Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Кир Велики

Кир Велики

Ноќта помеѓу 5 и 6 октомври 539 год. пр.н.е., на градот Вавилон, престолнината на Вавилонското Царство, му се случило нешто навидум невозможно. Таа кобна ноќ, градот бил поразен од војската на Медијците и Персијците, предводена од персискиот цар Кир, познат и како Кир Велики. Тој имал генијална стратегија.

КАКО КИР ГО ОСВОИЛ ВАВИЛОН

„Кога Кир наумил да го освои, Вавилон веќе бил највеличествениот град на Блискиот Исток, а можеби и во целиот свет“, се вели во книгата Ancient World Leaders—Cyrus the Great. Низ Вавилон течела реката Еуфрат. Нејзините води ги полнеле рововите околу ѕидините на градот — двоен одбранбен систем поради кој градот се сметал за неосвоив.

Погоре од Вавилон, луѓето на Кир го свртеле текот на Еуфрат, поради што нивото на водата опаднало. Потоа војниците преминале преку плитката вода во рововите и стигнале до градските порти што биле оставени отворени. Тогаш го освоиле Вавилон без речиси никаков отпор. Според грчките историчари Херодот и Ксенофон, Вавилонците се чувствувале толку сигурни зад својот одбранбен систем што ноќта кога бил нападот мнозина се гоштевале, а еден од нив бил и царот! (Види ја рамката  „Ракописот е на ѕидот“.) Освен тоа, со победата на Кир се исполниле и некои неверојатни библиски пророштва.

Во Библијата било проречено дека Кир ќе го освои Вавилон

НЕВЕРОЈАТНИ ПРОРОШТВА

Пророштвата на Исаија се особено значајни бидејќи биле запишани околу 200 години однапред — веројатно 150 години пред Кир да се роди! Еве некои детали:

  • Еден човек по име Кир ќе го освои Вавилон и ќе ги ослободи Евреите (Исаија 44:28; 45:1).

  • Реката Еуфрат ќе пресуши и ќе ѝ отвори пат на војската на Кир (Исаија 44:27).

  • Градските порти ќе бидат оставени отворени (Исаија 45:1).

  • Вавилонската војска ќе ‚престане да се бори‘ (Еремија 51:30; Исаија 13:1, 7).

ЧУДЕСНО ИЗБАВУВАЊЕ

Претходно, во 607 год. пр.н.е., вавилонската војска го опустошила Ерусалим и повеќето преживеани биле одведени во ропство. Колку долго требало Евреите да останат таму? Бог рекол: „Кога ќе навршат тие седумдесет години, ќе ги повикам на одговорност вавилонскиот цар и тој народ... [и] целата халдејска земја... ќе ја претворам во вечна пустош“ (Еремија 25:12).

Како што беше спомнато, Кир го освоил Вавилон во 539 год. пр.н.е. Кратко потоа, ги ослободил Евреите, кои почнале да пристигнуваат во својата земја во 537 год. пр.н.е. — точно 70 години откако биле одведени во ропство (Езра 1:1-4). А од Вавилон на крајот останала само „вечна пустош“, со што повторно била потврдена точноста на библиските пророштва.

ЗОШТО ОВА Е ВАЖНО ЗА НАС?

Размисли за ова: Во Библијата било проречено 1) дека Евреите ќе бидат 70 години во изгнанство, 2) дека Кир ќе го освои Вавилон, но и каква стратегија ќе користи и 3) дека на крајот, од Вавилон ќе остане само пустош. Човек не би можел да го знае сето ова однапред! Затоа, поразумно е да веруваме во следново: „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог“ (2. Петрово 1:21). Очигледно, Библијата заслужува да ја испитаме подлабоко.

^ пас. 36 Овие изрази означуваат мерки за тежина на пари. Подетално објаснување можеш да најдеш во 7. поглавје од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, издадена од Јеховините сведоци.