Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Живеам без раце, но со радосно срце

Живеам без раце, но со радосно срце

Кога луѓето губат рамнотежа, обично посегнуваат со рацете за да се придржат за нешто. Јас не можам да го направам тоа, бидејќи немам раце. Кога имав седум години, лекарите ми ги ампутираа двете раце за да ми го спасат животот.

Мајка ми ме родила во 1960 год., кога имала 17 години. Татко ми нѐ напуштил уште пред да се родам. Јас и мајка ми живеевме со дедо ми и баба ми во Бург, едно мало гратче во поранешна Демократска Република Германија, или Источна Германија. Многу од луѓето таму беа атеисти, исто како моето семејство. Поимот „Бог“ немаше никакво значење за нас.

Како дете, постојано бев со дедо ми. Тој ме учеше да му помагам околу многу работи како, на пример, да се качувам по дрвјата за да сечам гранки. Тоа ми беше вистинско доживување. Бев безгрижен и среќен.

НЕСРЕЌА КОЈА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Еден ден, кога имав седум години и само што тргнав во второ одделение, се случи нешто страшно. На враќање дома, се качив на еден далноводен столб. Кога стигнав на висина од 8 метри, ме удри струја и изгубив свест. Се освестив во болница, но повеќе не си ги чувствував рацете. Струјата предизвикала толку ужасни изгореници што мораше и двете раце да ми бидат ампутирани за да не дојде до труење на крвта. Како што можете да си претпоставите, мајка ми, баба ми и дедо ми беа скршени од болка. Но јас, бидејќи бев дете, не можев да сфатам колку таа загуба ќе ми се одрази врз животот.

Кога излегов од болница, се вратив на училиште. Таму децата почнаа да ме исмеваат, да ме туркаат и да фрлаат со предмети по мене бидејќи немав раце за да се бранам. Нивните сурови и понижувачки зборови многу ме повредуваа. На крајот, семејството ме испрати во интернатското училиште за хендикепирани деца во Биркенвердер. Бидејќи училиштето беше далеку од дома, на мајка ми, дедо ми и баба ми им беше прескапо да ме посетуваат. Ги гледав само за време на распустите. Следните 10 години растев без нив.

СЕ УЧАМ ДА ЖИВЕАМ БЕЗ РАЦЕ

Научив да ги правам работите на поинаков начин — со нозе наместо со раце. Можете ли да си замислите како е да јадеш со виљушка или лажица која ја држиш со прстите на нозете? Некако успеав да научам да го правам тоа. Научив и да си ги мијам забите и да си ја чешлам косата со нозете. Почнав дури и да гестикулирам со нив додека зборував со некого. Нозете ми станаа раце.

Во тинејџерските години, многу сакав да читам научна фантастика. Понекогаш си замислував дека имам роботски раце со кои можам да правам сѐ. На 14 години почнав да пушам. Тоа некако ми влеваше самодоверба, бидејќи се чувствував ист како другите. Како да велев: „Еве, тоа можам да го правам и јас. Секој што пуши е возрасен, па дури и да е без раце“.

Постојано бев ангажиран и учествував во разни социјални активности. Станав член на Слободната германска младина, социјалистичка младинска организација финансирана од државата, каде што работев како секретар, што се сметаше за одговорна положба. Освен тоа, пеев во хор, рецитирав поезија и учествував во спортови за хендикепирани лица. Откако некое време стажирав, почнав да работам во една фирма во нашиот град. Со текот на времето, почнав сѐ почесто да носам протези, затоа што сакав да изгледам како и сите други.

ЈА ПРИФАЌАМ БИБЛИСКАТА ВИСТИНА

Еден ден, додека чекав воз за на работа, ми пристапи еден човек. Ме праша дали ми се верува дека Бог може да ми ги врати рацете. Тоа ме збуни. Секако дека сакав да имам раце, но неговите зборови ми звучеа крајно нереално! Како атеист, бев уверен дека Бог не постои. Оттогаш, почнав да го избегнувам тој човек.

По некое време, една колешка ме покани на гости. Додека пиевме кафе, нејзините родители почнаа да ми зборуваат за Бог — за Јехова Бог. Првпат во животот слушнав дека Бог има име (Псалм 83:18). Сепак, нешто однатре ми велеше: „Не е можно да постои Бог, како и да се вика. Ќе им докажам дека грешат“. Убеден дека сум во право, прифатив да продолжиме со разговорите околу Библијата. Но, на мое големо изненадување, не успеав да докажам дека Бог не постои.

Колку повеќе дознавав за библиските пророштва толку повеќе си го менував мислењето околу постоењето на Бог. Тој дал многу пророштва кои се исполниле иако биле напишани стотици, па дури и неколку илјади години однапред. Во еден разговор, ја споредивме моменталната ситуација во светот со пророштвата запишани во 24. поглавје од Матеј, 21. поглавје од Лука и третото поглавје од 2. Тимотеј. Исто како што комбинацијата од повеќе симптоми може да му помогне на еден лекар да постави точна дијагноза, така и комбинацијата на настани спомнати во овие пророштва ми помогна да дојдам до заклучок дека живееме во периодот што Библијата го нарекува „последните денови“. * Бев воодушевен. Овие пророштва се исполнуваа пред мои очи!

Бев сигурен дека она што го дознавав е вистина. Почнав да му се молам на Јехова Бог и се откажав од пушењето — иако бев страстен пушач подолго од десет години. Продолжив да ја проучувам Библијата уште една година. На 27 април 1986 год. тајно се крстив во када, бидејќи во тоа време делото на Јеховините сведоци во Источна Германија беше забрането.

ИМ ПОМАГАМ НА ДРУГИТЕ

Поради забраната, се собиравме во мали групи во приватни домови и затоа познавав само неколку соверници. Се изненадив кога властите ми дозволија да отпатувам до Западна Германија, каде делото на Јеховините сведоци не беше забрането. За првпат присуствував на библиски конгреси и видов илјадници мои соверници. Тоа беше незаборавно искуство.

По падот на Берлинскиот ѕид, забраната на делото на Јеховините сведоци беше укината. Конечно можевме слободно да го славиме Јехова Бог. Сакав да имам поголем удел во делото на проповедање. Но, се плашев да зборувам со непознати. Поради мојот инвалидитет и поради тоа што поголемиот дел од детството го поминав во дом за хендикепирани лица, имав ниска самопочит. И покрај тоа, во 1992 год. се обидов во текот на еден месец да поминам 60 часови проповедајќи им на луѓето. Успеав во тоа и почувствував голема радост. Решив да го правам тоа секој следен месец и продолжив така во наредните три години.

Секогаш ми се во мислите библиските зборови: „Кој е слаб, а јас да не сум слаб?“ (2. Коринќаните 11:29). Иако немам раце, имам памет и уста. Затоа давам сѐ од себе за да им помагам на другите. Бидејќи и самиот имам хендикеп, можам потполно да ги разберам и да сочувствувам со луѓето што имаат физички ограничувања. Знам како е очајно да сакаш да направиш нешто, а да не можеш. Се трудам да ги охрабрам оние што се чувствуваат така. Тоа што мислам на другите ме прави среќен.

Среќен сум што можам да им пренесувам добра вест на другите

ЈЕХОВА МИ ПОМАГА СЕКОЈ ДЕН

Мора да признаам дека некои денови расположението ми паѓа. Едноставно сакам да бидам како и сите други. Иако многу работи можам да правам сам, тоа ми одзема многу повеќе време, труд и енергија отколку што би требало. Но, секој ден ме води мислата: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13). Јехова секој ден ми ја дава силата што ми е потребна за да ги завршам вообичаените работи. Се уверив дека тој нема никогаш да престане да ми помага. Затоа и јас не сакам никогаш да се откажам од него.

Јехова ме благослови со семејство, нешто што многу ми недостасуваше во детството. Мојата сопруга, Елке, е добра и сочувствителна. Освен тоа, и милионите соверници низ целиот свет ги чувствувам како свое семејство.

Со мојата сопруга, Елке

Наоѓам голема утеха во Божјето ветување дека на Земјата ќе има рај, во кој Бог ќе направи „сѐ ново“ и моето тело ќе биде комплетно (Откровение 21:5). Ова ветување ми станува уште пореално кога размислувам за она што го правел Исус додека бил на Земјата. Тој излекувал еден сакат човек за миг, а на друг човек му го вратил отсеченото уво (Матеј 12:13; Лука 22:50, 51). Ветувањата од Јехова и чудата што ги правел Исус ме уверија дека наскоро и јас ќе имам раце.

Меѓутоа, најголемиот благослов за мене е тоа што го запознав Јехова Бог. Тој ми стана татко и пријател, мој тешител и моја сила. Се чувствувам како цар Давид, кој напишал: „Јехова ми е сила... Добив помош, па моето срце извикува“ (Псалм 28:7). За оваа вистина ќе продолжам да се држам и понатаму, не со рацете, туку со сето свое срце.

^ пас. 17 За подетално објаснување на знакот на последните денови, види во поглавје 9 со наслов „Дали живееме во ‚последните денови‘?“ кое се наоѓа во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com/mk.