Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Во мир и со Бог и со мајка ми

Во мир и со Бог и со мајка ми

„ДОБРО, а зошто не сакаш да ги обожаваш предците? Не сфаќаш ли дека, ако не беа тие, ти немаше да постоиш? Зар немаш ни трошка благодарност? Како можеш да ги отфрлиш обичаите кои се пренесуваат од колено на колено? Зарем не сфаќаш дека така ја погазуваш нашата религија?“ Откако го кажа тоа, мајка ми заплака скршена од болка.

Ова воопшто не личеше на неа. Неколку месеци пред тоа, кога Јеховините сведоци ѝ понудија да ја проучува Библијата, самата таа им предложи да проучуваат со мене наместо со неа, иако го направи тоа само за да не ги навреди. Бидејќи секогаш ѝ бев послушна, не ми беше лесно да ѝ кажам дека повеќе не сакам да ги држам традициите. Сепак, морав да го направам тоа за да го израдувам Јехова. Без негова помош немаше да успеам.

КАКО СТАНАВ ЈЕХОВИН СВЕДОК

Исто како повеќето Јапонци, и ние бевме будисти. Но, откако само два месеца ја проучував Библијата со Јеховините сведоци, се уверив дека она што го пишува во неа е вистина. Тие ми помогнаа да сфатам дека имаме небесен Татко, и тоа кај мене роди силна желба да го запознаам. Во почетокот, јас и мајка ми со задоволство разговаравме за она што го учев. Почнав да одам и на христијанските состаноци кои се одржуваа во недела. А кога подобро ја разбрав вистината, ѝ кажав на мајка ми дека повеќе нема да учествувам во будистичките обреди. Одеднаш, таа потполно се смени. Ми рече: „Срамота е во семејството да има некој што не си ги сака предците“. Веднаш ми забрани да ја проучувам Библијата со Сведоците и да одам на состаноци. Никогаш не помислував дека може да направи такво нешто — како да беше некоја друга личност!

И татко ми застана на нејзина страна. Од Ефешаните поглавје 6, знаев дека Јехова сака да ги слушам родителите. Во почетокот си мислев дека, ако сум им послушна, на крајот и тие ќе покажат разбирање, и ситуацијата ќе се смири. Освен тоа, морав да се спремам за приемните испити за средно училиште. Затоа решив во следните три месеци да го правам она што го бараа од мене. Но, му ветив на Јехова дека потоа повторно ќе почнам да одам на состаноци.

Мојата одлука беше погрешна од две причини. Прво, мислев дека по три месеци сѐ уште ќе имам силна желба да му служам на Бог. Но, се случи спротивното. Многу ослабнав во духовен поглед и чувствував како сѐ повеќе се оддалечувам од Јехова. И второ, наместо да попуштат, мајка ми и татко ми ми вршеа уште посилен притисок да се откажам од мојата вера.

ПОМОШ И ПРОТИВЕЊЕ

Додека одев на состаноците, се запознав со многумина кои се соочуваа со противење од семејството. Тие ме уверуваа дека Јехова ќе ме зајакне (Мат. 10:34-37). Ми објаснија дека, ако му останам верна на Бог, моите ќе имаат прилика да научат нешто повеќе за него и да ја прифатат вистината. Бидејќи сакав да се потпирам на Јехова, почнав горливо да му се молам.

Родителите ми се противеа на разни начини. На пример, мајка ми некогаш ме преколнуваше да престанам да проучувам, а некогаш разговараше со мене со цел да ме разубеди. Јас обично молчев. Кога ќе кажев нешто, ќе избувнеше расправија бидејќи и двете сакавме да докажеме дека сме во право. Сега сфаќам дека, ако покажев поголемо разбирање за нејзините чувства и верувања, можеби немаше да се караме толку многу. Освен тоа, родителите ми даваа повеќе домашни обврски за да не можам да излегувам. А понекогаш ја заклучуваа вратата и не ме пуштаа да влезам дома или, пак, ме оставаа без јадење.

Мајка ми побара помош и од други. Му се жалеше на мојот наставник, но тој не сакаше да се меша. Ме одведе и кај својот шеф на работа за тој да ме убеди дека нема корист од ниедна религија. Освен тоа, им се јавуваше на многу роднини и со солзи ги молеше да ѝ помогнат. Тоа многу ме вознемири. Но, старешините во собранието ме потсетија дека на тој начин мајка ми без да сака им дава сведоштво.

Родителите сакаа да одам на факултет за во иднина да најдам добра работа. Бидејќи не можевме смирено да разговараме на таа тема, им напишав неколку писма за да им објаснам кои се моите цели. Татко ми се разбесни и ми се закани: „Ако мислиш дека можеш да најдеш работа, најди уште утре или да те нема од тука!“ Го молев Јехова да ми помогне. Следниот ден, додека бев во служба, една сестра од собранието ми понуди да ѝ го подучувам детето. Малку подоцна и друга сестра ми понуди иста таква работа. Ова не му се допадна на татко ми и тој престана да зборува со мене. Всушност, се однесуваше како воопшто да не постојам. А мајка ми ми рече дека е подобро да бидам уличарка отколку Јеховин сведок.

Јехова ми помогна да размислувам на исправен начин и да знам како да постапувам

Понекогаш не бев сигурна дали Јехова сака до тој степен да им се спротивставам на родителите. Затоа се молев и размислував за она што го пишува во Библијата за неговата љубов. Ова ми помогна да гледам пообјективно на нивното противење и сфатив дека тие, всушност, беа загрижени за мене. Јехова ми помогна да размислувам на исправен начин и да знам како да постапувам. Освен тоа, колку повеќе одев во служба толку повеќе уживав во неа, и си поставив цел да служам како пионер.

ПИОНЕРСКА СЛУЖБА

Кога слушнаа дека сакам да бидам пионер, некои сестри ми рекоа дека треба да почекам додека моите родители не се потсмират. Затоа го молев Јехова за мудрост, истражував во публикациите, се преиспитав зошто сакам да служам како пионер и разговарав со некои зрели браќа и сестри. Сето ова ми помогна да сфатам дека најважно од сѐ ми е да го радувам Јехова. Освен тоа, дури и да почекав некое време, немав никаква гаранција дека родителите ќе престанат да ми се противат.

Почнав со пионерска служба во последната година од средно училиште. По некое време, кај мене се роди желба да служам на место каде што има поголема потреба од објавители. Но, мајка ми и татко ми не сакаа да си заминам од дома. Затоа чекав да наполнам 20 години. А потоа, бидејќи не сакав мајка ми премногу да се грижи, побарав од подружницата, ако е можно, да добијам задача во јужниот дел на Јапонија каде што имавме роднини.

Додека служев таму, неколкумина од оние со кои ја проучував Библијата се крстија. Тоа ми причини голема радост. Во меѓувреме, почнав да учам англиски бидејќи сакав да ја зголемам службата. Во моето собрание, двајца браќа служеа како специјални пионери. Кога гледав колку се ревносни и како им помагаат на другите, посакав и јас да станам специјален пионер. За тоа време, мајка ми двапати тешко се разболе. И во двете прилики се вратив за да се грижам за неа. Тоа навистина ја изненади, и таа малку омекна.

МНОГУ БЛАГОСЛОВИ ОД ЈЕХОВА

По седум години, добив писмо од Ацуши, еден од специјалните пионери кои ги спомнав претходно. Тој имаше намера да се ожени и ме праша дали сум размислувала за брак. Никогаш порано немав романтични чувства кон него и не ни помислував дека тој има такви чувства кон мене. По еден месец, му одговорив дека би сакала подобро да се запознаеме. Откривме дека имаме многу заеднички работи. И двајцата сакавме да служиме полновремено и бевме спремни да прифатиме каква и да било задача. По некое време се зедовме. Бев пресреќна што мајка ми и татко ми, како и некои роднини, дојдоа на нашата свадба!

Непал

Кратко потоа, додека служевме како општи пионери, Ацуши беше именуван како заменик на покраинскиот надгледник. Подоцна добивме задача да служиме како специјални пионери, а потоа и во покраинското дело. Откако ги посетивме по еднаш сите собранија во покраината, добивме повик од подружницата. Браќата нѐ прашаа дали можеме да се преселиме во Непал и таму да продолжиме со покраинската служба.

Научив многу за Јехова додека служев во неколку земји

Се плашев што ќе речат моите родители кога ќе им кажам дека ќе се преселиме толку далеку. Кога им се јавив, татко ми рече: „Ќе одите на убаво место“. Само една седмица пред тоа, еден негов пријател му дал книга за Непал. Читајќи ја, татко ми дури си помислил дека би било убаво да се посети таа земја.

Додека радосно служевме меѓу срдечните жители на Непал, доживеавме уште еден благослов. На нашата покраина ѝ беше додадена и соседната земја Бангладеш, која во многу погледи се разликува од Непал. Службата навистина ни беше разновидна! По пет години, бевме замолени да се вратиме во Јапонија, каде што сѐ уште служиме во покраинското дело.

Научив многу за Јехова од службата во Јапонија, во Непал и во Бангладеш. Секоја земја си има своја култура и обичаи. А и секој човек е посебен. Низ годините, гледав дека Јехова се грижи за луѓето како поединци, дека ги прифаќа, им помага и ги благословува.

Има толку многу работи за кои сум му благодарна на Јехова! Среќна сум што ми дозволи да го запознаам и што ме благослови со прекрасен сопруг и задачи кои ме исполнуваат. Бог ми помагаше да донесувам исправни одлуки, и сега сум во добар однос со него и со моето семејство. Благодарение на Јехова, јас и мајка ми повторно сме блиски. Многу сум среќна што сум во мир и со Бог и со неа!

Покраинската служба ни причинува голема радост