Префрли се на текстот

Што вели Библијата за шминкањето и носењето накит?

Што вели Библијата за шминкањето и носењето накит?

Што вели Библијата:

 Иако Библијата не зборува на оваа тема во детали, таа не го осудува шминкањето, носењето накит и другите начини на разубавување. Меѓутоа, Библијата истакнува дека не е најважна надворешната убавина, туку внатрешната. Таа нѐ поттикнува нашиот украс да биде „мирниот и благ дух“ (1. Петрово 3:3, 4).

Библијата не го осудува дотерувањето

  •   Некои верни жени за кои зборува Библијата се дотерувале. Ревека, која се омажила за Исак, синот на Авраам, носела златна алка на носот, златни белегзии и друг скап накит кој го добила како подарок од нејзиниот иден свекор (1. Мојсеева 24:22, 30, 53). А Естира добивала третмани за разубавување како дел од подготовките за нејзината можна улога на царица во Персиското Царство (Естира 2:7, 9, 12). Во тие третмани се користела најразлична козметика (New International Version; Easy-to-Read Version).

  •   Во Библијата има споредби во кои накитот се спомнува во позитивно светло. На пример, некој што дава добри совети е спореден со „златна обетка [за] увото што слуша“ (Изреки 25:12). Исто така, самиот Бог го споредил начинот на кој постапувал со израелскиот народ со еден маж кој ја кити својата невеста со белегзии, ѓердан и обетки. Така, во симболична смисла народот станал многу убав (Езекиел 16:11-13).

Погрешни сфаќања за шминкањето и носењето накит

 Погрешно сфаќање: Во 1. Петрово 3:3, Библијата го осудува „плетењето на косата и украсувањето со злато“.

 Вистина: Од контекстот се гледа дека Библијата истакнува колку е повредна внатрешната убавина во однос на надворешниот изглед или дотерувањето (1. Петрово 3:3-6). Ваквата разлика е истакната и на други места во Библијата (1. Самоилова 16:7; Изреки 11:22; 31:30; 1. Тимотеј 2:9, 10).

 Погрешно сфаќање: Не е во ред да се користи шминка бидејќи злобната царица Језавела си ги шминкала очите (2. Царевите 9:30).

 Вистина: Језавела била убиец и се занимавала со гатање. Таа била осудена поради нејзините злодела, а не поради нејзиниот изглед (2. Царевите 9:7, 22, 36, 37).