Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА 3

Како да ги решавате проблемите

Како да ги решавате проблемите

„Горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8)

Откако ти и твојот сопружник ќе стапите во брак, ќе се појават најразлични проблеми. Тие може да произлезат од разликите во вашите размислувања, чувства и ставови. Проблеми може да се појават и поради некои надворешни влијанија и неочекувани настани.

Библијата нѐ советува да ги решаваме проблемите, а не да бегаме од нив (Матеј 5:23, 24). Библиските совети можат да ви помогнат да ги решавате проблемите на најдобар можен начин.

1. РАЗГОВАРАЈТЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Има... време за зборување“ (Проповедник 3:1, 7). Одвој време да разговарате за проблемот. Отворено кажи му на твојот сопружник што мислиш и како се чувствуваш. Секогаш ‚зборувај ја вистината‘ (Ефешаните 4:25). Дури и кога си многу изнервиран, не почнувај караница. Со тоа што ќе останеш смирен, ќе спречиш една обична дискусија да прерасне во жестока расправија (Изреки 15:4; 26:20).

Дури и кога имате различни мислења за некоја работа, остани љубезен и никогаш не престанувај да покажуваш љубов и почит кон твојот брачен другар (Колошаните 4:6). Обиди се што побргу да го решиш несогласувањето и не дозволувај да се прекине комуникацијата меѓу вас (Ефешаните 4:26).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Договори се со твојот сопружник кога да разговарате за проблемот.

  • Кога другиот зборува, не го прекинувај. Ќе дојде и твојот ред да зборуваш.

2. СЛУШАЈ И ПОКАЖИ РАЗБИРАЊЕ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Многу е важно како слушаш додека другиот зборува. Потруди се да го разбереш гледиштето на твојот сопружник така што ќе покажеш сочувство и понизност (1. Петрово 3:8; Јаков 1:19). Немој само да се преправаш дека слушаш. Ако е можно, остави го она што го правиш во моментот и посвети му целосно внимание на твојот сопружник или, пак, замоли го да разговарате малку подоцна. Ако на твојот партнер гледаш како на соиграч а не како на противник, нема „брзо да се навредуваш“ (Проповедник 7:9).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Слушај внимателно додека другиот зборува, дури и ако не ти се допаѓа она што го слушаш.

  • Не се задржувај само на зборовите на твојот сопружник. Обрни внимание на неговите гестови, изразот на лицето и тонот на гласот.

3. СПРОВЕДЕТЕ ГИ ОДЛУКИТЕ

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Од секој труд има корист, а празните зборови водат до немаштија“ (Изреки 14:23). Не е доволно само да дојдете до едно добро заедничко решение. Треба и да го спроведете на дело. Тоа можеби ќе бара многу труд, но сигурно ќе се исплати (Изреки 10:4). Ако соработувате како еден тим, вашиот труд нема да биде залуден (Проповедник 4:9).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

  • Одредете што може да стори секој од вас за да го решите проблемот.

  • Одвреме-навреме разговарајте за тоа каков напредок сте постигнале.