Префрли се на текстот

Од каде знаеме дека живееме во „последните денови“?

Од каде знаеме дека живееме во „последните денови“?

Што вели Библијата:

 Библијата дава опис на настаните, условите и ставовите кои ќе владеат во времето на „свршетокот на овој поредок“, односно „крајот на светот“ (Матеј 24:3, Превод на МПЦ). Овој период Библијата го нарекува „последните денови“ и „одреденото време на крајот“ (2. Тимотеј 3:1; Даниел 8:19).

Кои се некои библиски пророштва за „последните денови“?

 Во Библијата се проречени многу обележја кои ќе го сочинуваат „знакот“ и по кои ќе се препознаат последните денови (Лука 21:7). Да разгледаме неколку примери:

 Војни во невидени размери. Исус прорекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство“ (Матеј 24:7). Исто така, во Откровение 6:4 е проречено дека еден симболичен јавач кој ги претставува војните ќе „го одземе мирот од земјата“.

 Глад. Исус прорекол: „Ќе има глад“ (Матеј 24:7). Во книгата Откровение е проречено дека еден друг симболичен јавач ќе предизвика глад на многу места (Откровение 6:5, 6).

 Силни земјотреси. Исус рекол дека ќе има „земјотреси на разни места“ (Матеј 24:7; Лука 21:11). Овие силни земјотреси кои ќе ги има низ целиот свет ќе предизвикаат страдање и човечки жртви како никогаш порано.

 Болести. Според зборовите на Исус, ќе има зарази, односно „смртоносни епидемии“ (Лука 21:11, Радосна Вест).

 Криминал. Иако криминалот веќе постои со векови, Исус прорекол дека во последните денови „беззаконието ќе се зголеми“ (Матеј 24:12).

 Уништување на Земјата. Во Откровение 11:18 е проречено дека луѓето ќе „ја уништуваат земјата“. Тие ќе го прават тоа на многу начини — не само со насилни и корумпирани постапки туку и така што ќе ѝ наштетуваат на околината.

 Пад на моралните вредности. Во 2. Тимотеј 3:1-4, Библијата прорекла дека повеќето луѓе ќе бидат „неблагодарни, нелојални... неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди“. Ваквите ставови ќе преовладуваат до таа мера што тој период со право може да се опише како „особено тешки времиња“.

 Распад на семејствата. Во 2. Тимотеј 3:2, 3, Библијата прорекла дека многу луѓе ќе бидат бесчувствителни кон членовите на семејството и дека децата ќе им бидат „непослушни на родителите“.

 Љубовта кон Бог ќе олади. Исус прорекол: „Кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12). Исус сакал да каже дека кај повеќето луѓе ќе олади љубовта кон Бог. Слично на тоа, во 2. Тимотеј 3:4 пишува дека во последните денови таквите луѓе „повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“.

 Верско лицемерство. Во 2. Тимотеј 3:5, Библијата прорекла дека луѓето „на изглед ќе бидат богобојазливи“, но, всушност, нема да живеат според Божјите мерила.

 Зголемено разбирање на библиските пророштва. Во книгата Даниел е проречено дека во „времето на крајот“ многумина ќе стекнат поголемо знаење за библиската вистина, вклучувајќи и точно разбирање на овие пророштва (Даниел 12:4).

 Проповедање ширум светот. Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (Матеј 24:14).

 Рамнодушноста и исмевањето ќе бидат широко распространети. Исус прорекол дека луѓето, општо земено, ќе ги игнорираат јасните докази дека крајот е близу (Матеј 24:37-39). Освен тоа, во 2. Петрово 3:3, 4 е проречено дека некои ќе се потсмеваат на доказите и нема да ги признаваат.

 Исполнување на сите пророштва. Исус рекол дека значајно обележје на последните денови е тоа што истовремено ќе се исполнуваат сите овие пророштва, а не само дел од нив (Матеј 24:33).

Дали живееме во „последните денови“?

 Да. Условите во светот и библиската хронологија покажуваат дека последните денови започнале во 1914 год., истата година кога започнала Првата светска војна. За да видиш како условите во светот покажуваат дека живееме во последните денови, погледни го следниов видеоклип:

 Во 1914 год., на небото почнало да владее Божјето Царство. Првото нешто што го направила таа влада е тоа што ги исфрлила Сатана Ѓаволот и демоните од небото и ја ограничила нивната активност само на Земјата (Откровение 12:7-12). Влијанието на Ѓаволот врз човештвото може да се види од лошите ставови што ги покажуваат луѓето и од лошите работи што ги прават, поради кои последните денови се „особено тешки времиња“ за живеење (2. Тимотеј 3:1).

 Многу луѓе се вознемирени поради овие тешки времиња и поради тоа што состојбата во општеството сѐ повеќе се влошува. Некои дури се плашат за самиот опстанок на човештвото.

 Од друга страна, има луѓе што се загрижени поради состојбата во светот, но сепак имаат надеж за подобра иднина. Тие се уверени дека наскоро Божјето Царство ќе ги отстрани проблемите во светот (Даниел 2:44; Откровение 21:3, 4). Тие стрпливо чекаат Бог да ги исполни своите ветувања и наоѓаат утеха во следните зборови на Исус: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13; Михеј 7:7).