Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА 8

Кога ќе се случи немил настан

Кога ќе се случи немил настан

„Радувајте се, иако сега можеби за кратко ќе мора да се жалостите поради разните искушенија“ (1. Петрово 1:6)

Дури и ако правиш сѐ за да имаш среќен брак и среќно семејство, понекогаш ќе се случат неочекувани работи што може да ти ја одземат радоста (Проповедник 9:11). Кога минуваме низ тешки моменти, Бог со љубов ни помага. Ако ти и твоето семејство ги примените следниве библиски совети, ќе можете да ги пребродите дури и најтешките ситуации.

1. ПОТПИРАЈ СЕ НА ЈЕХОВА

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Никогаш не заборавај дека Бог не е виновен за твоите проблеми (Јаков 1:13). Ако си близок со него, тој ќе ти ја даде најдобрата можна помош (Исаија 41:10). ‚Излевај го срцето пред него‘ (Псалм 62:8).

Ќе најдеш утеха и ако секој ден ја читаш и ја проучуваш Библијата. Тогаш лично ќе почувствуваш како Јехова „нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4; Римјаните 15:4). Тој ветува дека ќе ти го даде „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6, 7, 13).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Моли го Јехова да ти помогне да останеш смирен и да размислуваш трезвено.

  • Разгледај ги сите можности и избери ја онаа што сметаш дека е најдобра.

2. ГРИЖИ СЕ ЗА СЕБЕ И ЗА СЕМЕЈСТВОТО

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Срцето на разборитиот стекнува знаење и увото на мудрите бара знаење“ (Изреки 18:15). Биди во тек со работите. Треба да знаеш какви потреби има секој член од семејството. Разговарај со нив. Слушај ги внимателно (Изреки 20:5).

Што ако некој твој близок умре? Немој да ги потиснуваш своите чувства. Во една прилика, дури и Исус ‚почнал да рони солзи‘ (Јован 11:35; Проповедник 3:4). Многу е важно доволно да се одмораш и да спиеш (Проповедник 4:6). Така ќе можеш полесно да се справуваш со тешките ситуации.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Одржувај отворена комуникација со сите од семејството. Така ќе им биде полесно да разговараат со тебе кога ќе дојде до проблеми или ќе се случи некој немил настан.

  • Разговарај со други лица што биле во слична ситуација.

3. НАЈДИ ПОДДРШКА

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Твоите пријатели сакаат да ти помогнат, но можеби не знаат како. Слободно кажи им што сакаш да направат за тебе (Изреки 12:25). Исто така, побарај духовна помош од оние што ја разбираат Библијата. Библиските совети што ќе ти ги дадат можат многу да ти помогнат (Јаков 5:14).

Голема поддршка ќе најдеш ако често си заедно со луѓе што имаат вистинска вера во Бог и во неговите ветувања. Утеха ќе најдеш и додека им помагаш на други на кои им е потребно охрабрување. Зборувај им за твојата вера во Јехова и за убавите работи што ги ветил. Биди зафатен со тоа што ќе им помагаш на другите и не ги избегнувај оние што те сакаат и се грижат за тебе (Изреки 18:1; 1. Коринќаните 15:58).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Разговарај со некој близок пријател и дозволи му да ти помогне.

  • Отворено и конкретно кажи му што ти е потребно.