Префрли се на текстот

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Улицата ми беше дом“

„Улицата ми беше дом“
  • Роден: 1955

  • Земја: Шпанија

  • Некогаш: Се дрогирал, се опивал и бил насилен

МОЕТО МИНАТО

 На некои луѓе им треба многу време за да научат нешто од болните искуства во животот. Јас бев таков. Роден сум и пораснав во Барселона, втор град по големина во Шпанија. Моето семејство живееше во дел од Барселона наречен Соморостро, големо подрачје кое се протегаше покрај плажите и беше познато по криминалот и дилерите на дрога.

 Моите родители имаа девет деца, а јас бев најстариот. Бидејќи бевме многу сиромашни, татко ми ме испрати да работам како собирач на топчиња во еден тениски клуб во близина. Имав десет години и работев по десет часа дневно. Поради тоа не можев да одам на школо како другите деца на моја возраст. На 14 години почнав да работам во една металостругарска работилница.

Во специфичната униформа на Шпанската легија на странци во Северна Африка, на која се приклучив во 1975

 Во 1975 год. бев повикан за воена служба, која беше задолжителна во Шпанија. Сакав авантура во животот, па затоа се пријавив да служам во Шпанската легија на странци во Мелиља, шпанска енклава во Северна Африка. Во тој период, навлегов длабоко во светот на дрогата и алкохолот.

 Откако ја напуштив Шпанската легија, се вратив во Барселона и оформив банда. Крадевме што ќе стигнеме, а украдените работи ги продававме за да имаме пари за дрога. Почнав да земам ЛСД и амфетамини, и мојот живот се состоеше од секс, алкохол и коцкање. Тој лош начин на живот ме правеше сѐ понасилен. Со себе секогаш имав нож, секирче или мачета, и не се двоумев да ги употребам ако затреба.

 Еднаш нашата банда украде кола и нѐ бркаше полиција. Беше како на филм. Ја возевме колата едно 30 километри, и тогаш полицијата почна да пука во нас. На крај, оној што возеше ја удри колата и тогаш сите избегавме. Се разбира, кога татко ми дозна за тоа, ме исфрли од дома.

 Следните пет години улицата ми беше дом. Спиев во влезови, во камиони, на клупи и на гробишта. Кратко време живеев и во пештера. За мене животот немаше смисла, па ми беше сеедно дали сум жив или не. Под дејство на дрога се сечев по рацете. Сѐ уште имам лузни.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

 Имав 28 години кога мајка ми ме побара и ме викна да се вратам дома. Се согласив и ѝ ветив дека ќе си го средам животот. Но, ми требаше време за да си го исполнам ветувањето.

 Еден ден, на нашата врата дојдоа двајца Јеховини сведоци. Додека слушав што имаа да кажат, татко ми свика да им ја треснам вратата пред нос. Никогаш не сакав некој да ми наредува, па не го послушав. Ми понудија три мали книги и јас со задоволство ги зедов. Ги прашав каде се собираат, и по неколку дена дојдов пред нивната сала.

 Најмногу ми падна во очи тоа што сите беа уредно облечени. За разлика од нив, јас имав долга коса, несредена брада и износени алишта. Беше очигледно дека не се вклопувам, па останав надвор. Се изненадив кога таму го видов Хуан, поранешен другар од мојата банда, дотеран во одело. Подоцна дознав дека станал Јеховин сведок само една година претходно. Тоа што го видов него ми даде храброст да влезам на состанок. Од тој момент мојот живот почна да се менува.

 Прифатив да ја проучувам Библијата и брзо сфатив дека, ако сакам да му угодам на Бог, мора да се сменам и да расчистам со насилството и неморалот. Но, тоа не ми одеше баш лесно. За да му угодам на Јехова Бог, морав да го сменам начинот на размислување и да станам нов човек (Римјаните 12:2). Божјата милост длабоко ме трогна. Иако направив многу грешки во животот, осетив дека Бог ми дава втора шанса. Она што го учев за Јехова Бог ми се врежа во срцето. Ми стана јасно дека постои Творец кој се грижи за мене (1. Петрово 5:6, 7).

 Тоа ме поттикна да почнам да правам промени. На пример, додека проучував, кога стана збор за пушењето, си реков: Ако Јехова Бог сака да бидам чист во секој поглед, тогаш мора да расчистам со цигарите (2. Коринќаните 7:1). И така цигарите завршија во канта.

 Исто така, морав да престанам да користам и да продавам дрога. За ова ми требаше повеќе време и сила. Знаев дека, за да ја постигнам оваа цел, мора да прекинам секаков контакт со моите поранешни другари. Под нивно влијание не можев духовно да напредувам. Со текот на времето, почнав повеќе да се потпирам на Бог и на помошта од моите нови пријатели меѓу Јеховините сведоци. Првпат во животот осетив што значи некој да те сака и да биде заинтересиран за тебе како личност. По неколку месеци конечно се ослободив од дрогата и станав нов човек, а тоа ми помогна да бидам во добар однос со Бог (Ефешаните 4:24). Во август 1985 год. станав Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

 Библијата ми го смени животот на подобро. Ми помогна да се ослободам од лошите навики што ми го рушеа и здравјето и достоинството. Над 30 души од оние со кои се дружев умреа млади од СИДА или од други болести поврзани со употреба на дрога. Да не ги применував библиските начела, сигурно ќе завршев како нив.

 Не ни помислував дека еден ден наместо ножеви и секири со себе ќе носам Библија за да им помагам на луѓето. Сега, заедно со жена ми посветуваме голем дел од нашето време за да ги поучуваме другите за Бог.

 Моите родители никогаш не станаа Јеховини сведоци, но се радуваа што се сменив благодарение на Библијата. Татко ми дури и ги бранеше Јеховините сведоци пред своите колеги. Беше свесен дека мојата вера ме смени на подобро. Мајка ми често знаеше да рече дека требаше порано да почнам да ја проучувам Библијата. Потполно се согласувам со неа!

 Животот ме научи колку е бесмислено да бараш задоволство во дрога и во други пороци. Вистинско задоволство наоѓам сега, додека ги поучувам другите за Божјата Реч која ми го спаси животот.