Префрли се на текстот

Според библиската хронологија, што се случило во 1914 година?

Според библиската хронологија, што се случило во 1914 година?

Што вели Библијата:

 Библиската хронологија покажува дека во 1914 год. било воспоставено Божјето Царство на небото. Тоа го потврдува пророштвото запишано во 4. поглавје од библиската книга Даниел.

 За што станува збор во пророштвото? Бог му дал пророчки сон на вавилонскиот цар Навуходоносор за едно огромно дрво кое било пресечено. Неговата пенушка била окована и со тоа било спречено дрвото да расте во период од „седум времиња“. Потоа, дрвото требало повторно да порасне (Даниел 4:1, 10-16).

 Првото исполнување на пророштвото. Големото дрво го претставувало самиот Навуходоносор (Даниел 4:20-22). Тој бил симболично ,пресечен‘ кога го изгубил здравиот разум и царската власт во период од седум години (Даниел 4:25). Кога Бог му го вратил разумот, Навуходоносор повторно седнал на престолот и признал дека Јехова е Севишниот Владетел (Даниел 4:34-36).

 Доказ дека пророштвото има и поголемо исполнување. Целта на ова пророштво била луѓето да дознаат дека „Севишниот владее над човечкото царство, дека го дава кому сака и над него го поставува најмалиот од луѓето“ (Даниел 4:17). Дали гордиот Навуходоносор бил оној на кого Бог сакал да му даде таква власт? Не. Пред тоа, Бог му дал на Навуходоносор друг пророчки сон во кој му покажал дека ниту тој ниту некој друг човечки владетел нема да ја има оваа улога. Наместо тоа, Бог ,ќе подигнел царство, кое немало никогаш да пропадне‘ (Даниел 2:31-44).

 Претходно, Бог веќе имал некој што ја претставувал неговата власт на Земјата — древниот народ Израел. Бог дозволил царството Израел ,да биде уништено‘ затоа што неговите владетели биле неверни, но прорекол дека власта ќе му ја даде на „оној што според законот има право на неа“ (Езекиел 21:25-27). Од Библијата дознаваме дека Исус Христос е оној што има законско право да владее со ова Царство кое ќе остане засекогаш (Лука 1:30-33). За разлика од Навуходоносор, Исус има „понизно срце“, токму како што било проречено (Матеј 11:29).

 Што претставува дрвото од 4. поглавје од Даниел? Во Библијата, дрвјата понекогаш се користат како симбол за власт (Езекиел 17:22-24; 31:2-5). Во поголемото исполнување на пророштвото од 4. поглавје од Даниел огромното дрво ја претставува Божјата власт.

 Што значи тоа што дрвото било пресечено? Исто како што во случајот на Навуходоносор пресекувањето на дрвото значело дека неговото владеење ќе биде прекинато за одреден период, така и Божјето владеење на Земјата било прекинато за одреден период. Тоа се случило кога Навуходоносор го уништил Ерусалим, место каде што израелските цареви седеле на „Јеховиниот престол“ како претставници на самиот Бог (1. Летописи 29:23).

 Што значат ,седумте времиња‘? ,Седумте времиња‘ го означуваат периодот во кој Бог им допуштил на народите сами да владеат со Земјата без да има некој што ќе ја претставува неговата власт. Според Библијата, овие „седум времиња“ започнале во октомври 607 год. пр.н.е. кога Ерусалим бил уништен од Вавилонците a (2. Царевите 25:1, 8-10).

 Колкав период означуваат ,седумте времиња‘? Тоа не може да биде период од седум години како што било случај со Навуходоносор. Исус рекол: „Ерусалим [симболот на Божјата власт] ќе биде газен од незнабошците додека не се исполнат одредените времиња на незнабошците“ (Лука 21:24). „Одредените времиња на незнабошците“, односно периодот во кој Бог дозволил неговата власт да биде ,газена од незнабошците‘, се исти со ,седумте времиња‘ спомнати во 4. поглавје од Даниел. Тоа значи дека овие „седум времиња“ сѐ уште траеле додека Исус бил на Земјата.

 Библијата ни помага да пресметаме колку точно изнесуваат проречените „седум времиња“. Во неа пишува дека три и пол „времиња“ се 1.260 дена, што значи дека „седум времиња“ се 2.520 дена (Откровение 12:6, 14). Според правилото „ден за година“, кое се применува на некои библиски пророштва, 2.520 дена се всушност 2.520 години. Значи, ,седумте времиња’ или 2.520-те години завршиле во октомври 1914 год. (4. Мојсеева 14:34; Езекиел 4:6).

a Нешто повеќе за тоа зошто овие времиња започнале во 607 год. пр.н.е. можеш да прочиташ во статијата „Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Прв дел“ од Стражарска кула од 1 октомври 2011, страници 26-31 и во статијата „Кога бил уништен древниот Ерусалим? — Втор дел“ од Стражарска кула од 1 ноември 2011, страници 22-28.