Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Благодарност

Благодарност

Постојат многу докази дека изразувањето благодарност во голема мера придонесува за физичкото, менталното и емоционалното здравје. Затоа, секој би требало да се труди да ја покажува оваа особина во својот живот.

Како влијае благодарноста врз тој што ја покажува?

ШТО ВЕЛИ МЕДИЦИНАТА:

Според еден американски билтен, „благодарноста секогаш и во значајна мера придонесува за поголема среќа. Таа раѓа позитивни емоции кај луѓето, им овозможува да уживаат во убави искуства, им го подобрува здравјето и им помага да се справуваат со тешкотиите и да градат цврсти пријателства“ (Harvard Mental Health Letter).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата нѐ поттикнува постојано да покажуваме благодарност. „Бидете благодарни“, напишал апостол Павле, кој и самиот бил добар пример во овој поглед. На пример, тој често му благодарел на Бог затоа што луѓето позитивно реагирале на пораката што им ја пренесувал (Колошаните 3:15; 1. Солуњаните 2:13). Трајна среќа не се постигнува само со тоа што одвреме-навреме ќе кажеме „благодарам“ туку со тоа што ќе чувствуваме благодарност длабоко во себе. Во исто време, тоа ни помага да се чуваме од мислата дека заслужуваме повеќе во животот и од чувствата на завист и огорченост, кои ги оддалечуваат луѓето од нас и ни ја одземаат радоста во животот.

Нашиот Творец ни оставил прекрасен пример во покажувањето благодарност и ценење — дури и кон нас, обичните луѓе! Во Евреите 6:10 пишува: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“. Нашиот Творец смета дека дури би било неправедно да не покаже благодарност.

„Радувајте се секогаш. За сѐ благодарете“ (1. Солуњаните 5:16, 18)

Како благодарноста ни помага да имаме подобри односи со другите?

ШТО ПОКАЖУВА ИСКУСТВОТО:

Кога од срце покажуваме благодарност кон некој што направил нешто убаво за нас — ни дал подарок, ни кажал љубезен збор или ни помогнал — придонесуваме да се чувствува ценет и почитуван. Дури и на некој непознат му е пријатно кога искрено ќе му се заблагодарат за некој убав гест што го покажал, на пример, некому му задржал врата.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

„Давајте, и ќе ви се даде“, рекол Исус Христос. „Ќе ви сипат во скутот добра мера, набиена, натресена и преполна“ (Лука 6:38). Да видиме што доживеала Роуз, една глува девојка од Вануату, островска земја во јужниот дел на Тихиот Океан.

Роуз одела на христијанските состаноци на Јеховините сведоци, но не можела да извлече голема корист од нив бидејќи ниту таа ниту нејзините соверници не знаеле знаковен јазик. Кога еден брачен пар искусни толкувачи на знаковен јазик го посетиле ова собрание и го забележале проблемот, организирале курс по знаковен јазик. Роуз била многу благодарна. „Среќна сум што имам толку многу пријатели кои ме сакаат“, рекла таа. За овој брачен пар било голема награда што можеле да ја видат благодарноста на Роуз, како и нејзиното учество на состаноците. Исто така, Роуз многу го цени трудот што го вложиле другите да научат знаковен јазик за да можат да комуницираат со неа (Дела 20:35).

„Кој принесува благодарност како своја жртва, тој [го] слави [Бог](Псалм 50:23)

Што ќе ти помогне да покажуваш благодарност?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Нашите чувства се тесно поврзани со нашите мисли. Библискиот писател Давид му се молел на Бог со следниве зборови: „Размислувам за сите твои дела, се интересирам за делото на твоите раце“ (Псалм 143:5). Ова јасно покажува дека Давид не бил површна личност. Неговата благодарност доаѓала од тоа што често размислувал за Бог, навика што ја задржал до крајот на својот живот (Псалм 71:5, 17).

Библијата ни го дава следниов мудар совет: „Сѐ што е вистинито... сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8). Овој стих нагласува колку е важно редовно и длабоко да размислуваме за да можеме да бидеме благодарни од срце.

„Моето срце ќе размислува за она што е разборито“ (Псалм 49:3)