Префрли се на текстот

Каков став имаат Јеховините сведоци кон погребите?

Каков став имаат Јеховините сведоци кон погребите?

 Нашите гледишта и обичаи поврзани со погребите ги темелиме на Библијата. Еве некои од нив:

  •   Сосема е нормално да се тагува поради смртта на некој близок. Учениците на Исус плачеле откако им починале некои од нивните блиски (Јован 11:33-35, 38; Дела 8:2; 9:39). За нас погребите не се прилика за веселба, како што се прави на некои места (Проповедник 3:1, 4; 7:1-4). Наместо тоа, во таквите прилики се трудиме да покажеме сочувство (Римјаните 12:15).

  •   Мртвите не се свесни за ништо. Сеедно од кое место и култура потекнуваме, не правиме обичаи што се темелат на небиблиското учење дека душата на покојникот продолжува да живее или дека таа може да влијае врз живите (Проповедник 9:5, 6, 10). Некои од тие обичаи се бдеење, раздавање храна и дарови за душата на покојникот, обиди за комуницирање со мртвите, носење црнина и правење помени. Не ги правиме таквите обичаи бидејќи сме послушни на библиската заповед: „Одвојте се... и повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:17).

  •   Има надеж за мртвите. Библијата вели дека во иднина ќе има воскресение на мртвите и дека ќе дојде ден кога повеќе нема да има смрт (Дела 24:15; Откровение 21:4). Ова ветување ни помага да не ја изразуваме нашата тага на екстремни начини, исто како што им помогнало и на првите христијани (1. Солуњаните 4:13).

  •   Библијата поттикнува на скромност (Изреки 11:2). Сметаме дека погребите не се прилика за истакнување на нечиј општествен или економски статус (1. Јованово 2:16). Затоа, не организираме раскошни погреби со цел да ги импресионираме другите, на пример, со прескапи ковчези и погребна опрема.

  •   Не се обидуваме нашите гледишта за погребите да им ги наметнуваме на другите. Во врска со ова, го следиме библиското начело: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). Меѓутоа, ако имаме прилика за тоа, се трудиме да ги објасниме нашите верувања „благо и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15).

Како изгледаат погребите на Јеховините сведоци?

 Место: Погребот се одржува на гробишта или во крематориум, а комеморацијата може да се одржи онаму каде што ќе избере семејството, на пример во Салата на Јеховините сведоци, во капела, во приватен дом, на гробишта или во крематориумот.

 Верска служба: Со цел да се пружи утеха за ужалените, се одржува говор преку кој се објаснува што вели Библијата за смртта и за надежта за воскресение (Јован 11:25; Римјаните 5:12; 2. Петрово 3:13). Можат да бидат истакнати добрите особини на починатиот и да се раскаже нешто за неговиот живот, од што другите можат да извлечат поука (2. Самоилова 1:17-27).

 Може да се испее песна која се темели на Библијата (Колошаните 3:16). Службата завршува со утешна молитва (Филипјаните 4:6, 7).

 Трошоци и прилози: Ние не ги наплаќаме нашите верски служби, вклучувајќи ги и погребните. Исто така, на нашите состаноци никој не е принуден да дава прилози (Матеј 10:8).

 Присуствување: На говор за погреб што се одржува во Салата на Јеховините сведоци може да присуствува секој што сака. Како што е случај и со нашите состаноци, таквите комеморации се отворени за јавност.

Дали Јеховините сведоци присуствуваат на погреби организирани од некоја друга религија?

 Секој Јеховин сведок одлучува за себе, на темел на неговата совест обликувана според Библијата (1. Тимотеј 1:19). Меѓутоа, не учествуваме во верски обичаи за кои сметаме дека не се во склад со Библијата (2. Коринќаните 6:14-17).