Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Која е „жената“ што е спомната во Исаија 60:1, и како таа „станува“ и „засветува“?

Во Исаија 60:1 пишува: „Стани, жено, засвети, зашто дојде твојата светлина, и славата на Јехова блесна над тебе!“ Контекстот покажува дека „жената“ била Сион, односно Ерусалим — главниот град на Јуда во тоа време a (Иса. 60:14; 62:1, 2). Ерусалим го претставувал израелскиот народ како целина. Во врска со она што го кажал Исаија, ќе одговориме на две прашања. Прво, кога и како Ерусалим станал и засветил во симболична смисла? Второ, дали зборовите на Исаија имаат поголемо исполнување во наше време?

Кога и како Ерусалим станал и засветил во симболична смисла? Ерусалим и неговиот храм лежеле во урнатини додека Евреите биле во изгнанство во Вавилон 70 години. Но, откако Вавилон бил освоен од Медијците и од Персијците, Израелците кои биле распрснати низ целото Вавилонско Царство слободно можеле да се вратат во својата татковина за повторно да го изградат храмот и да му служат на Јехова (Езра 1:1-4). Почнувајќи од 537 год. пр.н.е., дел од верните Израелци од сите 12 племиња се вратиле во Ерусалим (Иса. 60:4). Тие почнале да му принесуваат жртви на Јехова, да ги прославуваат празниците и повторно да го градат храмот (Езра 3:1-4, 7-11; 6:16-22). Јеховината слава почнала повторно да свети над Ерусалим, односно над Божјиот народ. А тие пак, станале светлина за народите, кои биле во духовна темнина.

Но, во тоа време, пророштвата на Исаија се исполниле само делумно. Повеќето Израелци престанале да му бидат послушни на Бог (Неем. 13:27; Мал. 1:6-8; 2:13, 14; Мат. 15:7-9). Подоцна, тие дури го отфрлиле Месијата — Исус Христос (Мат. 27:1, 2). Во 70 год. од н.е., Ерусалим и неговиот храм биле повторно уништени.

Јехова прорекол дека тоа ќе се случи (Дан. 9:24-27). Јасно е дека тој немал намера врз земниот Ерусалим да се исполни секој дел од пророштвата за обнова од Исаија поглавје 60.

Дали зборовите на Исаија имаат поголемо исполнување? Да, но врз една друга симболична жена — „горниот Ерусалим“. Во врска со него, апостол Павле напишал: „Тој е нашата мајка“ (Гал. 4:26). Горниот Ерусалим е небесниот дел од Божјата организација кој го сочинуваат верни духовни суштества. Децата на горниот Ерусалим се Исус и 144.000 помазани христијани кои, исто како Павле, имаат надеж дека ќе живеат на небото. Помазаните христијани сочинуваат еден „свет народ“ — „Израелот Божји“ (1. Пет. 2:9; Гал. 6:16).

Како горниот Ерусалим „станал“ и „засветил“? Тоа го сторил преку своите помазани деца на Земјата. Спореди го она што го доживеале тие со она што било проречено во Исаија поглавје 60.

Помазаните христијани требало да „станат“ затоа што западнале во духовна темнина кога во вториот век од н.е. се проширило прореченото отпадништво (Мат. 13:37-43). Така, тие паднале во ропство на Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија. Помазаниците останале во ропство сѐ до „свршетокот на овој поредок“ — период кој започнал во 1914 год. (Мат. 13:39, 40). Кратко потоа, во 1919 год., тие биле ослободени и веднаш почнале да пуштаат духовна светлина така што целосно се зафатиле со проповедничкото дело. b Низ годините, луѓе од сите народи одат кон таа светлина, вклучувајќи ги и преостанатите од Израелот Божји — царевите кои се спомнати во Исаија 60:3 (Отк. 5:9, 10).

Во иднина, помазаните христијани ќе ја шират светлината од Јехова на уште позначаен начин. Како? Кога ќе го завршат својот живот на Земјата, тие ќе станат дел од „Новиот Ерусалим“, односно Христовата невеста која ја сочинуваат 144.000 цареви и свештеници кои ќе владеат заедно со Христос (Отк. 14:1; 21:1, 2, 24; 22:3-5).

Новиот Ерусалим ќе има важна улога во исполнувањето на пророштвото од Исаија 60:1. (Спореди Исаија 60:1, 3, 5, 11, 19, 20 со Откровение 21:2, 9-11, 22-26.) Исто како што земниот Ерусалим бил седиште на владата во древниот Израел, така и Новиот Ерусалим и Исус Христос ќе бидат владата на новиот свет. Што значи тоа дека Новиот Ерусалим „слегува од небото од Бог“? Тоа значи дека ќе го насочи своето внимание кон луѓето на Земјата и ќе засвети над нив. Луѓе од сите народи, кои имаат стравопочит кон Бог, „ќе одат во неговата светлина“. Тие дури ќе бидат ослободени од гревот и од смртта (Отк. 21:3, 4, 24). Крајниот резултат ќе биде обнова на сето она за кое Бог зборувал преку Исаија и другите пророци (Дела 3:21). Големата обнова започнала кога Исус станал Цар, а ќе заврши на крајот од неговото илјадагодишно владеење.

a Во Исаија 60:1, во Превод Нов свет се користи зборот „жена“ наместо „Сион“ или „Ерусалим“ — како што стои во некои преводи на Библијата — бидејќи хебрејските глаголи за „стани“ и „засвети“ се во женски род, како и хебрејскиот збор што е преведен со „тебе“. Зборот „жена“ им помага на читателите да сфатат дека тие зборови се однесуваат на една симболична жена.

b Духовната обнова која се случила во 1919 год. исто така е опишана во Езекиел 37:1-14 и во Откровение 11:7-12. Езекиел прорекол дека сите помазани христијани ќе доживеат духовна обнова по еден многу долг период на ропство. Пророштвото во Откровение се однесува на симболичното враќање во живот на една мала група помазани браќа кои предводеле во делото откако еден краток период биле неактивни поради тоа што биле неправедно ставени во затвор. Во 1919 год., тие браќа биле поставени да служат како „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; види во книгата Конечно секој ќе го слави Јехова!, стр. 118, на српски јазик).