Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПАТОТ ДО СРЕЌАТА

Надеж

Надеж

Бог има намери за мир, а не за неволја, за да ни даде иднина и надеж (Еремија 29:11)

„НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА“, гласи една изрека. А според една книга, надежта е „најдобриот лек за да се надминат чувствата на беспомошност, отуѓеност и страв“ (Hope in the Age of Anxiety).

И во Библијата е нагласено колку е важно да имаме надеж. Но, во неа пишува и дека треба да се чуваме од лажна надеж. Во Псалм 146:3 стои: „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение“. Наместо да се надеваме на луѓе за спас од проблемите, треба да имаме доверба во нашиот Творец, кој има моќ да ги исполни сите свои ветувања. Какви ветувања ни дал? Еве неколку од нив:

КРАЈ НА СЕТА ЗЛОБА И ТРАЕН МИР ЗА ПРАВЕДНИТЕ: „Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11). Во Псалм 37:29 пишува дека праведниците ќе живеат на Земјата засекогаш.

КРАЈ НА ВОЈНИТЕ: „Јехова... ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:8, 9).

КРАЈ НА БОЛЕСТИТЕ, СТРАДАЊАТА И СМРТТА: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:3, 4).

ИЗОБИЛСТВО ХРАНА ЗА СИТЕ: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).

ЕДНА ПРАВЕДНА ВЛАДА ЗА ЦЕЛИОТ СВЕТ — ЦАРСТВОТО НА ХРИСТОС: „[На Исус Христос] му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“ (Даниел 7:14).

Зошто може да бидеме сигурни дека овие ветувања ќе се исполнат? Кога бил на Земјата, Исус јасно покажал дека ќе биде многу добар Цар. Тој ги лекувал болните, ги хранел сиромашните и воскреснувал мртви. Но уште поважни биле неговите учења, бидејќи содржат начела кои ќе им помогнат на луѓето да живеат вечно во слога и мир. Освен тоа, Исус претскажал некои идни настани, меѓу кои и оние што се дел од знакот за последните денови на овој свет.

СОНЦЕ ПОСЛЕ БУРА

Исус прорекол дека последните денови нема да бидат исполнети со мир и сигурност. Напротив, тој навел работи кои ќе го сочинуваат знакот „на свршетокот на овој поредок“, како што се војни низ целиот свет, глад, смртоносни зарази и силни земјотреси (Матеј 24:3, 7; Лука 21:10, 11; Откровение 6:3-8). Исто така, Исус рекол: „Беззаконието ќе се зголеми, па кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12).

Насекаде околу нас гледаме докази дека љубовта оладила. Во врска со тоа, еден друг библиски писател дал и некои конкретни пророштва. Во 2. Тимотеј 3:1-5 читаме дека, општо земено, „во последните денови“ луѓето ќе си гледаат само за себе и најважни ќе им бидат парите и задоволствата. Ќе бидат вообразени и сурови. Во семејствата ќе недостасува љубов, а децата ќе бидат непослушни на родителите. Ќе има големо лицемерие во религиите.

Ваквите бурни времиња потврдуваат дека живееме во последните денови на овој свет. Освен тоа, тие потврдуваат и дека е близу времето кога Божјето Царство ќе донесе мир на целата Земја. Како дел од пророштвото за последните денови, Исус кажал нешто многу утешно: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Таа добра вест е предупредување за оние што прават лоши работи, но во исто време им дава надеж на праведните дека убавите ветувања наскоро ќе се исполнат. Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за тие ветувања? Ако да, види ја последната страница од ова списание.