коренот на проблемот. Најчести причини за лошите оценки се малтретирање од соучениците, промена на училиштето, страв од тестови и испрашувања, семејни проблеми, ненаспаност, неорганизираност или слаба концентрација. Немој веднаш да заклучиш дека твоето дете е мрзливо.

 Библиско начело: „Кој ги согледува работите разборито, наоѓа добро“ (Изреки 16:20).

 Погрижи се детето да има пријатна атмосфера за учење. Направи му распоред за пишување домашни и за учење. Погрижи се да има место каде што ништо — вклучувајќи ги и телевизорот и мобилниот телефон — нема да му го одвлекува вниманието додека учи. За да може полесно да се концентрира, може да учи пократко, но почесто. Хектор, еден татко од Германија, вели: „Кога се ближи некој тест, не чекаме до последен момент, туку секој ден обработуваме по малку од материјалот“.

 Библиско начело: „Сѐ си има свое време“ (Проповедник 3:1).

 Поттикнувај го детето да учи. Ако сфати колку училиштето може да му користи уште денес, детето ќе има поголема мотивација да учи. На пример, математиката може да му помогне да води сметка како ги троши парите што му ги давате како родители.

 Библиско начело: „Стекни мудрост, стекни разборитост... Високо цени ја“ (Изреки 4:5, 8).

 Предлог: Помагај му на детето со домашните задачи, но немој ти да ги пишуваш наместо него. Ендру вели: „Нашата ќерка чекаше ние да ѝ кажеме сѐ, наместо да мисли со своја глава“. Научи го детето само да си ја пишува домашната задача.