Префрли се на текстот

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ

Заштити го твоето дете од порнографија

Заштити го твоето дете од порнографија

 „Не дека не знаевме колку е опасна порнографијата — баш напротив — но не бевме свесни колку лесно нашата ќерка може да биде изложена на такво нешто“ (Никол).

Во оваа статија

 Што треба да знаеш

 Децата можат да бидат изложени на порнографија уште на рана возраст. Истражувањата покажуваат дека просечната возраст кога едно дете првпат ќе види порнографија сега е 11.

 Децата можат да бидат изложени на порнографија и без да ја бараат. На пример, може случајно да наидат на порнографија додека истражуваат нешто на интернет или додека се на социјалните мрежи. Може наеднаш да им се појават порнографски реклами додека играат онлајн видеоигри. Порнографијата е достапна во различни облици, најчесто во облик на фотографии и видеа. Сепак, многу е лесно да се најдат еротски содржини на интернет кои може да се читаат или да се слушаат.

 Уште еден фактор што треба да се земе предвид е тоа што некои поединци можат да им испратат на деца експлицитни содржини преку порака. Во едно истражување во кое биле вклучени преку 900 млади лица, речиси 90 отсто од девојчињата и речиси 50 отсто од момчињата рекле дека нивните соученици редовно им испраќаат фотографии и видеа од голи луѓе.

 Порнографијата која е најзастапена честопати е насилна. Порнографијата која е најпопуларна и лесно достапна обично содржи одреден степен на насилство, честопати врз жени.

 Порнографијата е штетна за децата. Истражувањата покажуваат дека кај децата кои се изложени на порнографија има поголема веројатност за следново:

  •   лош успех на училиште

  •   анксиозност, депресија и чувства на безвредност

  •   прифаќање на сексуалната агресија како нешто нормално

 Заклучок: Ако едно дете гледа порнографија, тоа веројатно негативно ќе се одрази врз него, а родителите се оние кои најмногу можат да го заштитат.

 Библиско начело: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7).

 Како да го заштитиш твоето дете од порнографија

 Информирај се. Размисли кога и каде твоето дете би можело да биде изложено на порнографија. На пример, дали има пристап до интернет без надзор за време на школскиот одмор?

Твоето дете може да биде изложено на порнографија од најразлични извори

 Дознај какви безбедносни опции има неговиот телефон и запознај се со апликациите што ги користи и со игрите што ги игра. На пример, на некои апликации може да се испраќаат пораки со експлицитна содржина — текст, слика или видео — кои ќе исчезнат за кратко време. А сѐ поголем е бројот на онлајн видеоигри кои им овозможуваат на оние што играат да гледаат порнографија, па дури и да учествуваат во виртуелни сексуални постапки во самата игра.

 „Ова го кажувам од искуство: Ако твоето дете има смартфон, ти како родител треба да знаеш како да го користиш, како да поставиш опции за родителска контрола и како да проверуваш на кој начин твоето дете го користи телефонот“ (Дејвид).

 Библиско начело: „Срцето на разборитиот стекнува знаење“ (Изреки 18:15).

 Направи сѐ што можеш за да спречиш твоето дете да биде изложено на порнографија. Преземи мерки за да го намалиш ризикот. На пример, на телефонот на твоето дете, како и на сите електронски уреди во домот, вклучи опции за блокирање на експлицитни содржини. Активирај ја опцијата за родителска контрола. И знај ги сите лозинки што ги користи твоето дете.

 „Ја вклучив опцијата за родителска контрола на нашите уреди и го ограничив пристапот на мојот син до некои програми на телевизорот. Освен тоа, ја знам лозинката на неговиот телефон“ (Маурицио).

 „Не им дозволувам на моите синови да гледаат видеа во нивната соба со затворена врата. А кога е време за спиење, не смеат да си ги земат електронските уреди во собата“ (Џанлука).

 Библиско начело: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“ (Изреки 22:3).

 Подготви го твоето дете. Една мајка по име Флавија вели: „Некои родители избегнуваат да зборуваат со своето дете за порнографија, убедени дека тоа никогаш нема да се соочи со ваков проблем“. Други родители, пак, можеби си велат: „Ако јас ја започнам таа тема, моето дете ќе почне да бара такви материјали“. Ваквото размислување е опасно. Мудрите родители ќе го поучат своето дете за опасностите од порнографијата пред тоа да биде изложено на вакви содржини. Како можеш да го направиш тоа?

 Поучи ги помалите деца што да направат ако бидат изложени на експлицитни содржини. На пример, можат да ги затворат очите или да го исклучат електронскиот уред. И поттикни ги да ти кажат што виделе или слушнале. a

 „Почнавме да разговараме со син ми за опасностите од порнографијата уште кога беше многу мал. Кога имаше околу 11 години, почнале да му се појавуваат порнографски реклами во играта што ја имаше преземено на неговиот телефон. Во рекламите пишувало и да испрати слики од себеси. Бидејќи веќе имавме разговарано како да постапи, тој веднаш дојде кај мене и ми кажа што се случило“ (Маурицио).

 Библиско начело: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6).

 Помогни им на поголемите деца да одолеат на искушението да гледаат, слушаат или читаат порнографија. На пример, би можел да му помогнеш на твоето дете да состави еден договор, во кој ќе напише што ќе направи ако наиде на порнографија и зошто сака да го направи тоа. Во договорот нека ги вклучи и последиците од намерното гледање порнографија, како што се изгубена самопочит, изгубена доверба од родителите и нарушено пријателство со Бог. b

 „Како што децата растат, помогни им да одолеат на искушението да гледаат порнографија така што ќе мислат на долгорочните последици“ (Лорета).

 „Ако нашите деца разберат не само кои се опасностите од порнографијата туку и како ќе се чувствува Јехова ако гледаат такви содржини, ќе бидат позаштитени“ (Дејвид).

 Библиско начело: „Мудроста е заштита“ (Проповедник 7:12).

 Редовно разговарајте. Колку и да е тешко да се поверува, децата сакаат да зборуваат со своите родители за теми поврзани со сексот, вклучувајќи ја и порнографијата. Рејчел де Суза, која е комесар за деца во Англија, вели: „Силната порака која ни ја испраќаат децата е да зборуваме со нив што порано и што почесто... Децата сакаат да зборуваат за вакви работи на начин кој е соодветен на нивната возраст и кој ќе се менува како што тие созреваат“.

 „Додека растев, на некои теми моите родители никогаш не разговараа со мене. Би сакала да имавме поотворена и послободна комуникација. Сега, кога јас сум мајка, давам сѐ од себе да зборувам со моите деца за сексот редовно и во опуштен разговор“ (Флавија).

 Ако твоето дете било изложено на порнографија

 Остани смирен. Ако си дознал дека твоето дете гледало, слушало или читало порнографија, труди се да се контролираш како ќе реагираш. Тоа можеби веќе се чувствува вознемирено, шокирано или виновно поради она што се случило. Ако избувнеш, само ќе направиш детето да се чувствува полошо и ќе бидат помали шансите да сака да разговара со тебе на таа тема во иднина.

 Библиско начело: „Оној што е воздржан во своите зборови, навистина е мудар, и разборитиот човек има мирен дух“ (Изреки 17:27).

 Дознај ги фактите. Наместо да избрзуваш со заклучокот, постави му прашања на твоето дете за да дознаеш како било изложено на порнографија. На пример, дали некој му ја пратил сликата или самото ја нашло? Дали се случило само еднаш или и претходно гледало порнографија? Дали на електронскиот уред што го користело има вклучено блокирање на експлицитни содржини или инсталирано родителска контрола? Ако да, дали детето нашло начин да ги заобиколи тие безбедносни функции? Имај на ум дека твоето дете не треба да се чувствува како да е на испрашување, туку треба да се чувствува слободно да се искаже.

 Библиско начело: „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5).

 Преземи нешто. На пример, ако детето случајно наишло на порнографија, можеби треба да ги подесиш опциите за родителска контрола и блокирање на експлицитни содржини на неговиот уред.

 Ако сфатиш дека детето намерно барало порнографија, казни го одлучно, но со љубов. За да ја зајакнеш решеноста на твоето дете да не гледа порнографија, разговарај со него на темел на библиски стихови како што се Јов 31:1, Псалм 97:10 и Псалм 101:3. c И стави му до знаење дека ќе зборуваш со него за тоа секоја седмица — и за да видиш како му оди и за да видиш што друго можеш да направиш за да му помогнеш.

 Библиско начело: „Не раздразнувајте ги своите деца, туку воспитувајте ги со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Ефешаните 6:4).

a Некои предлози за тоа како да разговараш со твоето дете за сексот на начин кој е соодветен на неговата возраст има во статијата „Разговарај со своите деца за сексот

b Додатни идеи за тоа што да биде вклучено во договорот има во работниот лист „Како да се заштитам од порнографија?

c Освен тоа, можете заедно да ја разгледате статијата „Зошто порнографијата е штетна?