Префрли се на текстот

Дали Земјата ќе биде уништена?

Дали Земјата ќе биде уништена?

Што вели Библијата

 Не, планетата Земја нема никогаш да биде уништена, изгорена со оган или заменета со некоја нова планета. Од Библијата дознаваме дека Бог ја создал Земјата за да биде населена засекогаш.

  •   „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).

  •   „[Бог] ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5).

  •   „Земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).

  •   „Оној што ја обликува и ја направи земјата, оној што ја зацврсти и не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18).

Дали луѓето ќе ја уништат Земјата?

 Бог нема да им дозволи на луѓето целосно да ја уништат Земјата со загадување, војни или на некој друг начин. Наместо тоа, тој ќе ги уништи „оние што ја уништуваат земјата“ (Откровение 11:18). Како ќе го направи тоа?

 Бог ќе ги замени човечките влади, кои покажале дека се немоќни да ја заштитат Земјата, со една совршена небесна влада — Божјето Царство (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10). На чело на тоа Царство е Божјиот Син, Исус Христос (Исаија 9:6, 7). Кога живеел на Земјата, Исус правел чуда со кои покажал дека има моќ над природните сили и појави (Марко 4:35-41). Како Цар на Божјето Царство, тој ќе има целосна контрола врз природните појави на нашата планета. Исус ќе ја обнови Земјата и условите на неа ќе бидат исти како условите во еденската градина (Матеј 19:28; Лука 23:43).

Зарем Библијата не учи дека Земјата ќе биде изгорена со оган?

 Не, не учи. Ваквото неисправно гледиште обично е резултат на погрешното толкување на зборовите од 2. Петрово 3:7, каде што стои: „Сегашните небеса и земја... се зачувани за оган“. Да разгледаме две важни работи кои ни помагаат да го разбереме значењето на овој стих.

  1.   Во Библијата изразите „небеса“, „земја“ и „оган“ имаат повеќе значења. На пример, во 1. Мојсеева 11:1 пишува: „Целата земја имаше само еден јазик“. Овде, зборот „земја“ се однесува на човечкото општество.

  2.   Контекстот на 2. Петрово 3:7 го открива значењето на зборовите небеса, земја и оган што се спомнати овде. Во петтиот и шестиот стих се зборува за Потопот во времето на Ное кога бил уништен тогашниот свет, но не и нашата планета. „Земјата“ која била уништена во Потопот, всушност, се однесува на злобното човечко општество од тоа време (1. Мојсеева 6:11). Исто така, биле уништени и „небесата“, односно луѓето што владееле во тоа општество. Значи, биле уништени лошите луѓе, а не нашата планета. Ное и неговото семејство го преживеале уништувањето на тој свет и продолжиле да живеат на Земјата по Потопот (1. Мојсеева 8:15-18).

 Исто како што Потопот ги уништил лошите луѓе, така и „огнот“ кој се спомнува во 2. Петрово 3:7, што претставува уништување, ќе им стави крај на злобните луѓе, а не на планетата Земја. Бог ветува „нови небеса и нова земја во кои ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Над „новата земја“, односно новото човечко општество, ќе владеат „нови небеса“, односно нова влада — Божјето Царство. Под власта на тоа Царство, целата Земја ќе биде претворена во еден прекрасен рај во кој ќе владее мир (Откровение 21:1-4).