Префрли се на текстот

Дали Јеховините сведоци ги растураат семејствата или ги зајакнуваат?

Дали Јеховините сведоци ги растураат семејствата или ги зајакнуваат?

 Како Јеховини сведоци, се трудиме да имаме среќно и стабилно семејство, а им помагаме и на другите во тоа. Го почитуваме Бог како основач на семејството (1. Мојсеева 2:21-24; Ефешаните 3:14, 15). Во Библијата, тој дал начела што им помагаат на луѓето низ целиот свет да имаат стабилен и среќен брак.

Како Јеховините сведоци ги зајакнуваат семејствата

 Се трудиме во сѐ да ги следиме библиските совети, кои ни помагаат да бидеме подобри сопрузи, сопруги и родители (Изреки 31:10-31; Ефешаните 5:22 — 6:4; 1. Тимотеј 5:8). Мудроста што ја содржи Библијата им помага дури и на семејствата чии членови немаат исти верски убедувања (1. Петрово 3:1, 2). Еве што велат некои кои не се Јеховини сведоци, а чиј сопружник станал Сведок:

  •   „Првите шест години од бракот ни поминаа во кавги и нервози. Но, Ивети стана Јеховин сведок и сега е пообѕирна и пострплива. Поради промените што таа ги направи, си го спасивме бракот“ (Клауир од Бразил).

  •   „Многу бев против кога маж ми почна да проучува со Јеховините сведоци затоа што мислев дека тие ги растураат семејствата. Но, видов дека Библијата всушност многу му помогна на нашиот брак“ (Агнес од Замбија).

 Кога проповедаме, им покажуваме на луѓето како мудроста содржана во Библијата може да им помогне:

Дали тоа што едниот брачен другар ќе си ја смени религијата неминовно ќе донесе проблеми во бракот?

 Понекогаш да. На пример, според еден извештај од 1998 год. на истражувачката компанија Софрес, во секој дваесетти брак во кој едниот сопружник станал Јеховин сведок дошло до сериозни проблеми.

 Исус претскажал дека оние што живеат според неговите учења понекогаш ќе бидат изложени на притисок од семејството (Матеј 10:32-36). Според историчарот Вил Дјурант, во Римското Царство „христијанството било обвинето дека ги растура семејствата“, a а истите обвиненија им се упатуваат и на Јеховините сведоци денес. Дали тоа значи дека Сведоците се причина за раздор во семејството?

Европскиот суд за човекови права

 Во врска со обвинението дека Јеховините сведоци ги растураат семејствата, Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која изјави дека најчеста причина за конфликти е тоа што членовите на семејството кои не се Сведоци не сакаат „да ја прифатат и да ја почитуваат слободата на вероисповед на другите во семејството“. Судот додал: „Ова е случај кај сите бракови во кои сопружниците не се од иста религија, а ни Јеховините сведоци не се исклучок“. b Но, дури и кога се жртви на верска нетрпеливост, Јеховините сведоци се трудат да го применуваат библискиот совет: „Никому не враќајте зло за зло... Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:17, 18).

Зошто Јеховините сведоци веруваат дека треба да стапуваат во брак само со соверници

 Сведоците го следат библискиот совет да стапувааат во брак „само во Господарот“, односно со некој со кого имаат исти верувања (1. Коринќаните 7:39). Оваа заповед не само што се темели на Библијата туку е и практична. На пример, во една статија од 2010 год. што излезе во списанието Journal of Marriage and Family пишуваше дека „брачните партнери кои припаѓаат на иста религија и кои имаат исти обичаи и верувања“ обично имаат постабилен брак. c

 Меѓутоа, Јеховините сведоци во никој случај не ги поттикнуваат своите соверници да го остават брачниот другар ако не е Сведок. Библијата вели: „Ако некој брат има жена која не е верница, а таа се согласува да живее со него, нека не ја остава, а исто така и жена која има маж што не е верник, и тој се согласува да живее со неа, нека не го остава мажот“ (1. Коринќаните 7:12, 13). Јеховините сведоци се послушни на оваа заповед.

a Види ја книгата Цезар и Христос (издание на српски), страница 734.

b Види ја пресудата донесена во случајот Jehovah’s Witnesses of Moscow and Others v. Russia (Јеховините сведоци од Москва и други против Русија), страници 26 и 27, пасус 111.

c Види го списанието Journal of Marriage and Family, том 72, број 4 (август 2010), страница 963.