Префрли се на текстот

Што вели Библијата за хомосексуалноста?

Што вели Библијата за хомосексуалноста?

Што вели Библијата:

 Бог имал намера сексуалните односи да бидат дел од бракот, и тоа брак меѓу еден маж и една жена (1. Мојсеева 1:27, 28; 3. Мојсеева 18:22; Изреки 5:18, 19). Библијата ги осудува сексуалните активности меѓу лица кои не се во брак, сеедно дали се работи за лица од ист или различен пол (1. Коринќаните 6:18). Во ваквите сексуални активности се вклучени полови односи, милување на половите органи на друго лице, како и орален или анален секс.

 Иако Библијата ги забранува хомосексуалните активности, таа не ги поттикнува луѓето да ги мразат хомосексуалците. Наместо тоа, на христијаните им е заповедано да ,го почитуваат секого‘ (1. Петрово 2:17).

 Дали некој се раѓа како хомосексуалец?

Библијата не ни открива зошто кај некои се појавуваат хомосексуални желби, но во неа јасно се вели дека секој човек се раѓа со склоност да постапува спротивно на Божјите заповеди (Римјаните 7:21-25). Иако од Библијата не ги дознаваме причините зошто некои ги привлекуваат лица од ист пол, таа отворено ги забранува хомосексуалните постапки.

 Како да му угодиш на Бог ако чувствуваш привлечност кон истиот пол?

Во Библијата пишува: „Не дозволувајте вашето тело да управува со вас. Умртвете ја секоја желба за недозволени полови односи“ (Колошаните 3:5, Contemporary English Version). За да ги умртвиш неисправните желби кои водат до погрешни постапки, мора да внимаваш за што размислуваш. Ако постојано се трудиш да размислуваш за исправни работи, ќе ти биде полесно да им се спротивставиш на погрешните желби (Филипјаните 4:8; Јаков 1:14, 15). Иако ова на почеток можеби ќе ти биде многу тешко, со текот на времето ќе ти станува полесно. Освен тоа, Бог ветува дека ќе ти помага твоето размислување да го доведеш во склад со неговите мерила (Ефешаните 4:22-24).

 Сепак, и милиони хетеросексуалци кои сакаат да ги следат библиските мерила мораат да водат борба за да ги контролираат своите желби. На пример, многу од нив се самци кои немаат големи изгледи за брак или се во брак со хендикепирано лице кое не може да има полови односи. И покрај тоа, тие се среќни. Лицата со хомосексуални желби, исто така, можат да се контролираат ако навистина сакаат да го радуваат Бог (5. Мојсеева 30:19).