Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ниневија била град со величествени градби и споменици

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Што се случило со Ниневија по времето на Јона?

ДО СЕДМИОТ век пр.н.е., Асирија станала најголемата империја во светот. На една интернет-страница на Британскиот музеј пишува дека Асирија „се протегала од Кипар на запад до Иран на исток, а некое време го опфаќала дури и подрачјето на Египет“. Нејзиниот главен град, Ниневија, бил најголемиот град во светот. Него го краселе впечатливи споменици, прекрасни градини, луксузни палати и големи библиотеки. Ѕидните натписи од древната Ниневија покажуваат дека цар Асурбанипал, како и некои други асирски цареви, се нарекувал себеси „цар на светот“. За време на неговото владеење изгледало дека никој не може да ги освои Асирија и Ниневија.

Моќната Асирија била најголемата империја во светот во тоа време

Меѓутоа, кога Асирија била на врвот од својата моќ, Јеховиниот пророк Софонија претскажал: „[Јехова] ќе ја уништи Асирија. Ниневија ќе ја претвори во пустош, во крај безводен како пустина“. Освен тоа, Јеховиниот пророк Наум претскажал: „Пљачкајте сребро, пљачкајте злато!... Празнина, ништожност и опустошен град!... Секој што ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: ’Ниневија е опустошена!‘“ (Соф. 2:13; Наум 2:9, 10; 3:7). Кога ги чуле тие пророштва, луѓето можеби си велеле: „Зар е можно тоа да се случи? Зар е можно некој да ја освои моќната Асирија?“ Тоа сигурно им изгледало неверојатно.

Ниневија се претворила во ненаселена пустош!

Сепак, се случило она што никој не го очекувал! При крајот на седмиот век пр.н.е, Асирија била освоена од страна на Вавилонците и Медијците. Луѓето ја напуштиле Ниневија, и со текот на времето овој град паднал во заборав. Во една публикација издадена од Музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк, пишува дека до средниот век Ниневија била потрупана и дека луѓето знаеле за неа само од Библијата. А според едно археолошко друштво, до почетокот на 19 век „никој не ни знаел дали величенствениот главен град на Асирија воопшто некогаш постоел“ (Biblical Archeology Society). Но, во 1845 год. археологот Остин Хенри Лејард почнал да врши ископувања на локалитетот каде што се наоѓал градот Ниневија. Ископините што биле пронајдени биле нем сведок за некогашната слава на Ниневија.

Потполното исполнување на пророштвата за Ниневија ни ја зајакнува довербата дека и библиските пророштва за крајот на денешните политички сили сигурно ќе се исполнат (Дан. 2:44; Отк. 19:15, 19-21).