Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Повеќе не му робувам на насилството“

„Повеќе не му робувам на насилството“
  • Роден: 1956

  • Земја: Канада

  • Некогаш: Бил насилен, разочаран од луѓето и водел неморален живот

МОЕТО МИНАТО

 Роден сум во градот Калгари во Канада. Уште кога бев многу мал, моите родители се разведоа. Со мајка ми отидовме да живееме кај баба ми и дедо ми. Тие многу нѐ сакаа, и затоа бев среќно дете. Имав безгрижно детство, и тој период до ден-денес буди убави спомени во мене.

 Кога имав седум години, мајка ми повторно се омажи за татко ми, и се преселивме во Сент Луис (Мисури, САД). Оттогаш животот ми стана многу тежок. На своја кожа почувствував колку татко ми знае да биде суров. На пример, првиот ден кога се вратив од школо, тој дозна дека некои деца ме тепаа, а дека јас не им вратив. Затоа се изнервира и ме удри посилно од децата. Ја научив „лекцијата“, и оттогаш почнав да се тепам со другите деца.

 Мајка ми многу се нервираше поради лошиот карактер на татко ми, и затоа често се караа и се тепаа. На 11 години почнав да пијам и да се дрогирам. Станував сѐ поагресивен и често пати се впуштав во улични тепачки. Кога завршив средно училиште, веќе бев многу насилен.

 На 18 години ме примија во воената морнарица на САД. Таму научив како да убивам луѓе. По пет години ја напуштив војската, бидејќи сакав да студирам психологија и потоа да се вработам во Федералното истражно биро (ФБИ). Се запишав на факултет во Америка, а потоа се вратив во Канада и таму продолжив со студиите.

 Додека студирав, потполно се разочарав и од луѓето и од општеството. Сфатив колку луѓето се себични, колку сето она што се прави во светот е бесмислено и дека нема решение за проблемите на човештвото. Изгубив надеж дека луѓето можат да ја подобрат ситуацијата во светот.

 Бидејќи немав смисла во животот, се оддадов на дрога и алкохол, и мислев само на пари и секс. Најважно ми беше да одам на разни забави и да спијам со жени. Поради воената обука што ја добив, немав страв од никого и често се тепав. Воден од своето чувство за правда, се спротивставував на секој што сметав дека постапува неправедно со другите. Но всушност, сѐ повеќе му робував на насилството.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Еднаш, во подрумот од мојата куќа, јас и еден пријател се дрогиравме и пакувавме марихуана за нелегално да ја продадеме. Тогаш тој ме праша дали верувам во Бог. Му одговорив: „Ако Бог е виновен за страдањата во светот, не сакам да имам ништо со него!“ Следниот ден ми беше прв ден на новото работно место, и еден колега, кој беше Јеховин сведок, ме праша: „Што мислиш, дали Бог е виновен за страдањата во светот?“ Не ми се веруваше дека ги слушам истите зборови што јас ги кажав ден пред тоа, и затоа сакав да дознаам нешто повеќе. Наредните шест месеци имавме многу разговори, и со помош на Библијата тој ми даде одговор на некои животни прашања што многу ме измачуваа.

 Мојата свршеница, со која живеев во тоа време, не сакаше да ѝ зборувам за она што го учев од Библијата. Еден ден ѝ кажав дека ги поканив Сведоците да дојдат кај нас за да нѐ поучуваат за Библијата. Следниот ден кога се вратив од работа, се шокирав кога видов дека ги зела сите работи од куќата и си заминала. Излегов надвор и плачев. Му се молев на Бог и го преколнував да ми помогне. Тогаш за прв пат му се обратив со неговото лично име, Јехова (Псалм 83:18).

 По два дена, почнав да ја проучувам Библијата со еден брачен пар Јеховини сведоци. Проучувавме со книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. a Откако тие си заминаа, продолжив да ја читам книгата, и истата вечер ја прочитав до крај. Она што го учев за Јехова Бог и за неговиот Син, Исус Христос, силно влијаеше врз мене. Дознав дека Јехова е сочувствителен и дека му е тешко кога ние страдаме (Исаија 63:9). Бев особено трогнат кога сфатив дека Бог ме сака и дека го дал својот Син за мене (1. Јованово 4:10). Ми стана јасно дека Јехова бил стрплив со мене, бидејќи тој „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Почувствував како Јехова ми помага да бидам близок со него (Јован 6:44).

 Почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци уште истата седмица. Имав долга коса, обетки и изгледав застрашувачки, но тие се однесуваа со мене како со роднина кој одамна не го виделе. Постапуваа како вистински христијани. Се чувствував како повторно да сум дома кај баба ми и дедо ми, па дури и поубаво.

 Набрзо почнав да правам промени во мојот живот благодарение на она што го учев од Библијата. Ја скратив косата, престанав да водам неморален живот, и прекинав да се дрогирам и опивам (1. Коринќаните 6:9, 10; 11:14). Сакав да го радувам Јехова. Затоа, кога ќе дознаев дека тој не одобрува некои мои постапки, никогаш не си наоѓав изговори да продолжам да ги правам. Напротив, ќе ми паднеше тешко и ќе си кажев: „Повеќе не смеам да се однесувам вака“. Без одложување правев промени во моето размислување и во моите постапки. Животот сѐ повеќе ми се подобруваше затоа што се трудев да постапувам онака како што сака Јехова. На 29 јули 1989 год. — шест месеци откако почнав да ја проучувам Библијата — се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Библијата ми помогна да се сменам како личност. Во минатото честопати знаев да бидам насилен кога некој се однесуваше лошо со мене. Но сега, многу се трудам да бидам „во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18). Свесен сум дека за таа промена не сум заслужен јас. Му благодарам на Јехова што со помош на неговата Реч и на неговиот свет дух ми помогна да успеам во тоа (Галатите 5:22, 23; Евреите 4:12).

 Повеќе не сум роб на дрогата, насилството и на неморалните желби, туку се трудам да го радувам Јехова и да му служам најдобро што можам. Во тоа спаѓа и да им помагам на други да го запознаат Бог. Неколку години откако се крстив, се преселив во друга земја за да проповедам на подрачја каде што имаше поголема потреба од проповедници. Се радувам што низ годините имав прилики да поучувам многу луѓе и да видам како Библијата им го подобрува животот. Среќен сум што и мајка ми стана Јеховин сведок, меѓу другото, и затоа што виде дека направив големи промени.

 Во 1999 год. бев во Ел Салвадор на школата која денес се вика Школа за полновремени објавители. На неа добив обука како да предводам во проповедничкото дело, и како да го поучувам собранието и да се грижам за него. Подоцна таа година, се оженив со мојата драга сопруга, Евгенија. Денес живееме во Гватемала, и поголемиот дел од нашето време го користиме за да им ја проповедаме добрата вест на луѓето.

 Повеќе не сум разочаран од животот, туку сум неизмерно среќен. Применувањето на библиските учења ми помогна да престанам со насилството и со неморалот. Мојот живот денес е исполнет со вистинска љубов и мир.

a Денес Јеховините сведоци обично ја користат за проучување книгата Радувај му се на животот засекогаш