Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Порнографијата може да ти го уништи бракот

Порнографијата може да ти го уништи бракот

 Сопругата ја открила тајната на својот сопруг. Тој длабоко ѝ се извинил. Ветил дека ќе престане да го прави тоа, и навистина престанал — но само некое време. Потоа повторно почнал да гледа порнографија, и работите се вртеле во круг.

 Дали и ти си во слична ситуација? Ако да, треба да сфатиш како твојата навика да гледаш порнографија влијае врз твојата сопруга, и како можеш да престанеш со тоа еднаш засекогаш. a

Во оваа статија

 Што треба да знаеш

 Порнографијата може да го уништи бракот. Кога еден од сопружниците гледа порнографија, невиниот брачен другар може да се чувствува огорчено и да ја изгуби довербата. b

 Една жена чиј сопруг гледа порнографија може:

  •   Да се чувствува изневерено. Една жена по име Сара вели: „Се чувствував како мојот сопруг одново и одново да прави прељуба“.

  •   Да се чувствува безвредно. Една жена чиј сопруг гледал рекла: „Имав чувство дека сум грда и се чувствував понижено“.

  •   Да ја изгуби довербата. „Се сомневам во сѐ што прави мојот сопруг“, вели Хелен.

  •   Да чувствува постојана загриженост. Катерина признава: „Не можев да мислам на ништо друго освен на тоа дека мојот сопруг гледа порнографија“.

 Размисли: Во Библијата пишува дека еден маж треба да ја сака својата жена (Ефешаните 5:25). Дали тој покажува дека ја сака ако кај неа ги предизвикува чувствата што се наведени погоре?

 Што можеш да сториш

 Не е лесно некој да престане да гледа порнографија. Стејси вели: „Мојот сопруг се откажа од цигарите, марихуаната и алкохолот, но сѐ уште не може да престане да гледа порнографија“.

 Ако и ти си во таква ситуација, следниве предлози можат да ти помогнат да престанеш со таа навика еднаш засекогаш.

  •   Разбери зошто порнографијата е штетна. Порнографијата ги поттикнува луѓето да си ги задоволуваат себичните желби, со што се поткопуваат љубовта, довербата и верноста кои се неопходни за еден среќен брак. Оној што гледа порнографија покажува дека не го почитува Јехова, кој го создал бракот.

     Библиско начело: „Бракот нека биде чесен“ (Евреите 13:4).

  •   Прифати ја одговорноста за своите постапки. Немој да велиш: „Не би гледал порнографија доколку жена ми покажува повеќе љубов“. Не е фер да ја префрлуваш вината врз твојата жена. Тоа само ќе ти биде како изговор повторно да гледаш порнографија кога таа ќе те разочара.

     Библиско начело: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами“ (Јаков 1:14).

  •   Биди отворен и искрен со својата сопруга. Кевин вели: „Секој ден разговарам со жена ми за тоа дали сум го задржал мојот поглед на нешто провокативно или сум успеал веднаш да го тргнам. Ваквата редовна комуникација ни помага да нема никакви тајни меѓу нас“.

     Библиско начело: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).

  •   И понатаму биди претпазлив. Дури и по неколку години, кога мислиш дека си ја совладал навиката, може да се случи повторно да ѝ подлегнеш. Кевин, кого го цитиравме претходно, вели: „Успешно се борев со порнографијата десет години и бев уверен дека мојот проблем е решен. Но оваа зависност цело време се криела во мене, чекајќи го вистинскиот момент за повторно да избие на површина“.

     Библиско начело: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Коринќаните 10:12).

  •   Кога ќе се најдеш на искушение, не се предавај. Иако можеби не можеш да спречиш да ти се појави некоја неисправна желба, сепак можеш да одлучиш како ќе реагираш. Доколку научиш да ги пренасочуваш мислите на други работи, желбата ќе помине — можеби дури и побрзо отколку што мислиш.

     Библиско начело: „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст својствена на народите што не го познаваат Бог“ (1. Солуњаните 4:4, 5).

  •   Избегнувај ситуации кои би можеле да те наведат да ѝ подлегнеш на слабоста. Во една книга што зборува за борбата против зависности пишува: „Штом се најдеш во ситуација во која лесно можеш да ѝ подлегнеш на слабоста, веќе си го запалил чкорчето. Доволно е само малку гориво... за да избувне оган“ (Willpower’s Not Enough).

     Библиско начело: „Не дозволувај со мене да завладее никакво зло!“ (Псалм 119:133).

  •   Не губи надеж. Можеби ќе биде потребно долго време — дури и години — за твојот брачен другар да си ја врати довербата во тебе. Но, искуството покажува дека тоа е можно.

     Библиско начело: „Љубовта е долготрпелива“ (1. Коринќаните 13:4).

a Иако оваа статија е наменета за мажите, начелата во неа важат и за жените кои гледаат порнографија.

b Некои брачни парови тврдат дека тоа што заедно ќе гледаат порнографија може да им го подобри брачниот живот. Меѓутоа, тоа не е во склад со библиските начела (Изреки 5:15-20; 1. Коринќаните 13:4, 5; Галатите 5:22, 23).